Во нашата училница книжевноста е централна за разбирање на светот

03.09.2021 11:09
Во нашата училница книжевноста е централна за разбирање на светот

Разговорот го водеше Фросина Крушкаровска.

 
  Под мотото „Од приказна до реалност“ Ивана Смилевска и Марија Бошковска создаваат алтернативен простор за запознавање со книжевноста, откривајќи им ја на децата забавната и игрива димензија на книгите и пишувањето. Тие се креаторки и менторки во Училницата за креативно пишување во рамки на платформата за едукација на деца и млади – Училница, каде децата и тинејџерите, освен што се стекнуваат со дополнителни знаења, учат и како да ја изразуваат својата креативност, слободно и критички да размислуваат и да соработуваат.

Раскажувајќи ни за својата работа, тие истакнуваат: „Ако нешто нѐ фасцинира, тоа е колку свежа содржина прават децата и колку се желни да ја споделат истата.“
 

Раскажете ни за вашата програма за Креативно пишување и толкување? Што ве мотивираше да се фокусирате на ова поле?

Програмата на Училницата за креативно пишување ја замисливме како спој на sugar, spice and everything nice :) Решивме да приготвиме еден посебен рецепт од вежби за креативно пишување, читање и мааалку теорија. Адаптирана е и за деца и за тинејџери и целта е преку часовите, учениците да се запознаат со книги и автори, да истражуваат, анализираат, пишуваат и досетливо да се изразуваат. Нѐ мотивираше тоа што за нас книженоста е поврзана со сѐ - музика, филмови, мемиња, политика, филозофија и дигитална комуникација. Оваа способност, да се види реалноста низ „книжевни очила“ за нас е извор на многу креативни идеи кои не мора дирекно да се врзани со текст во книга. Така некако и ја креиравме програмата за Училницата за креативно пишување, како една синестезија од разговори, интерактивни вежби за пишување и компаративно анализирање на разни уметнички форми. Појдовна мотивација за нас секако беше и постоењето на Училница како алтернативен простор за едукација на деца и млади во кој се поттикнува неформално учење. Оттука, оформивме настава во која книжевноста не е на маргините, туку е појдовна точка за разбирање на светот како поле со приказни.

Со која цел постои Училница, кои други програми се таму достапни и како заинтересираните да ве најдат?

Светот е она што го правиме од него.

Во Училница се учи како да се користи технологијата за општествена промена и лично надоградување. Нашата цел е да ги опремиме младите со потребните алатки за тие да бидат предводниците на дигитални иновации и општествени промени. Училница е основана врз принципот дека секој млад човек поседува уникатен состав на таленти и способности, кои единствено со внимателно и правилно менторство може да ги трансформираат идејата во реализација и невозможното во остварливо. Оттаму и спојот на уметноста, науката, технологијата, инженерството и математиката во Училница. Ова овозможува поголемо разбирање, критичка мисла и комплетно образование. Ние веруваме дека во светот кој станува сè покомплексен, успехот не произлегува само од она што го знаетe, туку и од она што може да го направите со тоа што го знаете.

Летово ни поминува во подготовки за почетокот на есенските Училници. Тоа се, Училница за стрип, Училница за филозофија, Училница за графички дизајн, Училница за глума и Училницата за креативно пишување, сите за деца. Дополнително, за прв пат есенва ќе ја имаме и Училница по основи на програмирање.

На часовите обработувате важни домашни и странски дела. Како ја составувате листата за читање?

Направивме една потесна листа на книги која ја адаптираме според возраста на децата, но генерално, таа вклучува автори кои ги поставиле темелите на македонската книжевност за деца, но и подзаборавени камчиња на сакањето. Листата е спој од книги кои се важни да се прочитаат кога си дете, но и книги кои нѐ заинтригирале за читање кога ние сме биле мали. Засега во задолжителната литература ни се Славко Јанески, Оливера Николова, Славка Манева... Особено ни е важно и вклучување на онлајн македонска содржина со што поттикнуваме читање современа книжевност и истражување на нови автори, содржини и медиуми за изразување преку пишување. Вклучивме и некои светски класици за деца кои ни служат како примери за одгатнување на магијата на книжевноста и како дополнителен поттик за развивање на компаративно размислување. Тоа некогаш подразбира анализирање на Ана Франк во една историска смисла, или пак читање на Урсула К. Ле Гвин во еден дистописко - филозофски контекст кој тесно се врзува со појавата на научната фантастика.

Во наставата се трудите да ја проширите визурата на книжевноста преку интермедијалност, интердисциплинарност, посета на културни настани – ова делумно потекнува и од вашата заднина во дисциплината компаративна книжевност. Што во практика значи ваквиот пристап?

Да, излегуваме од еднодимензионалното претставување на книжевноста. Преку изборот на насловите, нив ги поврзуваме со филмови и со серии, со илустрација, а на пример ритамот и римата се совршено објасниви преку музика. Понекогаш, вежбите за креативно пишување подразбираат и претходна прошетка, посета на промоција на книга или поетско читање, гледање на претстава или посета на изложба. Нашата идеја преку овој пристап е да покажеме како книжевноста излегува од рамките на корицата и зема активно учество во светот кој нѐ опкружува. Оттаму потребата часовите да вклучуваат интермедијалност и интердисциплинарност. Децата се изненадени, но истовремено и многу ентузијастично ја прифаќаат играта и сакаат да се вклучат со мислење. Најчесто навикнати делата обработувани на час да не бидат поврзани со духот на времето во кои биле напишани, сакаат да дискутираат бројни интерпретации, но и да ги поврзат со актуелни тематики. И верувајте, имаат што да кажат.

Крајниот резултат кој сакаме да го постигнеме е спој од поголема љубопитност и аналитичност, повеќе хумор и желба за игривост при пишување наместо страв од белиот лист. Така, од еден необоен цртеж на кој има суштество со само еден црвен ракав може да се роди книжевен лик - супер херој кој има волшебна моќ да ги гаѓа/полива „лошите“ со, замислете - крв! Универзумот на Марвел е само една ѕвезда во имагинацијата на децата.

На часовите имате можност и доста блиско да комуницирате со учениците, поради самата суштина на книжевната работа која бара отвореност и промисленост. Кои теми најмногу ги интересираат денешните деца и тинејџери? Ве изненадуваат ли некогаш со своите увиди и реакции?

Часовите посветени на дискусија се најдинамичните. А дискусија развиваме скоро секој час. (Секој час е дискусија сам по себе). Тинејџерите дефинитивно ги интересираат оние теми кои не се само малку изоставени во формалното образование, а богами и во медиумите. Се интересираат за менталното здравје, активизмот, популарната култура, а исто така особено им се интересни зачетоците на книжевноста, митовите, толкувањата на разните религии, научната фантастика, системите на уредување, па и војни и дистопии.

Кај помалите деца, пак, интересот е на теми како растење, другарство, емпатија, еднаквост. Секако, овие теми ги разговараме низ призмата на книжевноста и текстовите кои ги работиме, но изненадувачки е тоа што децата знаат да споделат искуства од нивното секојдневие и тоа лесно да го врзат со книжевната тема за која дискутираме. Најмногу нѐ радува кога ќе ни кажат дека текстовите од часовите по креативно пишување не остануваат заробени во фиока, туку се споделуваат со родителите или стануваат зборовни игри кои се играат со пријателите.

Игрите со зборови што се случуваат во Училница, веќе се овековечени на еден фрижидер во кујна и во еден детски расказ, подарок за роденденот на мама. Ова е совршена награда за нас како менторки.

Тимот на Училница

Според вас, како книжевноста и креативното пишување може да помогнат во процесот на созревање на децата?

Кај децата не постојат вродени предрасуди. Вредностите се нешто што децата го учат низ растењето и стекнати на овој начин тие ја градат идната возрасна личност. Преку изборот на книги, кои разработуваат теми како другарство, мудрост и комичност, но и содржина која нуди поинаква перспектива на општествени прашања, сакаме да учествуваме во градењето на идентитетот и еманципацијата кај децата. Понекогаш, тие се изненадени што таквиот пристап им се нуди на мајчин јазик, но се задоволни што современите провејувања се вметнати во програмата. Сфаќаат дека постои разноликост. Па така, помалите деца можат да научат за емпатија, за еднаквост, да изградат оригинално „јас“ и да бидат љубопитни. Кај тинејџерите пак, преку литературата отворено разговараме за сите теми кои ги интересираат, а за кои не секогаш добиваат прилика да дискутираат. Генерално, градиме и поголем вокабулар на зборови за потечно и досетливо изразување на македонски јазик, усно и писмено.

Часовите што вие ги држите претставуваат еден вид алтернативно образование. Како она што вие го нудите се надоврзува и надополнува со редовното училишно образование?

Дел од литературата која ја имаме избрано се спомнува и во формалното образование, но нашиот пристап е различен по тоа што е интердисциплинарен и компаратистички. Освен знаење, во Училницата го објаснуваме и контекстот преку кој знаењето станува применето и добива логична смисла. Важно е учениците да сфатат дека една книга не постои сама по себе, и е поврзана со другите уметности и со општеството. Анализата на книгата не смее да биде „во текстот завесата е сина бидејќи авторот е тажен“. Меѓу другото, живееме во онлајн свет, каде што сме преплавени со информации што не знаеме како да ги читаме, бидејќи контекстот одамна не се бара. Исто така, во Училницата по креативно пишување освен што работиме на фондот на зборови, практикуваме пишување и објавување на сопствена содржина на интернет.


Што самите вие научивте низ целиов процес на работа? Дали некои очекувања, идеи, сфаќања во врска со книжевноста и образовната работа ви се променија?

Потребите со кои доаѓаа децата само ги потврдија нашите размислувања за формалната настава. Сметаме дека сите сме сведоци на детската генијалност, што во случајов уште еднаш ни се потврди. Имајќи предвид дека во Училницата за креативно пишување се запишуваат деца со зачнат интерес за книги, тие имаат индивидуални потреби на свој начин го извлечат максимумот. Па така сега сме уште поупорни и адаптабилни во пристапите со секое дете, со што дополнително се потврдува растегливоста и променливоста на книжевноста, ова особено е важно за модерните форми на генералната комуникација.

Ги учиме децата, но и тие нѐ учат нас.

Според вас, зошто е важно создавањето нови модели и простори на учење, настава, творење, размислување?

Ние веруваме дека создавањето на нови модели и простори за учење, настава, творење, размислување е клучно во креирањето на слободни индивидуи, кои се способни да размислуваат со своја глава и да творат соодветно. Тука секако не сакаме да го исклучиме интернетот и активното учество кое тој го зема во животите на сите млади и деца. Многу е тешко да се дојде до нова, интересна и едукативна содржина доколку не знаете како да ја побарате. Ние се трудиме да ја тргнеме таа препрека со децата кои доаѓаат во Училница. Истовремено, од општествена перспектива, со постепеното згаснување на телевизиската содржина и одомаќинувањето на интернетот во втората половина на ‘00тите, но и преминот од печатени во онлајн медиуми се промени начинот на јавната комуникација. Дигиталната транзиција ги оттргна младите од македонска интернет содржина, а не ги научи постарите како одново да ја читаат истата. Преку книжевноста, ние со децата ги учиме и двете. Ако нешто нѐ фасцинира, тоа е колку свежа содржина прават децата и колку се желни да ја споделат истата.

 

ОкоБоли главаВицФото