Повеќе од еден јазик (3)

03.09.2021 12:02
Повеќе од еден јазик (3)

 

ПРАШАЊА / ОДГОВОРИ (1)

 

Слушнав дека јазиците немаат ист број зборови, дали тоа значи дека некои јазици се побогати од другите, и дали сите јазици ја имаат истата способност да создаваат нови зборови и со тоа да се збогатуваат?

Не знам доволно странски јазици, за разлика од Жилберт Цај, којашто нѐ пречека тука во театарот Монтреј; воопшто не знам кинески, на пример. Не знам хебрејски ни арапски, кои се навистина различни јазици кога се размислува на нив. Знам многу јазици од Европа, згора латински и грчки. Имам извесно познавање на рускиот јазик. Да одговорам на вашето прашање во границите на она што го знам: јазиците немаат ист број зборови, тоа е можно и веројатно. Но, сигурна сум дека „глобалниот англиски“ што го зборуваме сите е многу посиромашен во споредба со англискиот јазик на Шекспир, Џејн Остин или Џејмс Џојс. Мора да разберете дека јазикот е сочинет пред сѐ од автори и дела. Културата е таа што го дефинира јазикот. Значи, јазикот нема ниту ист број зборови кога е спореден самиот со себе: ова е мојот прв одговор.

Мојот втор одговор е дека некои јазици понекогаш имаат плејада зборови за да назначат работи што имаат суштинско значење во нивниот свет, толку суштински што прават разлики таму каде што ние не би ни помислиле. Се вели дека баскискиот јазик, на пример, има десет зборови за дожд. Ескимскиот јазик, инуит, има уште повеќе зборови за да го опише снегот: постојано има различни квалитети на дожд или снег - оној по кој одите, оној со кој можете да изградите иглу, оној што ви овозможува да не ја изгубите трагата, оној во којшто ќе загинете итн.

Тие се конкретни светови. Но, тоа не значи ако има толку многу зборови да се каже дожд, дека тој јазик има повеќе зборови. Можеби има помалку да се каже сонце.

Сепак, не e само бројот на зборови што го дефинира јазикот, туку и видот на неговата синтакса. Јазиците можат да бидат бесконечно различни зашто немаат ист тип на организација. Ова подразбира дека тие се тешки за споредба и дека е уште потешко да се знае што значат богатството или сиромаштијата на еден јазик. Верувам, на пример, дека кинескиот јазик го нема глаголот „да се биде“. Кога пред неколку години држев предавање на Универзитетот во Пекинг за „вистината“ кај Старите Грци, имав потреба да зборувам за глаголот „да се биде“, ми требаа зборовите „подмет“ и  прирок: „акцидент“. Во реченицата „масата е жолта“, „жолта“ е предикат или акцидент на таа супстанца или подмет: масата – поврзан со неа преку посредникот „е“. Како тоа да се искаже, ако не само што недостасуваат аналогните зборови, туку и ако недостасува дури и вкотвеноста конституирана од формата на реченицата? Многу е тешко. Мојот преведувач се потруди најдобро што можеше. По предавaњето дојде еден извонреден студент, за кој се чинеше дека спие во првиот ред, но не бил воопшто успан, бидејќи дојде да ме види по конференцијата и ми рече дека преведувачот бил многу добар со зборовите, но не бил добар во смислата, зашто кога реков „акцидент“, преведувачот превел со „сообраќајна несреќа“. Очигледно, без глаголот „да се биде“, „е“, преводот бил многу комплициран. Исто така е многу веројатно дека бројот на зборови не е ист од еден до друг јазик, но тоа не е многу важно, бидејќи јазиците се сплеткани еден со друг на различни начини, имаат различни односи, различни богатства. Најважното во нив го надминува броењето зборови.

Дали јазиците ја имаат истата способност за создавање? Тие ја немаат „истата“ способност да измислуваат, но сите се способни да се „измислуваат“ себеси. Јазикот е енергија што се измислува себеси цело време, на сопствен, специфичен начин. Во германскиот јазик има нешто што го нареков, во речникот за којшто зборував - „метафизика на додавките“, суфикси или префикси. Што значи тоа? Ова значи дека земате „додавка“ што ја ставате пред или после именките или глаголите, на пример „In“ или „Aus“. Овие додавки означуваат место, време, начин, и тоа произведува нов збор. На француски имаме нешто слично, можеме да го правиме тоа понекогаш, но многу ретко. Можеме да кажеме „да се зелени“ и „зазелени“, но тешко ни е да кажеме „одзелени“ или „да подзелени“.  Во германскииот јазик тоа можете да го направите. Секој јазик во себе ги содржи своите правила на пронаоѓање и можноста тие да се прекршат. Кога Жак Дерида рече дека еден јазик не е сопственост, зборуваше за неговата лична приказна: роден во Алжир, тој беше pied-noir, со француски мајчин јазик, но му се чинело лудо што во Алжир арапскиот јазик се сметал за странски јазик, дека во училиште се учи како странски јазик. Тој тоа го нарече „еднојазичноста на другиот“.

Значи, тој рече дека еден јазик не е сопственост и дека, поради оваа причина, ние мора да го почитуваме, да одиме во правецот на неговата сензибилност и значење. Можеме да измислуваме со или внатре во јазикот, но постои смисла во сето тоа. Можеме да не ги почитуваме правилата на еден јазик, под услов да го почитуваме неговото скриено правило: да го разбереме измислувањето себеси. Верувам дека секој јазик има сопствени можности да се измислува.

Зошто велиме дека на тие што веќе зборуваат два јазика им е полесно да научат нов јазик?

Прво би рекла: бидејќи веќе зборуваат „јазици“. Тие се свесни за тоа, и ниту еден  јазик не им се претставува како логос, како единствен можен јазик. Сигурноста дека постојат најмалку два јазика им вели дека постојат и многу други, и дека можеме да ги споредиме, да ги видиме во сооднос. Во старогрчкиот логос значи пред сè „однос“: a / b = c / d, еве еден логос, што го нарекуваме пропорција. Да се ​​биде двојазичен ви овозможува да изградите однос; и преку можноста да се воспоставуваат односи некој може да ги дефинира способноста и интелигенцијата. Да се ​​биде двојазичен ви овозможува да воспоставувате односи меѓу јазиците, помеѓу неколку јазици, и затоа е полесно да се научат.

Зошто јазикот што најмногу го зборуваме е јазикот што го зборуваме на училиште?

Дали зборуваш ист јазик дома и на училиште? Кажи ми на кои јазици зборуваш?

Зборувам англиски и француски.

Како се случи тоа да зборуваш англиски, еден од твоите родители зборува англиски?

Да, мајка ми е Англичанка, а татко ми е Французин. Зошто не зборувам повеќе на англиски?

Мислам дека ми го даде одговорот. Ти зборуваш англиски со мајка ти, но бидејќи живеете во Франција зборуваш француски со сите други. Мислам дека разговараш со сите други заедно почесто отколку со мајка ти, но тоа не го спречува англискиот јазик да ти биде мајчин јазик во строгата смисла на зборот. Сонуваш ли можеби на англиски јазик?

Не знам.

Биди внимателен следниот пат кога сонуваш, можеби ќе забележиш дека сонуваш на два јазика, а секако дека е возможно да зборуваш со многу повеќе луѓе на француски отколку на англиски јазик, но веројатно зборувааш многу поинтензивно со мајка ти.

 

 

На почетокот зборувавте за способноста да се пронаоѓааат нови зборови, за таа способност и за зборовите специфични за секој јазик. Дали оваа способност ќе има и понатаму смисла, водејќи сметка за глобализацијата на англискиот јазик, дали оваа способност ќе продолжи да постои? Постојат зборови на француски кои доаѓаат од англискиот јазик и зборови на англиски јазик кои доаѓаат од францускиот јазик. Со текот на времето, дали ќе има еден јазик за сите?

Можно е тоа да се случи, денес веќе речиси имаме еден таков јазик за сите, јас го нарекувам „глобиш“, „Глобален англиски“. Кога сакате да побарате кафе, можете да го побарате на овој јазик од Пекинг до Таманрасет. Тоа е јазик за комуникација, возило, но не треба да се побркува со англискиот јазик. Англискиот е многу побогат од „глобиш“, англискиот е јазик на културата и творештвото, затоа на глобиш нема никакви дела, освен апликациите да се бараат пари од Брисел - дури и во Франција.

Мислам дека глобиш веќе постои и дека пред него имало други споредливи јазици кои служеле како возила, со оваа многу важна разлика:  тие беа помалку ограничени и во однос на зборовите, а и што се однесува до нивната структура. На пример, во она што Грците го нарекуваа „населен свет“ (екумена), се зборувал koinê, грчки јазик заеднички за сите (koinos значи „заеднички“). Тој заеднички грчки јазик бил поинаков од изворниот грчки јазик, кого го спомнав претходно, иако изграден врз иста основа. Подоцна постоел латинскиот како јазик на Империјата, потоа како јазик на католичката црква. Секогаш постои врска меѓу оние кои доминираат и најмногу зборуваниот јазик. „Заедничкиот“ јазик бил грчки кога Грците доминирале, латинскиот кога доминирала римската империја. Сега тоа на извесен начин е јазикот на англо-американската империја.

Дали „глобишот“ ќе го победи мајчиниот јазик?

Баш за да се избегне тоа, сакав да го направам речникот на непреводливите. Една од најголемите закани за Европа е да постојат само глобиш и дијалекти, а мајчините јазици да не се веќе рамноправни јазици туку само дијалекти на кои си зборуваме дома, или со роднини, во мало село, мал град, мала земја. Заканата од еден единствен јазик за комуникација е многу реална. Наспроти оваа закана, секој треба да зборува на својот јазик и повеќе од еден јазик. На пример, една од многу конкретните форми на „анти-глобиш “ активизмот се состои во создавање двојазични изданија и учебници за јазици кои нема да нудат само упатства за комуникација, туку ќе нудат и култура, со други зборови - убавина, текстови што треба да се слушнат на еден јазик, а не на еден нејазик, на глобиш. Затоа инсистирав на воздишките на Ахил и солзите на Тетида или на Ла Фонтен, зашто во нив слушаш понешто различно на секој јазик, во секој јазик. Сметам дека е злобно што учебниците не го прават тоа, што не нудат повеќе текстови напишани на убав јазик; тие само ве учат како соодветно да комуницирате. Јазикот е повеќе од средство за комуникација. Очигледно, таквиот пристап им дозволува на луѓето да комуницираат, но постои и нешто друго, а тоа се авторите, делата, пронајдоците, пресеците на светот. Опасноста е реална, но исто така е во наша моќ да осигураме дека јазиците нема да станат дијалекти; доволно е да ги зборуваме, да ги учиме, да ги цениме.

 

Која е реалната опасност ако сите зборуваме на ист јазик?

Ако тоа не е вистински јазик и не ни недостасува. Глобишот не е вистински јазик зашто, во моментов - а тоа се должи на неговата конституција - тој е само средство за комуникација. Тоа е помошен, службен јазик, а не јазик на културата. Опасноста се состои во тоа дека ќе постои само еден службен јазик, а да ги снема јазиците на културата. На кој јазик можете да напишете убав текст, еден добар текст!? Не на глобиш! На глобиш можете да пишувате апликации, патем, ве тераат да ги пишувате на тој начин. Но како да напишеш песна на глобиш? Може да се проба, можеби тоа би било забавно искуство, но песната ќе испадне малку иронична. 

Текст на еден вистински јазик содржи во себе нешто како историјата на тој јазик, поврзан со сите текстови испишани со него, со кои се храни, сакал или не, и кои се наоѓаат напишани „под“ и пред него. Како од глобишот да се направи нешто  културно и убаво, нешто друго, поинакво, не само комуникатибилно? Ова е вистинското прашање. Гугл тврди дека дури ги вклучува дивјаците качени на дрвја и секому му зборува на сопствениот јазик. Браво, ако е тоа вистина! Но, верувам дека се работи едноставно за јазични „парфеми“, „вкусови“ (Гугл го употребува изразот), како со вкусовите на сладолед: ќе правиме француски вкус, руски, баскиски парфем, итн. Таму нема јазици, силни и посебни. Треба да бидеме многу внимателни. Сметам дека таму лежи опасноста.

(продолжува)

 

Слики: Alice and Martin Provensen, Aesop’s Fables (1965)

Извор за текстот: Barbara Cassin, Plus d'une langue, 2019.

Превод: Борјан Заревски

 

 

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Книжевност / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Филм

ОкоБоли главаВицФото