Премолчената лага за Асанж

16.08.2021 17:15
Премолчената лага за Асанж

 
  Најпознатиот светски свиркач Џулијан Асанж на почетокот на јули го прослави 50-от роденден, десетти по ред кој го дочека во затвор поради објавување документи на Викиликс кои имплицираат одговорност на американската влада за воени злосторства во Ирак и Авганистан. За роденденот овојпат доби подарок, признание на клучниот сведок на американското обвинителство дека сите обвиненија на ФБИ против Асанж се фабрицирани. Сепак, таа „бомба“ не одекна дури ни толку да биде објавена во водечките медиуми кои имаа корист од откритијата на Викиликс, а уште помалку во правосудните институции на државата која го гони.

Асанж од април 2019 се наоѓа во самица во затворот со висока безбедност Белмарш во Лондон, а во јануари годинава тамошниот суд одби барање за испорачување во САД, каде против него е покренато обвинение за шпионажа и за други престапи, со вкупна максимална казна од 175 години затвор. Барањето е одбиено врз основа на хуманитарни причини, односно поради фактот дека здравствената состојба му е толку нарушена што не е сигурно дека би го преживеал извесното измачување на кое таму би бил подложен.

На почетокот на летото, исландскиот двонеделник Stundin го објави откритието дека поранешниот волонтер на Викиликс, Сигурдур Тордарсон, подоцна клучен сведок на американското обвинителство, ги измислил обвинувањата во кои тврдеше дека Асанж го инструирал да хакира и илегално да прислушкува различни исландски институции, што американското Министерство за правосудство го искористи како клучен доказ за обвинението дека Викиликс е организација која се бави со шпионажа.

Не само што Тордарсон признал за исландскиот весник дека обвинувањата ги измислил, туку се покажало и дека клучниот сведок е всушност осудуван криминалец и поранешен затвореник, со досие кое вклучува проневера и сексуални престапи врз малолетници. Иако уште тогаш било јасно дека се работи за недоверлив сведок, администрацијата на Доналд Трамп, која го започна процесот Асанж, во замена за сведочење му понудила на Тордарсон помош околу имунитет од судски прогон, а неговото сведочење го направи темел за обновување на обвинението од претходната година.

Како што нагласува правната советничка на Асанж, Џенифер Робинсон, целиот случај од почетокот е исполнет со бројни кршења на праведната судска постапка, а признанието на клучниот сведок дека лажел, во секој друг случај, барем по правилата на правната држава како што ја сфаќа либералната демократија, би резултирало во отфрлање на обвинението. Но наместо тоа, американското Министерство за правосудство, сега под демократскиот претседател Џо Бајден, само една недела по објавата на Stundin, поднесе жалба на одлуката за неиспорачување, а британскиот Висок суд таа жалба се согласи да ја сослуша.

Извор: Portal Novosti 
Фото: Simon Dawson/Reuters

ОкоБоли главаВицФото