Ние си гледаме

23.08.2021 10:20
Ние си гледаме

Од мудрите анализи за тоа што се случува во Авганистан – не сум иронична – конечно ми се слоши. Видов на вести нешто слично на она што се случува во Сајгон, па во бегалските чамци, а неодамна и многу пред тоа на Балканот и во Европа: еден љубљански Евреин, како бебе бил префрлен на терасата на соседите додека неговото семејство го носеле во Аушвиц, и така преживеал. На аеродромот во Кабул, родителите им ги даваат своите деца на американските војници или на кој било што е внатре. Претходно некои млади кои се фатија за тркалата на авионот паѓаа по улиците и градините на побогатите делови на Кабул како во некоја ужасна игра на судбината.

Родителите што стигнаа до надворешните граници на аеродромот одеа пешки, со такси или со своите автомобили до можниот излез и спас. Повеќето од нив не се од зафрлените села каде војната никогаш не престана па тешко и ретко стигнуваат до аеродромот, а и ретко помислуваат на тоа. Таму се бега преку планина.

Запознав едно дете кое со собирање пари на целото семејство беше пратено да се спаси, слично на двањето на децата на аеродромот. Кратко одел во училиште додека тоа постоело, потоа чувал овци, како повеќето мажи во семејството. Во далечното планинско село за неколку години биле убиени петнаесет членови на неговото семејство и тогаш одлучиле него – последниот да го дадат на светот. Кога го запознав, трета година чекаше да добие статус во Словенија. Пред тоа престојувал во Иран, потоа во Турција и конечно во Грција: во Турција ја скршил раката работејќи тешка работа. Во секоја од тие држави го научил јазикот кој најмногу се зборува, а во Турција и англиски. Во Словенија, покрај одењето во училиште работел разни тешки физички работи, а во преостанатото време се занимавал со спорт, најдобро му идело трчањето. А бидејќи не можел да остане во Словенија затоа што се сомневале дека е полнолетен, денес повторно е во Грција, додека неговите пријатели сè уште се борат да се врати во Словенија. Наполни 16 години. Кај мене седеше, пиеше кафе и јадеше колачи со движења што би ја задоволиле етикецијата на палатата на Босфор. Пред една недела напишав уште една препорака за него.

Сето ова е обид да се спасам со некоја приказна, лице, нешто кое го знам, што било. Не помага. Ништо не може да ја избрише сликата на родителите кои на непознатиот му ги даваат своите деца обврзувајќи го со поглед, со рака, со солза. Претпоставувам дека се средна класа, дека ќе се помират, ќе се согласат, дека ќе поднесат што и да се случува. Претпоставувам дека некои ќе се бунат, некои ќе се борат, како во Кабул, така и во планините. Можеби на детето има известување за името и родителите, а можеби за давањето на детето е одлучено во моментот. Можеби новата власт ќе ги одржи ветувањата, а можеби и не во оној момент кога на победниците тоа веќе нема да им е потребно. Очајот доаѓа од искуството, од бројот на жртвите во семејството, од сеќавањата, од приказните на другите. Веројатоно затоа ме излудуваат мудрите анализи: грешки војни, колонијални, неспоснобност на домашните елити, непочитување и незнаење на реалноста, финансиски околности, одгледување на опиум. Уште кога ќе слушнам под „Хиндикуш“...Па тоа е европско, американско и НАТО ценкање колку ќе ги земат, па заплаѓување, па згрозување, па ужаснување. Од сè во Авганистан постои само тоа што родителите ги даваат децата на кој било којшто може да ги извади од земјата.

А ние си гледаме.

Извор: pescanik.net