Скулптура во Дојран во чест на Емилија Динева, донор на срце

26.08.2021 11:50
Скулптура во Дојран во чест на Емилија Динева, донор на срце

Денеска во Градскиот парк во Стар Дојран беше поставена и промовирана спомен скулптурата/урбана инсталација „Срце за вечноста", која е изработена во чест, спомен и благодарност кон хуманоста и човечноста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во Македонија.

„Идејата на оваа акција е уште еднаш да се одаде почит на Емилија Динева и нејзиното семејство за овој несебичен и херојски чин и преку јазикот на уметноста да се поттикне органо дарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи.

Скулпурата „Срце за вечноста“ на младиот академски скулптор Андреј Миневски е водена од идејата да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да се распламти односно како што најчесто и бива да започне одново. Токму затоа и тематиката на скулптурата но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи. На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева односно нејзиното семејство отворајќи ѝ го патот до бесконечноста и незаборавот“, вели Никола Писарев од Центарот за современи уметности.

Самата скулптура е работена во техника која е спој на различни материјали како мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус и доведени до совршенство од вештата рака на авторот.

Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности - Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија

Слични содржини

Јавни Простори / Екологија
Јавни Простори / Уметност
Јавни Простори / Уметност

ОкоБоли главаВицФото