1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:40
Местенка
Вратете се. Вратете се. Вратете се! Таа улица - не е објаснето зошто - носи мошне наивно име: „ Има уште време “, но зад таа наивност се крие опасна местенка. Таму не се оди. Таму нејасната мрша во распаѓање, фрлена во правта, ги привлекува малите девојчиња да истрчаат од дворовите на детството за да плукнат врз неа, за потоа да се обидат да се вратат - но таму каде што имало зелена порта со мала китка суви цвеќиња и ‘рѓосана рака-чукало, сега ги пречекува висока врата од судска палата со вратар кој секогаш гледа некаде лево, и кој се преправа дека не ги слуша молбите што треба да го умилостиват. Не помага ни да му се покажат фотографии на умрените роднини, ни потврда за платениот данок, ни старо љубовно писмо со измислена адреса. Вратете се. Вратете се. Вратете се додека уште има време! Таму не се оди.
Анестезиолози
Тоа се операциони сали во кои сè е толку чисто што присуството на пациентите би било еден вид осквернување. Ви ги покажуваат очекувајќи кај вас нешто како восхит или, во најмала рака, стравопочит. Не е јасно зошто притоа ве туркаат кон тие сјајни апарати, кон тие светкави инструменти врз чија што измазнета површина поминува, по малку изобличен, одразот на вашето лице. Не, не, благодарам, дојдов само да видам… Но нивната љубезност е толку натраплива што со сигурност можете да претпоставите дека секое одбивање на нивните понуди би било сфатено како навреда. Тие двајца анестезиолози се толку настојчиви со своите предлози што во еден миг помислувате дека се пијани. А притоа ветуваат дека ќе ве разбудат штом „сета таа работа“ ќе биде завршена.
Лабораторија
Пеперугите што леткаат низ таа лабораторија имаат чудни движења. Горе, горе, горе, во некакви растреперени искачувања, па тогаш долу, долу… Ви треба време да сфатите дека сите тие сакаат да обележат во воздухот нешто како кардиограм, дека се движат според однапред замислените линии на графички претставените отчукувања на нечие срце. Се фаќате себеси како си го одмерувате пулсот сакајќи да го споредите со тие паѓања и извишувања, со тие испрекинати тетеравења во кои има мали неправилности. Не би можеле да речете со сигурност дека тоа има некаква врска со вас, но сепак…
А дури потоа ви паѓа в очи дека тие пеперуги врз своите крилја имаат, всушност, место шари - Роршахови тестови. Можеби е тоа плод на невозможноста од внимателно следење, но ви се чини дека кај секоја пеперуга тој тест е по малку различен. Кажете слободно, без многу да мислите, на што ви прилега ова? Тој млад човек во бел мантил што ви го поставува прашањево има - дури сега го забележувате тоа - над левото џепче, место своето име, како што е вообичаено по болниците, мал пајак извезен со црвен конец.
Слики: Laurent Millet, L'herbier series
Извор за текстот: Влада Урошевиќ, Барокна подморница; Темплум, едиција Друга приказна, 2017.