Повеќе од еден јазик (2)

28.08.2021 13:14
Повеќе од еден јазик (2)

 

 

(продолжува од Повеќе од еден јазик (1))

Непреводливите

На проблемот на непреводливоста и како го доживуваме поминав многу време, колку да разберам што би можело да се направи со него. Работев, како филозоф, заедно со сто и педесет други филозофи од цела Европа - едноставно зашто самата не бев во можност да излезам од европските рамки, за да направам една навистина надворешна споредба (со употреба на воневропски јазици) - за тоа што го нарекуваме „непреводливо“, односно да ги кажеме зборовите што не можеме да ги претставиме на друг јазик, што се карактеристични за еден јазик и кои го означуваат во неговата разлика; накусо, да ги кажеме симптомите за разликата на јазиците.

Напишавме еден „Речник на непреводливите“ во филозофијата... и за тоа ни беа потребни петнаесет години! Не ни се веруваше дека оваа неверојатна книга стана бестселер! Многу брзо продадовме над десет илјади примероци, како доказ дека на публиката книгата ѝ беше интересна. Не се занимававме со зборови како „маса“, туку со поапстрактни, пофилозофски зборови, како „слобода“, еден навистина филозофски збор. Постојат повеќе начини да се каже „слобода“ во Европа, и тие вклучуваат многу различни пристапи. Така, на англиски јазик францускиот збор за „слобода“, „liberté“, може да се преведе на два начина: liberty или freedom. Овие два збора откриваат два различни концепти за слободата, кои се многу различни. Liberty, како и „ liberté“, потекнува од латинскиот збор liberi, „деца“: слободата им припаѓа на децата родени од слободни луѓе, а не од робови; со други зборови (овде само ги повторувам анализите на еден голем лингвист, Емил Бенвенист), постои слобода што се пренесува од родителите на децата, еден вид вертикална слобода. Freedom, пак, е од исто семејство како и зборот „friend“, што значи „пријател“; оваа слобода е хоризонтална слобода, слобода на членови од иста возрасна група, на другари кои заедно одат на училиште или во војна. Freedom слободата постои на непосредно политички начин, додека Liberty е слободата што пренесува "природно" преку семејството. Очигледно, работите веднаш се комплицираат зашто прашањето за природата и културата е тешко: таткото не е „природно“ слободен, бидејќи тука „природата“ е само име за одредена состојба на општеството, и едноставно овој вид слобода се пренесува од генерација на генерација. Во секој случај гледате, како во примерите на Freedom и Liberty, дека се работи за различни перцепции и видови на слобода што се појавуваат во рамките на еден ист јазик.

Фактот дека има два збора на англиски (Freedom и Liberty), а еден збор на француски (liberté), и исто така еден збор на германски (Freiheit, од исто потекло како и Freedom или Friend), е многу интересен. Францускиот збор го подразбира, како и на латински, наследното право, слободата која се пренесува од татко на син. Додека германскиот термин веднаш ја одредува слободата како својство на обединети другари, еднакви во борбата. Ова произведува филозофски и политички размисли кои не се исти. Произведува или се произведени од, не знам не во која насока оди каузалноста, но да речеме дека можеме да ја почувствуваме разликата помеѓу јазиците.

Хомоними

Многу е интересно да разбереме малку подобро што го прави секој јазик толку единствен. Ако запоставам некои важни поединости, кои се однесуваат на синтаксата и граматиката (редоследот на зборовите, родот на именките, времињата на глаголите, итн.), што ја сочинуваат единственоста на секој јазик, тоа се, особено, зборовите кои имаат повеќе значења. Тоа се страшни зборови, наречени „Хомоними“: истиот збор значи неколку работи. Во секој јазик постојат различни хомоними. Покрај тоа, само од перспективата на друг јазик можеме да забележиме кои се хомонимите во јазикот на кој зборуваме, на нашиот мајчин јазик.

Да го земеме како пример зборот „вистина“, „vérité“; на француски јазик тој значи нешто што е во согласност со реалноста. Кога велам дека оваа маса е жолта, тоа е вистина: ја гледате, таа е навистина жолта. На руски јазик, пак, има два збора за да се каже „вистина“. Едниот од тие зборови, „Правда“, беше името на партискиот весник кој требаше секогаш да кажува вистина. Сепак, истиот збор значи и: „правдина“; ова го знаеме зашто се употребуваше за да се преведе на руски јазик (или на старословенски јазик, предокот на рускиот јазик) грчкиот збор dikaiosunê, што во Библијата недвосмислено значи „правда“ сфатена како праведност.

Другиот руски збор, „истина“, исто така значи „вистина“, но во смисла на точност: оваа маса е жолта, така е, точно е, за тоа употребуваме „истина“. Значи, гледате дека за Русите, кога ние Французите ќе кажеме „вистина“, ние мешаме две работи: правда и точност. Во нашите очи, сепак, кога тие велат „Правда“, Русите мешаат две работи: правдина и вистина.

Секој јазик има свој удел во конфузноста, но овие конфузии може да се видат само од перспективата на другиот јазик, додека таа друга перспектива е условот овие конфузии воопшто да постојат.

Само однадвор гледаме што навистина се случува дома, тоа можеме да го забележиме кога ќе излеземе од сопствениот простор. Многу е важно да зборувате на два јазика, барем на два, тоа ви овозможува да разберете дека вашиот не е единствениот можен јазик и да разберете дека тој произведува различни видови конфликти или спојувања на значења. Кога велам „sens“ на француски, тоа има три значења: го значи „значењето“ на еден збор, „чувството“ што се доживува, а значи исто така и „насока“ или „правец“. Тоа е неверојатно и не постои, верувам, на кој било друг современ јазик! Она што го дефинира јазикот е збирот на неговите двосмислености, особено кога тие не се резултат на случајност, но се основани, како тука, во долгата историја на овој јазик, на пример преку преводите што се прават од еден јазик на друг. Така „значењето“ на зборот и „чувството“ веќе беа поврзани во латинскиот „ sensus “ што ги наследивме во францускиот јазик; и самиот латински збор бил превод од грчкиот „nous“, што значи нешто како „интуиција“, нешто што ненадејно ќе го сфатиме, ќе го почувствуваме веднаш (како куче што душка) или го разбираме веднаш (како бог што мисли).

Превод

Конечно, ни остана да разбереме како можеме да се префрлиме од еден на друг јазик: преведувајќи; зборот „пре-вод“, „пре-минување“ – е многу добро срочен.

Прво, треба да се има на ум колку е тешко да се преведува. За да се префрлиме од еден на друг јазик, ние мора да се преселиме од еден во друг свет, мора да премостиме еден расцеп. За среќа, постои свет што е заеднички за сите овие светови: сите живееме, за малку ќе кажев „глобално“, во истиот свет; споделуваме нешто што личи на „ист свет“, но имајќи ги предвид јазиците и културите што ги подразбираат, тоа е страстно композитен, шарен, зглобен и не секогаш поврзан свет.

Еве два преводи на ист текст за Вавилонската библиска приказна. Таа го претставува мноштвото јазици како божествена казна, а не како богатство, за што воопштоне сум сигурна дека се согласувам. Овој библиски извадок раскажува како луѓето сакале да подигнат кула, толку висока што на крајот таа го предизвикала Бога. Бог ги казнува со тоа што ги спречува луѓето да се здружат целосно, наметнувајќи им разновидни јазици. Луѓето почнале да зборуваат повеќе различни јазици, а дотогаш зборувале само еден. Баш затоа луѓето се раселиле, бидејќи разликата во јазиците успеале да го спречат нивното обединување.

Првиот превод што најчесто го сретнуваме, е оној на Ерусалимската Библија:

Сите луѓе употребуваа ист јазик и исти зборови. Одејќи кон исток луѓето

пронајдоа долина во земјата Шинар и се населија таму.

Си рекоа, ајде! Ајде да направиме тули и да ги испечеме во оган!

Нивните тули им служеа како камен, битуменот им служеше како малтер.

Тие рекоа: Ајде! Ајде да изградиме град и кула чиј врв продира во

небесата!

Да си дадеме име и да не се раселуваме

низ целата земја!

Јахве слезе да го види градот и кулата што ја изградија луѓето.

И Господ рече: „Еве, сите тие стануваат еден народ и зборуваат на еденјазик, и ова е само почеток на нивните потфати!

Сега, ниту една цел нема да им биде невозможна.

Ајде! Ајде да се симнеме! И таму, да им го измешаме јазикот за да не серазбираат повеќе едни со други!

Јахве ги распрсна од таму по целата површина на земјата и тие престанаада го градат градот.

Така го нарекоа Вавилон, бидејќи таму Јахве го измеша јазикот на сите жители на

земјата и таму ги распрсна по лицето на земјата.


Тука се раскажува приказната за Вавилон. Одеднаш, никој веќе не разбира никого, луѓето не можат да слушнат ништо повеќе од вревата - „бла бла“. Но, овок текст можете да го разберете без тешкотии, ова е текст што се чита лесно - како да е напишан на наш јазик, со неколку старомодни реченици.

Ако го ви прочитам вториот превод, нема да слушнете „наш“ јазик, туку хебрејски. Начинот на кој текстов е направен, нè сопнува зашто тоа не е јазикот на кој зборуваме, тоа е друг јазик влезен во нашиот. И тоа е друг начин на преведување. Еве го преводот на Анри Мешоник:

И беше целата земја јазик еден
И зборови едни
И беше нивното патување кон исток
И најдоа долина во земјата Шинар и
таму се населија
И си рекоа едни на други ајде да варосаме бели тули
и оган за огнисување
И белата тула за нив беше карпа и
црвената кал за нив беше глина (...)
Адонаи рече ако луѓето се едно, и јазикот еден за сите
и тоа што почнаа да прават
И сега не може да се отсече од нив
ништо што ќе мислат да прават
Ајде да слеземе и таму да им го сплеткаме јазикот
Да не го слушаат еден јазикот на другиот

(Genèse, XI, 7-9, превод од trad. fr. H. Meschonnic et R. Blaig, Les tours de Babel, Mauvezin, TER, 1985, p. 11 et 13)


Ете, значи постојат барем два начина да се преведува. На првиот начин читателот спокојно чита, колку што тоа е возможно, зашто му се чини дека се наоѓа во рамките на сопствениот јазик, дури и ако текстот е тежок и тој не разбира баш сè.

Другиот начин на преведување обезбедува текстот на авторот да биде колку што е можно помалку вознемирен, додека читателот, од друга страна, е многу вознемирен: тој не разбира што чита, но разбира дека се слуша нешто „друго“ и дека некој или нешто му го „преработува“ јазикот. Многу е интересно што постојат повеќе начини за превод и неколку начини за преминување од еден јазик кон друг. Ова подразбира дека јазикот не е само средство за комуникација: тој е исто така култура, цел еден свет на реченици, со различни ритми.

Денес кога ќе напишете реченица во Google и ќе побарате од Google translate да ја преведе, често добивате многу чудни резултати. На пример, како со оваа реченица од Библијата: „И Бог го создаде човекот според сопствениот лик“. Му побарав на Google да ја преведе на германски, а потоа побарав да ја преведе реченицата назад на француски јазик, и на крајот од постапката, кога резултатот се стабилизира, се појави: „И човекот го создаде Бога според сопствениот лик ”! Во моментов преводите не можат да се прават на автоматски начин поради неколку реални причини.

Кога Google, на пример, ги употребува своите алгоритми да преведе еден текст, тој прво го преведува секој јазик на англиски, кој служи како јазик стожер, што би се рекло - заеднички именител на сите јазици, слично како во дропките. Гугл затоа преведува од француски на англиски, потоа од англиски на германски, па од германски на англиски и на крај од англиски на француски. Очигледно, сите овие „преминувања“ често произведуваат необични идеи...

Од моментот кога сметаме дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и дека слика и отсликува цел еден свет, стануваме многу внимателни, многу многу внимателни. Мајчиниот јазик е неспоредлив, дури и ако „никому не припаѓа“, и за среќа, постои повеќе од еден мајчин јазик. Бидејќи постои повеќе од еден јазик, светот е поинтересен, поразновиден, покомплициран. Оваа компликација не ни дозволува да веруваме дека ние сме единствените сопственици на вистината.

(продолжува)

Слики: Alice and Martin Provensen, Aesop’s Fables (1965)
Извор: Barbara Cassin, Plus d'une langue, 2019.
Превод: Борјан Заревски

ОкоБоли главаВицФото