Боромејски јазли (Лакан и Гилбо)

30.08.2021 15:13
Боромејски јазли (Лакан и Гилбо)

 
Нурнувајќи се во сржта на кинеската мисла Лакан пред сè настојувал да ја реши загатката што не му давала мир уште од објавувањето на Списите: имено, како да ја „испише“, то ест „формализира“, прочуената топика на Реалното, Симболичкото и Имагинарното, која оттогаш ќе ја нарекува R. S. I. (Реално / Симболичко / Имагинарно).

Еве ги стиховите на Лао Це на кои Лакан работел со Ченг: „Тао го раѓа Едното / Едното го раѓа Два / Два го раѓа Три / Три ги раѓа сите нешта / Сите нешта го кријат своето Јин (темно) а го чуваат своето Јанг (светло) / Од здивот на Средишната Празнина се раѓа складноста.“


Веќе во 1950 година Лакан за време на предавањата се повикувал на математиката. Во таа смисла неговата средба со католичкиот математичар Теодул Гилбо (Georges-Théodule Guilbaud) има пресудна важност за разбирање на Лакановото сè позачестено користење на тополошките структури. Лакан и Гилбо и со физичкиот изглед потсетувале еден на друг а биле и големи пријатели цели триесет години (сè до Лакановата смрт). Лакан, Бенвенист, Гилбо и Леви-Строс во 1951-та почнале да се состануваат за да работат на структурите и да воспоставуваат врски меѓу општествените науки и математиката. Секој од четворицата научници на свој начин го користел учењето на останатите тројца и тоа во смисла на конкретна тополошка структура, а како еден од учесниците во групнава работа Лакан секојдневно работел одредени вежби по математика. Понекогаш, кога наидувал на потежок математички проблем додека бил на патување, Лакан му телефонирал на Гилбо за заедно да го решат.


Гилбо никогаш не ги посетувал Лакановите семинари и неговиот однос со Лакан бил под превезот на тајната. Кога биле насамо, обајцата ѝ се препуштале на заедничката страст: непрестајното врзување на јазли на врвки или врвци, надувување на детски појаси за пливање, вплеткување на разни материјали и разрежување или сечење на некои предмети... Значи, Лакан за ваквите работи бил мошне заинтересиран кога своите слушатели почнал да ги подучува на вештините за транскрибирање на неговата доктрина во тополошки структури.

Со ваквото експериментирање со границите, работата со јазлите до таа мера го укинала разграничувањето помеѓу психоаналитичката пракса и теориското дејствување што самата психоанализа се претворила во своевиден боромејски простор внатре во кој протагонистите буквално можеле одново да го откриваат сопственото детство: детството на играта, детството на најраната доба, детството на празнината, како и детството на искуството на кусокот, јазот и не-целото.

Слики: M. C. Escher

Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020

Избор и превод: П. В.

Слични содржини

Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото