Каде потфрли САД во потрошените пари во Авганистан

17.08.2021 12:46
Каде потфрли САД во потрошените пари во Авганистан

 
  Има разни начини да се бројат трошоците за најдолгата војна на САД. Крвта е највредната мерка. Ниедно богатство не може да се спореди со тоа.

Но, додека снимките од Авганистанци што го преплавуваат аеродромот во очајнички обид да побегнат од талибанската власт го обиколуваат светот, огромните суми што САД ги потроши во обид од Авганистан да направи либерална демократија бараат детална контрола. Инаку, лекциите ќе бидат заборавени, а трагичните грешки повторени.

Основа на кој било обид за градење држава е безбедноста. Ако луѓето не се чувствуваат безбедно тогаш нестабилноста и корупцијата ќе цветаат додека официјалната економија ќе пропаѓа. Во 2001 авганистанската економија беше во рушевини поради повеќе од дваесетгодишната војна која се случи пред инвазијата, предводена од САД во октомври таа година.

Од 2001 година САД потрошиле 2.260 милијарди во Авганистан, покажува пресметката на проектот Воени трошоци (Costs of War Project ) на Универзитетот Браун. Најголемиот дел, речиси илјада милијарди, ги проголтал буџетот за вонредни операции вон државата во Министерството за одбрана. Вториот најголем износ, 530 милијарди долари, е проценета камата на парите кои американската влада ги позајмила да ја финансира војната.

Но, и покрај сите тие илјади милијарди, Авганистан и натаму ја има една од најмалите економии на планетата. Минатата година, претседателот Ашраф Гани рекол дека 90% од жителите живеат со два или помалку долари месечно.

Водечки извозник на наркотици

Истовремено, забранетата економија цветала. Откако американските сили ги избркаа Талибанците од власта во 2001, Авганистан го забетонира своето место како водечки глобален извозник на опиум и хероин, а веројатно така и ќе остане после новата победа на Талибанците.

Ако тоа не е доволно за САД, тогаш колапсот на авганистанската армија и на владата која требаше да ја штити, би требало да биде.

Од 2001 година САД издвоиле повеќе од 144 милијарди за реконструкција на Авганистан. Поголемиот дел од тие пари отишол кај приватни фирми и невладини организации кои американската влада ги задолжила за спроведување програми и проекти за изградба на авганистанските безбедносни сили, унапредување на управата, економска помош, социјален развој и борба против нелегални дроги.

Најголемиот и најскапиот неуспех на обновата беа 88,3 милијарди долари потрошени на обука и опремување на авганистанските војски од мај 2002 до март годинава. Авганистанската војска требаше да ги совлада Талибанците и останатите оружени групи, како Ал-Каеда или ИСИЛ, кои беа егзистенцијална закана за Владата.

Но, брзината со која 300.000 луѓе се предадоа пред напредокот на талибанците покажува колку малку вера имаат војниците во институциите на кои им служеле и на кои се заколнале.


Специјален инспектор

Единствените историски и културни фактори на Авганистан несомнено помогнале за тој исход. Но, слабото следење и оценување на американската работа исто така се виновни за фрлањето пари.

Поради тоа американскиот конгрес го именуваше Специјалниот генерален инспектор за обнова на Авганистан (SIGAR). Тој од 2008 ја проверува работата на обновата на Авганистан, а познати се по отворените извештаи кога се работи за измама или расипништво.

На пример, во извештајот од 2017 за американските напори за обука на авганистанските безбедносни сили се наведува како „политички ограничената“ рамка на Вашингтон „постојано го потценува отпорот на авганистанските бунтовници“ а се преценуваат капацитетите на авганистанските државни сили.

SIGAR наведува и дека САД грешеле со давањето напредни оружени и други системи на мнозинството неписмени војници што довело до зависност од американските сили а не создавање на самодоволна војска.

Важно четиво

Минатиот месец SIGAR го објави својот 10-ти извештај за „научените лекции“ во Авганистан.

„Во непредвидливо и хаотично окружување како Авганистан, слабата контрола и погрешното спроведување на планот може да ги загрози односите со локалните заедници, да ги загрози животите на лицата во американската и авганистанската влада и да ги поткопа стратешките цели“, наведува во заклучокот Џон Ф. Сопко.

Извештајот од 324 страни е обемно, но важно четиво. Сопко, кој во првите редови го гледа забавениот приказ на катастрофата на американското делување во Авганистан, истакнува каде најверојатно ќе се почувствува влијанието на работата на неговата канцеларија.

„Речиси е аксиоматски САД постојано да учествува во големи проекти на обнова. Ако тоа повторно се случи – макар за неколку години или децении – откритијата, лекциите и препораките од овој извештај може да бидат корисни“, пишува.

Навистина корисни, но тие лекции за Авганистан дојдоа предоцна.

Извор: Ал Џазира