Заеднички проект на Иван Ивановски и Александар Пејовски вечерва во „Центар - Јадро“

03.09.2021 10:15
„Прозорец со поглед – неограничено време во ограничен простор“- заеднички проект на Иван Ивановски и Александар Пејовски

Вечерва (3 септември) во 20 часот, во КСП „Центар Јадро“ ќе се одржи заедничкиот проект на визуелниот уметник Иван Ивановски и композиторот Александар Пејовски, насловен „Прозорец со поглед – неограничено време во ограничен простор“.

„Секој нов момент е нов предизвик, а позиционирањето и ориентирањето во времето, особено денес, зависи од нашата спремност да ја разбереме смислата на експоненцијално убрзанататехнологизација на околината. Новата пандемиска реалност отвора многу нови дилеми за прашањата на просторот, слободата на движење, на физичкото и виртуелното присуство, за дистанцата и отсуството на емпатија. Паралелно со тоа, развојот на вештачката интелигенција и машинското учење, како и системите за следење и алгоритмите за екстракцијана информации, во голема мера ја менуваат ситуацијата и со уметноста и културата и начините на кои таа се создава, презентира и восприема. Се отвораат нови прозори, но дали нудат нови видици?

Овој проект кој ќе биде претставен во изложбениот простор на КСП „Центар-Јадро“ во форма на уметничка аудиовизуелна инсталација, претставува обид за деконтекстуализација на етаблираните форми, преку визуелни и звучни елементи кои коегзистираат во еден простор. Проектот е сочинет од четириесетина слики на Ивановски со различни димензии изработени во техника акрилик на платно и хартија и музичка композиција на Пејовски насловена „Отворен прозорец“ (Open Window), тие воспоставуваатрелацијаво рамки просторната поставка, како двонасочна визуелна и музичка кореспонденција.

„Прозорец со поглед“ е метафорична игра која се труди да преиспита неколку сериозни и релевантни теми за нашето време.Повлекувајќи го посетителот преку очигледната визуелна симболика во сликите, со форми кои асоцираат на град кој хаотично се развива, понатаму ја отвора можноста за дискусија занедостатокот на простор проектиран по хумани начела и современи урбанистички стандарди. Оттука, фокусот е пренасочен и на прашањата поврзани со приватноста во онлајн простор-времето, сведени на нулта димензија со којасѐ повеќе се идентификувa и каде што сѐ почесто престојуваа најголемиот дел од популацијата.

Идејата е гледачот да влезе во еден вид деконструиран „атриум“ во кој што ќе си го постави прашањето: „Дали гледам надвор, или некој однадвор ме гледа мене?“И секако, притоа да проба да си замисли што се случува на претпоставената точка на која се вкрстуваат различните точки на гледање.

Овој колаборативен проект си го поставува предизвикот да ја прикаже перцепцијата на просторот и времето во реалниот, физички свет и дигиталниот, виртуелен свет како комбинација од звучни и визуелнисензации. Проектот преставува обид преку синергијата на авторите да се излезе од етаблираниот формат и медиум на изразување со цел да се прелее влијанието во двете сфери и овој експеримент да резултира во креирање на една уникатна атмосфера во која посетителитево изложбениот простор на КСП „Центар – Јадро“ќеимаат можност да бидат дел одедно неповторливо доживување. Колку пати треба да кликнеш х, за конечнода бидеш слободен?“, пишува кураторот Владимир Јанчевски.

Александар Пејовски (1979, Скопје) дипломирал на ФМУ во Скопје 2004 година. Композиција студирал во класата на професорот Томислав Зографски, а Џез хармонија и аранжирање со Илија Пејовски. Неговиот опус опфаќа: симфониска, камерна, хорска, електронска и биг бенд музика. Досега има објавено десет авторски албума, а неговата музика е изведувана во: Германија, САД, Јапонија, Австрија, Италија и Украина. Последните десетина години работи како филмски композитор. Напишал музика за седум играни, три документарни и дваесетина кратки филмови, како и за две ТВ серии. Со композицијата „Луѓе“, за биг бенд оркестар во 2004 година ја освои првата награда на Барга Џез фестивалот во Италија – вечер посветена на големиот италијански композитор и пијанист Џорџо Гаслини, под диригентство на маестро Бруно Томазо.

Иван Ивановски (1983, Скопје) дипломирал на отсек вајарство на ФЛУ-Скопје, а студирал и на Академска програма за режија на Ф.А.М.У. , Чешка. Работи скулптури, цртежи, инсталации, слики, видео, филм и анимација. Има реализирано 20 индивидуални (Скопје, Куманово, Гевгелија, Њујорк, Љубљана, Берлин...) и повеке групни изложби меѓу кои и - Биенале на млади уметници од светот (WEYA) , NewArt Exchange (Нотингем, Англија, 2012), Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот (Рим,Италија, 2011), Фестивал за визуелни уметности и независен филм 4 синхронизирани градови (Приштина, Амстердам, Сараево, Скопје, 2010), PROJECT(OR) ART FAIR –платформа за современи уметнички простори (Ротердам, 2007), Independent Drawing Gig(IDG) Vol. 2, Музеј на современа уметност, (Скопје, 2006) и многу други во земјава истранство. Автор е на скулптурите “Луѓе-птици“ во Градскиот парк. Неговите анимирани филмови се претставени на различни регионални и интернационални филмски фестивали. Куратор е на проектот мурал , Два празни квадрати (□□) на задната страна на МКЦ, каде учествува и како автор заедно со 36 уметници. Има издадено 3 публикации (ул. Салвадор Аљенде – Нацонална галерија, Threshold и Релапс – МКЦ) и 3 арт-книги (_Cracy, Pulmonary Nodule, Симптоми – Партизанска штампа). Во 2014 година е добитник на наградата за млад ликовен уметник “Денес“ која ја доделува Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско опшество од Њујорк.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото