Културата како мотор на биолошката еволуција на луѓето

03.09.2021 03:23
Културата како мотор на биолошката еволуција на луѓето

Интердисциплинарноста на науката долго ја анализиравме преку нејзината политичка економија, преку социјалната стратификација што ја предизвикува, оневозможувајќи или барем отежнувајќи ѝ го пристапот на работничката класа до врвното образование, итн. Но декадите поминуваат, а интердисциплинарните науки, и покрај марксистичките критики, даваат резултати какви што сакаат да видат марксистите. Денес ќе се занимаваме со едно такво истражување кое го објавија Тимоти М. Веринг и Закари Т. Вуд во Proceedings of the Royal Society од областа на биолошките науки.

Веринг и Вуд во својот труд го поставија прашањето дали културата може да ја поттикне еволуцијата? Необично прашање, зашто досега еволуцијата на човекот секогаш се проучуваше речиси исклучиво преку биологијата. Првите промени во пристапот на овие прашања не настанаа во 21 век, туку кон средината на 20-от, кога кружоците со марксистички биолози во САД почнаа да поставуваат прашања за влијанието на околината на еволуцијата на човекот. Тие први ја разрешија класичната бинарна „или-или“ замка и го поставија прашањето за размерот на влијанието на околината и генетиката на човекот, и на тој начин настанаа почетоците на епигенетиката, наука која се занимава со влијанието на околината на промената на човечките гени. Истражувањето со кое се занимаваме денес, шеесетина години подоцна, отиде чекор понатаму и се обидува да понуди парадигма за влијанието на културата на генетиката на човекот. Не е новост дека постојат влијанија. Последниве децении научниците откриваа дека траумата од претходната генерација може генетски да се пренесе на следната (ги истражувале Евреите кои ги преживеале концентрационите логори), и дека траумата - на пример долготраен глад - може физички да го измени нашето тело и подоцна да нè претвори во гојазни луѓе.

Веринг и Вуд постулираат дека „културата има поголем адаптивен потенцијал од гените и веројатно е двигател на човечката еволуција“. Тоа значи дека еволуциското влијание на културата главно се развива преку културно организирани групи, кои последниве векови доминираа во човечките дејности. Второ, и уште поважно, истакнуваат Веринг и Вуд: „се чини дека улогата на културата расте, сè повеќе заобиколувајќи ја генетската еволуција и ослабувајќи го генетскиот потенцијал на адаптацијата“. Нивните откритија сугерираат дека односот, односно „коеволуцијата на гените и културата“ би требало да се проучува преку влијанието на еволуцискиот премин од наследувањето во културата („од гените во културата“). Заедно, овие откритија сугерираат дека човечката долгорочна генетско-културна коеволуција ја карактеризира еволуциски премин во наследувањето (од гените во културата) кој подразбира премин во индивидуалност (од генетска единка во културна група). Затоа, истражувањето за генетско-културната коеволуција би требало да се фокусира на можноста за трајна транзиција во системот на човечкото наследство.

Критика на пристапот

Веринг и Вуд понудија критика на сопствениот пристап, цитирајќи го еволутивниот биолог Ерш Сатмари кој пак смета дека човечката 'групна структура е премногу минлива за да овозможи главен премин во еволуцијата во обична биолошка смисла'. Слично размислуваат и другите еволуционисти кои инсистираат на флуидноста и непостојаноста на човечките групи, како и фактот дека луѓето имаат способност за градење повеќекратни групни идентитети. Накратко, биолозите сметаат дека концептот „суперорганизам“ е несоодветен опис на човечкиот еволуциски статус. Гледано од оваа перспектива, аспектите на човечкото општество, општествените организации и социјалните сознанија, можат да го попречуваат човечкиот генетски индивидуален еволуциски премин.

Меѓутоа, прегледувајќи ја литературата авторите нашле и поинакви тези, поблиски до нивните ставови. Според тоа, човечкото општество може да ја помине еволуциската транзиција преку културните процеси, па затоа предлагаат воведување на концептот „културна еволуциска транзиција“ кој подразбира дека културната еволуција ги олеснува промените во културната и општествената организација и дека овие промени се различни според формата и содржината од биолошката организација која примарно е подложна на генетската еволуција. Со други зборови, одреден вид човечка еволуција не може да се објасни со биолошките, туку треба да се земат предвид и културолошките фактори. Исто така, додека биолошката транзиција е индивидуална (од единка до единка), културолошката го преместува тежиштето на еволуцијата кај општествените групи, или како што велат самите: „Во културната еволуциска транзиција на поединецот, нивото на културната и општествена организација се префрла од поединците или помалите општествени заедници на поголемите групи составени од многу такви единки, преку културната револуција која дејствува без нужни промени на гените.“

Во парадигмата на културната еволуција која може да доведе до биолошка, авторите тврдат дека порано културните еволуциски транзиции со доминантно ниво на контрола на прилагодувањето и наследувањето на културните особини биле организирани на ниво на единки, самци, или на ниво на семејства и максимално на регионална власт. Но, после културно еволуциското поместување, нивото на контрола се одвива на ниво на културни групи (клан, племе, нација). Освен што во својот текст наведуваат бројни истражувања кои би го потврдиле ова, авторите исто така потсетуваат на првите антрополошки дискусии, стари и повеќе од 100 години, во кои првите антрополози се прашувале дали општеството е ново ниво на организација на интелигенцијата, односно дали општеството е „суперорганизам“. Во слични дискусии уште порано се постулирало дека земјоделската револуција е една таква точка која го условила настанувањето големи и сложени општества, и нагласуваат дека човечкиот вид, односно општеството, доживеало повеќе такви еволуциски транзиции кои овозможуваат создавање институции, ја промовираат соработката на штета на компетитивноста и ја олеснуваат поделбата на трудот. Иако вака поставено е лесно да се развиваат разни модели за различните влијанија на биологијата и културата, засега тие се недоволно развиени и не е јасно какви точно се односите на биолошката и културолошката организација на луѓето. Сето тоа дополнително се отежнува со фактот дека истражувањата во биологијата сугерираат дека културата и општествената организација можат да ја попречуваат индивидуалната генетска еволуција, додека истражувањата во антропологијата сугерираат дека можеби се случиле повеќекратни културни премини кои сепак остануваат некако одвоени од генетското.

Улогата на културата

Човечката култура претставува втор систем на адаптивно наследување кај луѓето. Составена од општествено пренесени информации, вклучувајќи ги јазикот, верувањата, нормите, институциите и технологијата, културата има големо влијание на тоа како преживуваат луѓето и како се прилагодуваат на одредено опкружување. Културната еволуција исто така механички се разликува од генетската еволуција на повеќе начини. На пример, додека генетското наследување е примарно вертикално и нестратешко за примателот, културното наследување често се случува преку стратешко социјално учење, вклучува многу културни модели и може да се случи во вертикална, хоризонтална или коса насока во однос на генетската лоза. Понатаму, додека генетските варијации во голема мера се случајни, културните варијации можат да се „водат“ со намерни иновации, а натрупувањето културни варијации може да биде побрзо. Значи, културата пружа негенетски систем на адаптивно наследување кое во основа се разликува од генетското наследување на структурно ниво. Накратко, културното наследување не е паралелно со генетското. Генетскиот материјал се пренесува физички, со размножување и создавање потомци, значи директно се пренесува и пасивно се наследува. Од друга страна, културните особини се пренесуваат со активна постапка на реконструктивно фенотипско заклучување и селективно однесување од страна на учениците.

Културното наследство може да има поголем прилагодбен потенцијал од генетското наследство заради своите механички разлики. Впрочем, примарното објаснување за настанокот на самиот систем на човечкото културно наследство е тој да пружа пофлексибилен и побрз систем на еволуција на однесувањето од она што го дозволува само генетиката. Доказите и теоријата го поткрепуваат тврдењето дека културната еволуција е побрза од генетската. Едноставна причина за оваа разлика е тоа што „времето на генерацијата“, Г, на културниот пренос може да биде пократко од генетскиот пренос. Кај луѓето, просечното време помеѓу раѓањето на родителите и раѓањето на нивното потомство, генетското Г, се движи приближно 2 до 3 децении, додека културното Г, просечното време помеѓу учењето некоја информација и нејзиниот пренос, варира од секунда до деценија. Затоа е разбирливо да се претпостави дека културното наследство може да пружи поголема прилагодбена способност од генетското наследство.

Навистина, постојат силни докази дека културата е главна прилагодбена сила во еволуцијата на многу животински видови, меѓу кои луѓето покажуваат и најсилни докази и најголеми влијанија. Човечката култура е далеку најсложен и најопсежен облик на култура, а нејзиното влијание на човечката генетика е соодветно длабоко. Се смета дека луѓето стекнале значајни генетски промени како резултат на долгорочната генетско-културна коеволуција, вклучувајќи драматични дигестивни промени, појава на послушност и намалена агресија, модифицирани гласни жици, когнитивен апарат за социјално учење и интернализација на нормите. Очигледното генетско прилагодување на културната еволуција кај луѓето се совпаѓа со предлогот дека културната еволуција би можела да биде поприлагодлива од генетската еволуција. Тоа сè уште ја поддржува кореспонденцијата помеѓу растот на размерот и сложеноста на нашите општествени системи и појавата на нашиот вид како доминантна еколошка сила на Земјата. Овој доказ, многу повеќе од обичната промена на човечката еволуција, сугерира дека човечкото културно наследство е од глобално еволуциско значење.

Групата е помоќна од поединецот

Човечката култура исто така е поструктурирана во однос на човечките гени. Прво, културно организираните групи вообичаено се помоќни од поединците. Овој едноставен факт има еволуциско значење зашто значи дека културно организираните групи можат да се размножуваат, дури и на штета на просечната индивидуална подготвеност. Што е најважно, групниот избор на културни варијации го олеснуваат механизми кои немаат генетски паралели, вклучувајќи ги соодветноста и социјалното обележување, како и новите процеси во рамки на групите како што е рамнотежниот избор на институции. Второ, натпреварот помеѓу културно организираните групи го олеснува развојот на соработката во рамки на групите, што доведува до ширење на човечката соработка и просоцијални тенденции, често со генетска основа. Трето, се чини дека културно организираните групи ги решаваат адаптивните проблеми побрзо од поединците преку сложените вредности на социјалното учење и културниот пренос во групите. Општествата можат да дејствуваат така што секој свој член ќе го направат поиновативен отколку што би бил поединечно.

Навистина, поголемите групи со заедничка култура побрзо можат да ги постигнат културните прилагодувања на ниво на група од помали групи. На пример, во Океанија големината на популацијата предвидува технолошка сложеност во недостатокот на варијабилност на животната средина. Слично на тоа, јазиците со повеќе говорници имаат тенденција да бидат поефикасни од перспектива на теоретска информација, веројатно зашто стапката на развој на јазикот се зголемува со големината на населението. Накратко, се чини дека културното прилагодување на ниво на група е главна сила во човечката еволуција генерално, и покрај тоа што групниот избор е реткост во генетските системи. Генерално се верува дека културната еволуција покажува три значајни карактеристики во однос на генетската еволуција: побрза е, има поголеми генерално прилагодливи способности и генерира прилагодување на ниво на група. Се чини дека овие фактори ги обликуваат и долгорочните обрасци на генетско-културната-коеволуција, истакнуваат авторите.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ron Mueck

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото