Дали во СФРЈ имаше повеќе „капиталистички менталитет“ или денес има повеќе „социјалистички“?

30.08.2021 01:42
Дали во СФРЈ имаше повеќе „капиталистички менталитет“ или денес има повеќе „социјалистички“?

Со оглед на наводно длабоката вкоренетост на обрасците на размислување и однесување стекнати во социјализмот под чизмата на „тоталитарната“ држава и нивната суштинска неусогласеност со потребите на развојот и напредокот во 21 век, не е лошо да се потсетиме на фактот дека „блоковите“ капиталистички и социјалистички земји никогаш не егзистираа како два сосема одвоени универзуми. „Патерналистичката“ социјална држава постоеше и ширум „слободниот свет“, а тој свет во многу погледи, без разлика дали се работи за сопственичката структура на економијата или работничките права, беше значително „посоцијалистички“ отколку што е случај во овој век. Исто така би можело да се тврди дека Југославија беше значително повеќе „капиталистичка“ отколку што денес вообичаено се смета. Со тоа не сакаме да сугерираме согласност со интерпретациите присутни на радикалната левица во кои југословенските комунисти се „обвинуваат“ за реставрација на капитализмот набрзо по прекинувањето на врските со Советскиот сојуз во 1948 година, туку да ја релативизираме конструкцијата за југословенскиот социјализам како систем чии принципи на функционирање се толку неспоиви со логиката на пазарната економија, што последиците од тоа ги чувствуваме до денес.

Југословенскиот „пазарен“ социјализам

Фундаменталната економска логика која стоеше зад самоуправувањето уште од неговото воведување во 1950 година, беше изразено продуктивистичка, насочена кон ефикасност и максимално редуцирање на сите трошоци кои не придонесуваа директно за таа цел. Од самиот почеток, системот на работничко управување се водеше од идејата дека директните економски стимуланси, а не административната контрола, се најдобра форма на мотивација. Оние што работат успешно треба самостојно да располагаат со плодовите на својот труд, додека помалку успешните самоуправувачи сами треба да ги сносат последиците од своите лоши одлуки. Квалификуваните работници избрани во работничките совети требаше да ѝ помагаат на управата во рационализација на работењето, намалување на трошоците за работа и обезбедување работничка согласност за давање приоритет на урамнотежувањето на буџетот, дури и кога тоа значеше помали плати и/или отпушање работници. Целта на буџетската автономија на претпријатието - централниот столб на југословенскиот модел - беше цврсто поврзување на зголемувањето на добивката со намалување на трошоците за производство. Приходите на работниците можеа да растат исклучиво пропорционално со реалното зголемување на продуктивноста, односно мораа да бидат во корелација со индивидуалниот придонес на работниците. Донесувањето одлуки требаше да се спушти колку што е можно на пониско ниво, а секое вмешување „одозгора“ со цел редистрибуција на богатството, од перспектива на самоуправната идеологија беше автоматски сомнително.

Оставајќи ја настрана дискусијата дали синтагмата „пазарен социјализам“ е најсоодветен опис на југословенскиот економски систем, тука ќе се задоволиме со констатацијата дека моделот на работничко самоуправување на југословенски начин вклучуваше бројни - со текот на времето сè побројни - пазарни елементи. Размонтирањето на системот на централно планирање практично започна веднаш после инаугурацијата на работничкото самоуправување во 1950 година, кога логиката на децентрализираното одлучување беше претставена како пожелна алтернатива на она што вообичаено се нарекуваше (и напаѓаше) како етатизам. Таквото одлучување значеше дека секој е должен да се погрижи за себеси, па и принципите на натпреварот (пазарен) постапно ја потиснуваа солидарноста (социјалистичка). Компетитивноста и довербата според кои право на располагање со парите имаат оние што ги заработиле - без разлика дали се работи за претпријатие, општина или република - постапно ја зголемуваа нееднаквоста и ја влечеа земјата кон дезинтеграција.

Децентрализираното одлучување и континуираното кратење на буџетите на оние институции кои требаше да обезбедат балансиран развој на земјата во целина, беше проследено и со локализација на социјалните услуги. Дури и остварувањето на елементарните социјални права како здравствената заштита, покрив над глава, образование или надомест заради невработеност, во голем дел зависеа од продуктивноста на економијата на локално ниво, што во контекст на големите (и растечки) регионални нееднаквости за многумина значеше неможност за остварување на овие права.

Специфичниот југословенски пристап до социјалната политика генерално, и особено проблемот со невработеноста, во комбинација со продуктивистичкиот императив резултираше со ограничени достигнувања и политика на родова рамноправност кои после 1945 година ги имплементираа сите европски социјалистички земји. Традиционалистичките предрасуди за наводно помалата продуктивност на жените и желбата да се избегне исплатување надомест заради породилно отсуство, резултиртаа така што раководните (машки) кадри во претпријатијата поставуваа разни формални и неформални пречки вклучувајќи ги жените во светот на трудот, па по стапката на вработеност на жените, Југославија (со исклучок на Словенија) беше поблиску до јужноевропските земји отколку до другите социјалистички земји. Сите бранови на економската либерализација уште од почетокот на педесеттите години беа проследени со масовни отпуштања на жени, а понекогаш беа исклучувани од пазарот на трудот така што претпријатијата како услов за вработување го поставуваа отслужувањето на воениот рок.

Ни сигурноста на работното место во југословенскиот случај не значеше дека сите треба да имаат загарантирано вработување во секој момент, како што беше случај во земјите од источниот блок. Правото на работа значеше само право на загарантирана минимална плата како и право на учество во одлучувањето за употребата на плодовите од сопствената работа за оние кои веќе имаат работа во јавниот сектор (што практично ја опфаќаше целата економија освен занаетчиството и земјоделството). А можностите за наоѓање таква работа со текот на годините се намалуваа, па така огромен број луѓе останаа надвор од сето тоа, што значеше не само егзистенцијална неизвесност, туку и исклученост од уживање на сите граѓански и политички права кои беа поврзани со припадноста на самоуправните колективи. Во најслабо развиениот дел од земјата, на Косово, само 20-тина проценти од луѓето во осумдесеттите имаа работа во јавниот сектор, а со тоа и сите наведени права.

Дури и честото истакнување на улогата на ММФ во либералните економски реформи и особено во југословенската политика на штедење во осумдесеттите години, понекогаш го замаглува фактот дека доминантната струја во рамки на партиското раководство ја фаворизираше таквата политика. Како што рече Милка Планинц, претседателка на Сојузниот извршен совет од 1982 до 1986 година, односно владата која започна ера на болни буџетски кратења, во разговор со претседателот на ММФ Жак де Ларосиер: „Во одредена мера вие и ни помагате. Зашто постои голем отпор кон пазарната економија. А вие од нас барате тоа да го направиме за шест месеци, а нам за тоа би ни требале шест години“.

Понатаму, за земја во која наводно доминираше крут егалитаризам од кој никако не успеваме да се ослободиме, изненадувачка е драстичната материјална и симболичка девалвација на мануелната работа која беше видлива уште во седумдесеттите години. Во таа деценија, и покрај континуирано растечката невработеност, не беше необично работните места во производството да останат непотполнети. Неквалификуваните и полуквалификуваните работници не можеа да се надеваат на нешто повеќе од мали зголемувања на платите кои тешко ја следеа растечката инфлација. Додека во другите социјалистички земји категориите мануелни работници трајно го задржаа исклучителниот симболички углед проследен со материјални бенефиции, во Југославија масовно се бегаше од ваквиот вид труд. Така, Стипе Шувар на почетокот од осумдесеттите зборуваше за „хиперпродукција на 'непродуктивната интелигенција'“ и за тоа дека сите порадо би избрале барем и лоша канцелариска работа отколку да работат во фабрика. Тоа е многу далеку од статусот кој разни категории мануелни работници го уживаа во другите социјалистички земји, како, на пример, полските рудари кои својот релативно привилегиран статус го задржаа уште многу години после почетокот на транзицијата.

Континуитети и дисконтинуитети

Од сите социјалистички земји, Југославија најрано се впушти во реформи со цел интеграција на светскиот пазар и како свој приоритет го постави јакнењето на извозот во развиените земји или на таканаречениот конвертибилен пазар. За таквата политика често се плаќаше висока цена во вид на социјални последици како што се невработеноста и нееднаквоста, а земјата многу порано од својот распад престана да наликува на некаков егалитарен рај (или пекол). Најпосле, клучните одлуки кои доведоа до крај на самоуправувањето и социјализмот ги донесоа југословенските комунисти - социјалистичкиот менталитет беше толку „силен“ што дури и партијата чија историска мисија беше надминување на капитализмот и воспоставување социјалистичко општество, на крајот се откажа од социјализмот. Заради овие причини, тезата за социјалистичките континуитети кои нè ограничуваат до ден денешен, веројатно би можела да се разгледа и од малку поинаква перспектива.

Ако постои нешто што со право би можеле да го опишеме како силен континуитет наследен од социјалистичкиот период, тогаш тоа сега е речиси повеќе од половина век нескршливата илузија дека посилната интеграција во глобалната поделба која ја диктираат богатите западни земји автоматски ќе нè доведе до развој и просперитет. Кога кон средината на шеесеттите години југословенските фирми првпат беа изложени на силен притисок од странската конкуренција со цел зголемување на нивната продуктивност - како што претскажуваше мудроста на либералните реформатори - последицата беше таква што до крајот на оваа деценија околу милион Југословени беа на „привремена“ работа во земји како Германија, Австрија итн.

Секако, тука е и континуитетот на социјалните нееднаквости и неизбалансираната модернизација кои оставија трајни последици на политичката и социјалната географија на Хрватска. Станува збор можеби за најзначајното негативно наследство на југословенскиот социјализам. Но причината е токму спротивна на она за што сведочи денешната конвенционална мудрост: „социјалистичкиот менталитет“ не го закочи развојот на некои делови од земјата во изминатите триесет години, туку пазарната логика на југословенскиот реформски социјализам ги осуди овие простори на трајна неразвиеност. Затоа секогаш е потребно одново да се критикува југословенскиот социјализам зашто не беше доволно - социјалистички.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Зоран Кардула

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото