Антивакцинаши, рамноземјаши, палеолитски македоноиди и други видови вмровци

21.08.2021 12:16
Антивакцинаши, рамноземјаши, палеолитски македоноиди и други видови вмровци

 Најопштото и воедно најпрецизно правило што во правните држави треба да ја исцрта тенката црвена линија помеѓу човековите права и слободи и ситуациите во кои државата има легитимитет да ги ограничи, го дал големиот англиски филозоф и заговорник на политичкиот либерализам Џон Стјуарт Мил. Тој строго ги ограничил ситуациите во кои државата може да делува со задолжителни мерки кон своите граѓани: „Единствената причина поради која власта може – спротивно на неговата волја – оправдано да примени присила кон кој било член на едно цивилизирано општество, е заштитата на останатите членови на заедницата“.

Од оваа Милова дефиниција произлегува и неговата најшироко прифатена дефиниција на слободата на поединецот, која е ограничена единствено од слободата на другите членови од заедницата, чијашто парафраза би била дека луѓето би требало да бидат слободни да се однесуваат како сакаат, сѐ додека нивните постапки никому не нанесуваат штета. Така што, кретените што протестираат против задолжителното вакцинирање против ковид-19 или против мерките што го намалуваат ширењето на вирусот, сметајќи дека со тие мерки се нарушуваат нивните слободи, не можат да ја задоволат ни „најслободната“ дефиниција на човековите слободи, зашто претставуваат директна закана за здравјето и животите на сите други членови на заедницата.

Левата против десната хемисфера

Но, тоа што се смртоносно глупави не ги чини помалку луѓе: на еден начин тие стануваат жив доказ за проблематичниот еволуциски развој на исправањето на хомо сапиенсот и пребрзото развивање на неговиот мозок. Испаѓа – како што коментира неурологот Лемарки – дека целиот човечки вид е недоносен поради огромната анатомска контроверзија: оформената глава на човековото бебе никогаш не би можела да пројде низ мајчината карлица! За оформувањето на главата на плодот човечките млади би требало да останат во топлата мајчина утроба барем петнаесет месеци, но – за жал – не постои ниту една женска карлица што може таквата оформена „личност“ да ја донесе на свет.

Затоа еволуцијата му дала предност на предвременото раѓање – кога главата на плодот уште не е оформена и черепот е уште „во делови“, за да може да се стеснува и издолжува наоѓајќи го со маки патот од рајската матка до суровиот свет. Последиците од овој стрес што го доживуваме со самиот чин на раѓањето, многумина од нас ги чувствуваат целиот живот, а проблемите што настануваат со пребрзиот развој на мозокот и неговите функции го обележуваат потоа секој припадник на видот. Така што, антивакцинашите, рамноземјашите, палеолитските македоноиди и другите видови вмровци не се изроди од човековиот „разумен“ род, туку се негови полноправни членови што само претрпеле поголеми последици од каприците на еволуциската креација на видот.

Од друга страна, самата функционална архитектура на мозокот е исто така полна со противречности и двојности, што произведуваат проблеми во животите на сите припадници на видот, а камоли оние споменати несреќнници што претрпеле посериозен натален стрес. Имено, мозокот е орган што има практично невозможна задача: тој треба непрекинато да ја предвидува иднината со цел да нè одржи во живот, приспособувајќи го нашето однесување во безмерно голем број различни околности.


Неговиот најстар заден дел ги собира и ги преработува сите надворешни информации што ги добил од сетилата, а потоа ги споредува со мемориите сместени во средниот дел, за во најмладиот преден дел секој миг да донесува одлуки што се претвораат во извршни наредби. Испаѓа дека – како по иронија – токму со најмладиот и недоволно еволуциски сработен преден режен од мозокот секој човек мора да се снаоѓа и да се прилагодува на искушенијата и предизвиците на непредвидливиот живот!

На мозочните белји на хомо сапиенсот им нема крај, зашто овој извршен логичар сместен зад човековото хипертрофирано чело не може ни да мрдне без најстарите церебрални зони на мозокот, длабоко кон неговата база, каде што се сместени човековите мотивациски погони: емоционалните центри, домот на страстите, задоволствата и стравовите, од каде што доаѓа сѐ: и волјата за живот и страстите поради кои најчесто испаѓаме глупави. И тоа важи за сите нас, а камоли за антивакцинашите, рамноземјашите, палеолитските македоноиди и другите видови вмровци со еволуциски проблем.

И кога ќе помислите дека тоа се сите вродени фалинки на нашиот мозок, доаѓа на ред неговата структурална двојност, која е толку контроверзна што уште повеќе ги загрозува неговите основни функции. Елем, мозокот е составен од две хемисфери, две половини, што изгледаат огледалски идентично, потполно симетрично, но кои всушност претставуваат две личности со потполно различни афинитети, способности и карактери. И, се разбира, овие две половинки од нашата личност не се сложуваат во ништо, но левата од непознати причини се изборила за предност да ја сузбива десната, практично во секоја одлука и во секој миг од нивната вечна кавга. Левата хемисфера е логичарот, рационалистот и го држи буквално монополот на зборовите и зборувањето, како и позитивистичкиот пристап кон светот, но е тежок карактер кој сака секогаш неговата да е крајна, ја фаворизира десната страна на светот, па дури црта на десната половина на листот хартија и јаде од десната страна на чинијата.

Присилна вакцинација

Овој здодевен карактер ги задушува сите сјајни увиди на десната хемисфера во која безмалку неконтролирано се раѓаат фантазии, бројки, слики и поетски искази. Гледав во непрекината снимка како тестираниот испитаник памти, пресметува и црта со „употреба“ на двете хемисфери – што се случува со сите нас во текот на целиот живот – и како го повторува тестот по привремено магнетски онеспособената лева хемисфера на мозокот. На човекот буквално десеткратно му се зголемија сите способности: и памтењето и пресметувањето, а за цртањето изгледаше како некој друг да му влегол во главата! За неверување, но факт е дека оваа фалинка во функционирањето на мозокот го потресува целиот човеков вид, а можете само да замислите колку им е тешко на антивакцинашите, рамноземјашите, палеолитските македоноиди и другите видови вмровци со кои еволуцијата се пошегувала.

И, на крајот – вие веќе мислите дека претерувам! – уште еден проблем во функционирањето на мозокот на хомосапиенсот, што – се разбира – сите ние го имаме, а според кој и го добивме своето биолошко презиме – сапиенс, е начинот на кој мозокот мисли… или поточно речено: начините на мислење. Тоа е така зашто науката за мислењето отскора дојде до докази дека сите мислиме употребувајќи два система на мислење: едниот е брзо мислење, кое е лошо, плитко и површно, и брзо менува интерес, а второто е бавно и методично мислење, кое дава прецизни, сложени и суптилни резултати.


Меѓутоа, брзото мислење еволуциски се развивало со милиони години, зашто брзото реагирање и на најмали промени во околината била најважната алатка за преживување на човекот, додека бавното и длабоко мислење е производ на последните две стотици илјади години. Поради тоа споромислечкиот мозок е воедно исклучително мрзлив, тежок за употреба и бргу се заморува или просто му збоктисува и одбива да работи, додека брзомислечкиот автоматски пилот практично пилотира со 99 отсто од времето на нашите животи.

Оваа недостапност на длабокото мислење – како што реков – ја имаат сите припадници на родот, а кој знае како им е на антивакцинашите, рамноземјашите, палеолитските македоноиди и другите видови вмровци кај кои овој хендикеп е особено изразен? Кутрите, тие не смеат да се третираат како зловеста групација што е секогаш вон паметта и вон законот, туку како еволуциони жртви што заслужуваат посебна здравствена грижа. Пред сè, да бидат присилно вакцинирани.


Слики: TROELS CARLSEN
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото