Документарци за словенечкиот дел од „Новиот бран“

20.08.2021 09:58
Документарци за словенечкиот дел од „Новиот бран“

Во рамките на августовската програма на Кинотеката ќе бидат прикажани три музички документарци во словенечка продукција со проекции на 23 август (понеделник) и 24 август (вторник).

Под генералниот наслов „Музиката е уметност на времето“ (Glasba je časovna umetnost / Music is the Art of Time), Игор Зупе (Igor Zupe) реализира два документарци – за албумите на бендовите „Лајбах“ („Laibach“) и „Панкрти“ („Pankrti“) – а Варја Мочник (Varja Močnik) за пресвртничкиот албум на бендот „Булдожер“ („Buldožer“).

Реализирани во почетокот на осумдесеттите, албумите на овие бендови ги поставија темелите на музичкиот и социополитичкиот бунт во Словенија, како што во Загреб и Белград паралелно се тркалаа настаните во ритамот на „новиот бран“.

Гости на проекциите ќе бидат документаристот Игор Зупе и филмскиот режисер Андреј Кошак.Овие три документарни филмови Кинотеката ги прикажува во соработка со амбасадата на Република Словенија во Скопје.

 23 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20 ч.

МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 3: ЛП ФИЛМ ЛАЈБАХ
(Glasba je časovna umetnost 3: LP film Laibach / Music is the Art of Time 3: LP film Laibach)
Документарен филм, Словенија
2018, 52 мин., колор, ДЦП
Режија: Игор Зупе (Igor Zupe)
Сценарио: Игор Зупе, Игор Башин (Igor Zupe, Igor Bašin)
Учествуваат: членовите на „Лајбах“, Дејан Кнез, Иван Новак, Андреј Лупинц, Милан Фрас, Игор Видмар, Драган Живадинов (Laibach, Dejan Knez, Ivan Novak, Andrej Lupinc, Milan Fras, Igor Vidmar, Dragan Živadinov)
Филм за првиот официјален домашен албум на „Лајбах“ од 1985 година. Иако во тоа време името на бендот беше политички забрането во Словенија и СФР Југославија (Laibach е германското име за Љубљана користено за време на нацистичката окупација во Втората светска војна), винилната плоча беше објавена без име и наслов. Црниот крст на корицата и онака беше доволен за провокација и реакција на политичкиот естаблишмент: „Лајбах“ остана најверојатно најконтроверзниот арт-бенд (како дел од политичко-уметничкото движење „Neue Slowenische Kunst“ / „Нова словенечка уметност“) до ден денешен, со неговиот специфичен стил „Laibach Kunst“. Документарецот на Зупе се концентрира на првите пет круцијални години од постоењето на бендот чии членови се прокламираа како „инженери на човековата душа“, иронизирајќи го социјалистичкиот реализам во уметноста и културата на некогашна Југославија по Втората светска војна, и потсетува на улогата на некогашниот фронтмен на групата Томаж Хостник (Tomaž Hostnik (1961–1982).
Возрасна категорија: 14 години

23 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 21 ч.
МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 1: ЛП ФИЛМ ПАНКРТИ – „ДОЛГЦАЈТ“
(Glasba je časovna umetnost 1: LP film Pankrti – Dolgcajt / Music Is the Art of Time1: LP Film Pankrti – Boredom/No-Fun)
Документарен филм, Словенија
2006, 47 мин., колор, ДВД
Режија: Игор Зупе (Igor Zupe)
Сценарио: Игор Зупе, Игор Башин, Барбара Келбл (Igor Zupe, Igor Bašin, Barbara Kelbl)
Учествуваат: Владимир Арсенијевиќ, Марин Росиќ, Борис Цибеј, Стане Сушник, Мојца Хочевар (Vladimir Arsenijević, Marin Rosić, Boris Cibej, Stane Sušnik, Mojca Hočevar)
Документарецот на Зупе ја раскажува приказната за времето кога музиката имала моќ да го промени светот. Тоа е приказна за деби-албумот „Dolgcajt“ (на англиски преведуван како No Fun) во траење од 36 минути и 6 секунди. „Панкрти“ 1978 и 1979 година со енергичните концерти и песните „Убави и празни“, „Тотална револуција“, „Кои се тие луѓе“, „На линија сум“, „Метка“, „Леб и игри“ (Lepi in prazni, Totalna revolucija, Kdo so ti ljudje, Jest sm na liniji, Metka, Kruha in iger) и други влијаеја пресудно на трендовите на југословенската рок сцена, посебно во Загреб и Белград. Во сивилото на социјалистичкото секојдневие, „Панкрти“ го издадоа првиот панк-албум зад „Железната завеса“ која ги делеше европскиот Исток и Запад, а СФР Југославија беше „нешто помеѓу“. „Dolgcajt“ (или „Здодевност“; на словенечки: dosada, на англиски: boredom) е издаден на Денот на словенечката култура во 1980 година. Продадени се 11.000 примероци од албумот, а државниот издавач ЗКП РТВ од Љубљана (ZKP RTV – Založba kaset in plošč RTV / Publishing and Record Label RTV) никогаш повеќе не го објави. Албумот на „Панкрти“ влијаеше на цели генерации музичари и неговото издание сè уште е една од пресвртниците на словенечката музика.
Возрасна категорија: 14 години

24 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20 ч.
МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 2: ЛП ФИЛМ БУЛДОЖЕР – „ПЛУКНИ Ѝ НА ВИСТИНАТА В ОЧИ“
(Glasba je časovna umetnost 2: LP film Buldožer – Pljuni istini u oči / Music Is the Art Of Time 2: LP film Buldozer – Spit The Truth In The Eye)
Документарен филм, Словенија
2017, 52 мин., колор, ДЦП
Режија: Варја Мочник (Varja Močnik)
Сценарио: Игор Башин, Барбара Келбл (Igor Bašin, Barbara Kelbl)
Учествуваат: Јелена Ашчич, Иван Лотрич, Марко Брецељ, Борис Беле, Јернеј Дирнберк (Jelena Aščič, Ivan Lotrič, Marko Brecelj, Boris Bele, Jernej Dirnberk)
Во документарниот филм на Варја Мочник, членовите на поранешната словенечка (од југословенската ера) рок-група „Булдожер“, нивните пријатели и обожаватели се сеќаваат на времето на објавување на деби-албумот на групата „Плукни ѝ на вистината в очи“ (Pljuni istini u oči) од 1975 година. Нивните сеќавања се испреплетуваат со измислени сцени, дизајнот на лонг-плеј плочите, архивски снимки и анимации, за на крај да се спојат во инвентивен, надреалистички филм кој не зборува само за легендарниот албум, туку и за општеството и реалноста од тоа време…
Возрасна категорија: 14 години

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото