Поетите од „Струшки вечери на поезијата“ вечерва читаат во МСУ во Скопје

30.08.2021 11:24
Поетите од „Струшки вечери на поезијата“ вечерва читаат во МСУ во Скопје

Триесетина поети од земјава и од странство вечера ќе имаат поетско читање во Музејот на современа уметност во 21,30 часот. Со тоа и официјално ќе заврши 60-то издание на меѓународниот поетски фестивал.

Годинешната добитничка на „Златниот венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата не присуствуваше на фестивалот, меѓутоа го најави своето присуство за следната година.

Наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби поетесата Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“, додека наградата „Мостови на Струга“ му беше врачена на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз-Тексас“.

Во рамки на фестивалот се одржа меморијално чествување на доајените на македонската поезија Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а беше промовирано и специјалното, монографско издание со избор од поезијата и кратката проза на Блаже Конески.

Вечерашниот настан е од отворен карактер, влезот е бесплатен, меѓутоа ќе се одвива според пропишаните мерки и протоколи за време на пандемија.