Да разговараме за климатските промени

31.12.2010 11:50
Да разговараме за климатските промени

Вообичаениот поглед на Земјата од авион од 10 000 местри височина – видик кој би ги запрепастил Дикенс или Дарвин – знае да биде поучен кога ја разгледуваме судбината на нашата Земја. Нејасно ја гледаме, или си замислуваме дека можеме да ја видиме, сферичната крива линија на хоризонтот и чувствуваме, според проценка, колку далеку треба да патуваме за да направиме целосен круг, и колку сме ситни во однос на овој дом кој лебди во стерилниот простор. Кога ќе ги преминеме канадските северни територии на патот кон западниот брег на Америка, или норвешкото приморје, или внатрешноста на Бразил, нè бодри тоа што гледаме дека толкавите огромни и пусти пространства сè уште постојат – можат да поминат и два часа а на видикот да нема ниеден пат или патека.

Но огромен е и сè поголем неизмерниот обод нечистотија – како да се отцепил од неизмина када – кој виси во воздухот додека се движиме преку Алпите кон северна Италија, или басенот на Темза, или Мексико Сити, Лос Анџелес, Пекинг – списокот е долг и сè подолг. Овие џиновски бетонски дамки проткаени со челик, овие катетери на непрекинатиот сообраќај наредени кон хоризонтот – природниот свет само може да се штрекне пред нив.

Огромниот притисок на нашите цифри, изобилството наши изуми, слепите сили на нашите желби и потреби делуваат несопирливо и произведуваат врелина – зовриениот здив на нашата цивилизација – чии последици ги поимаме низ магла. Извесно е дека патникот-мизантроп, додека зјапа надолу од својата чудесна и чудесно валкана машина, ќе се запраша дали можеби на Земјата би и’ било подобро без нас.

Како некогаш да почнеме да се зауздуваме? Од ова растојание изгледаме како успешен лишај, како разорниот цвет на алгите, како коров кој го обвиткува плодот. Можеме ли меѓусебно да се сложиме? Ние сме умен вид, но склон кон расправии – нашите јавни дискурси знаат да звучат како јато крескави гуски. Во нашиот памет допрва почнуваме да увидуваме дека Земјата – набљудувана како сеопфатен систем на организми, опкружување, клими и сончево зрачење, од кои секое взаемно го обликува она другото со стотици милиони години – веројатно е подеднакво сложена како и човечкиот мозок; досега разбравме само делче од тој мозок, односно домот во кој се развил.

Наспроти тоа речиси незнаење, или можеби поради него, извештаите од широка низа научни дисциплини со сигурност ни велат дека правиме неред од Земјата, дека го валкаме своето гнездо и дека мораме да делуваме одлучно и против своите моментални склоности. Бидејќи знаеме да бидеме суеверни, хиерархични и користољубиви токму кога моментот бара да бидеме рационални, непристрасни и алтруистични. Нашата историја и биологија нè обликуваат за да ни ги ограничат намерите во рамките на краток период, во рамките на размерите на еден животен век; а во демократиите, владите и гласачките тела шуруваат во уште потесниот круг на ветувања и задоволувања. Од нас сега се бара да се позанимаваме со благосостојбата на неродените поединци кои никогаш нема да ги запознаеме и кои, спротивно на вообичаените услови на човечкото меѓуделување, нема да ни ја вратат услугата.

За да ги сосредоточиме своите умови имаме историски примери на цивилизации кои пропаднале поради уништувањето на животната средина – Сумер, долината на Инд, Велигденскиот остров. Тие расипнички се насладувале со клучните природни суровини и исчезнале. Тоа биле случаи од епрувета, територијално ограничени; денес тоа сме ние, сè повеќе, и известени сме дека целата лабораторија, дека целиот величетсвен човечки експеримент е загрозен.

А што е на нашата страна со што би можеле да ја отстраниме таа закана? Наспроти сите наши дефиниции, секако дека тука е дарбата за соработка; можеме да најдеме утеха во сеќавањето на Парцијалниот договор за забрана на нуклеарните проби (1963), постигнат за време на непријателствата и взаемната сомничавост за време на Студената војна. Од неодамнешните примери, откритието за намалувањето на озонската обвивка во горните слоеви на атмосферата и спогодбата на светско ниво за забрана на производство на хлорофлуоројаглеродот (CFC) исто така би требало да нè охрабрат. Второ, глобализацијата не ги обедини само економиите, туку и го сосредоточи глобалното мислење да изврши притисок на владите за тие да преземат нешто.

Потребни ни се точни прикази за состојбата на Земјата. Движењето за заштита на животната средина го разочараа мрачните предвидувања кои се „научно“ засновани, а за кои последниве две или три десетлетија се покажа дека се спектакуларно погрешни. Тоа, само по себе, не ги поткопува денешните мрачни научни предвидувања, но дава повод за скептицизам – еден од двигателите на добрата наука. Потребни ни се не само податоци на кои ќе можеме да им веруваме туку и нивен израз при ригорозната употреба на статистиката.

Вистинско искушение е со ентузијазам да се прифати најновото мрачно сценарио само зашто ни се совпаѓа со расположението. Но би требало да го бараме, или да очекуваме другите да го бараат, потеклото на тие податоци, на тие претпоставки кои се потхрануваат во компјутерскиот модел, тие реакции на заедницата која дава стручно мислење итн. Песимизмот е интелектуално примамлив, дури и возбудлив, но нештата пред нас се пресериозни за едноставно самоудоволување. Би било самопоразувачки доколку движењето за заштита на животната средина се изобличи во религија на самрачна вера. (Верата, невтемелената извесност, не е доблест.) Добрата наука, а не добрата намера, е таа која го препозна проблемот со озонот и доведе, прилично брзо, до добри политики.

Широкиот поглед од авионот укажува дека, колкави и да се нашите проблеми со животната средина, ќе мораме да ги решаваме со меѓународни закони. Ниедна нација нема да ја заузда својата индустрија ако онаа на нејзините соседи остане непопречена. И овде некоја просветлена глобализација би можела да биде од корист. А добриот меѓународен закон можеби ќе мора да ги користи не нашите доблести, туку нашите слабости (алчноста, користољубието) за да ја поддржи животната средина; во таа смисла, новосмислениот пазар за трговија со јаглерод двооксид претставуваше итар прв потег.

Дебатата за климатските промени ја ограничуваат неизвесностите. Можеме ли да го избегнеме она што доаѓа, или ништо не ни доаѓа? Дали сме на почетокот на ерата на меѓународна соработка, или живееме во едвардијанското лето на невидено негирање? Дали ова е почетокот, или крајот? Мораме да разговараме.

Извор: polja.eunet.rs

Ma ovoj fasistickiov diktator

Ma ovoj fasistickiov diktator ja zaeba i klimata.

Ma ovoj fasistickiov diktator

Ma ovoj fasistickiov diktator ja zaeba i klimata.

ОкоБоли главаВицФото