Џудит Скот со сопствените раце ги допираше своите гени

26.08.2021 10:18
Џудит Скот со сопствените раце ги допираше своите гени


Џудит Скот со сопствените раце ги допираше своите гени

на нејзината ретроспективна изложба во токио
делата ѝ беа закачани за проѕирни нишки
во проѕирни стаклени соби
четириесет и седум свечено облечени хромозоми
во бесрамно голиот кариотип
на човече што расте во погрешна насока

играта е следна - кога престанува музиката
треба да се седне на столот
секогаш има еден стол помалку
отколку што има учесници
два хромозома на едно столче
седат во бели фустанчиња
мавтаат со ноџињата
и го мешаат во воздух
горкиот шеќер
повремено допирајќи го
врелото дно на неудобната мала карлица
на женскиот пол

била родена
заедно со џојс
својата близначка
закачена со епикантусот на своите сини очи
за смеѓите сестрини петици
своите предмети почнала да ги создава
кога ја поминала четириесеттата
за еден предмет ѝ требале по неколку недели или месеци
на моменти нагло застаналувала
го губела интересот
станувала и заминувала
како што патникот
е принуден да го подигне генетското масиче пред себе
кога помошното крило на авионот почнува да се спушта.

глувонема како ужасот на меченце
што дознава кој спиел во неговиот кревет

кога станала позната
почнала да носи необични турбани
вплеткувајќи во нив пердуви и бижутерија
шпанците за неа снимиле документарен филм
„што има под твојата капа“?

штајнер запишал:
кај луѓето со даунов синдром
довршена е изградбата на моралното тело

нејзините дела
(околу сто и педесет)
ги снимале
со рендген
пронаоѓале необични нешта
еднаш нашле веренички прстен
што потсетува на приказната за „лос менинас“
кога уште еднаш го искористиле рендгенот
откриле дека во пораните етапи
дворската дама имала подолг нос
кој постепено се намалувал како што сликата напредувала

постои фотографија
на којашто таа работи
над последната скулптура во својот живот
додека гледаме во нејзиното лице
тоа е како да го читаме само насловот
а никогаш она подолу испишано со ситни букви

меѓународниот ден на луѓето со даунов синдром
се обележува на дваесет и први март
како и меѓународниот ден на поезијата
во овој свет изопачено скроен
каде што детекторот за чад се пали
дури и врз крилјата на ангелите.

* Џудит Скот – американска уметница која имала Даунов синдром, болест на хромозомско пореметување.
** Кариотиоп – збир од сите хромозоми во клетката. Секој вид има свој карактеристичен кариотип.
***Лас Менинас (Младите благороднички) – позната слика на Веласкез.

Избор и превод: П. В.
На фотографиите е Џудит Скот со своите дела

ОкоБоли главаВицФото