Управен го поништи решението за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“

21.08.2021 12:57
Управен го поништи решението за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“

 

  Управниот суд го поништил решението за избор на актуелниот директор Васил Бубев на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, по претходно поднесената тужба од двете одбиени кандидатки за работното место, Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Мансбарт. Ова го соопштија од иницијативата „Култура или фис-култура“.

Според образложението на пресудата тужбата е основана, а тужениот, Министерството за култура, донело неправилна и незаконита одлука. Одлуката на Управниот суд е донесена на 8 јули 2021.

Од иницијативата „Култура или фис-култура“ порачуваат: „Да се назначи в.д. директор од редот на вработените носители на дејност и најбрзо што може да се распише нов конкурс, на кој сите пријавени кандидати ќе имаат еднакви шанси за докажување, па кој ќе биде подобар, нека победи“. Според нив, Управниот суд увидел дека „е дека е извршена флагрантна повреда на процедурата при изборот, со тоа што партискиот кандидат бил цело време фаворизиран од страна на надлежната комисија во министерството, за сметка на останати кандидатки“. 

Иницијативата „Култура или фис-култура“ се оформи поради револтот од поставувањето на професор по физичка култура за директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, а во неа членуваат актер(к)и од струмичкиот театар, кои во изминатите осум месеци организираа повеќе протести во Струмица и Скопје и предупредуваа на незаконитоста на постапката за избор на директор.

Иницијативата имаше и средби со министерката за култура Ирена Стефоска, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, како и средба во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Тие поднесоа и претставка до Државната комисија за спречување корупција.