
„ПичПрич“, иницијативата за промовирање на женската усна историја, крајот на летото го заокружи со слем. На 31 август, во кафе-книжарницата „Буква“, четири раскажувачки ги споделија нивните искуства, производ токму од овој наследен патријархален здравствен систем. Слемот го модерираа Румена Бужаровска и Ана Василева.
Темата на слемот беше „Гинеколошки приказни“, односно приказни кои ги детабуизираат митовите за женското здравје и беа искуства на жени кои поминале низ јавни и приватни болници и ординации, можеа да се слушнат интимни приказни и искуства, како и последиците од тие искуства. Потоа се имаше и дискусија со публиката.
„Жените поминуваат низ изобилие од несоодветни, неумесни и неретко насилни ситуации низ болниците. Женското тело, со тоа и здравјето стануваат само уште еден фронт каде арогантните и неуки патријархални практики си изнаоѓаат начини како да ги понижат и навредат примателките на услуги. Поради ова просторите кои би требало да бидат отворени и безбедни се претвораат во средини каде што сме доживеале трауми што честопати ги премолчуваме“, кажаа модераторките.
Учеснички на слемот беа Ана Мартиноска, Салија Бекир Халим, Алмира Фасљи Муарем и Ирена Шуплиновска-Јордановска.
Извонредни фотографии од настанот, кои овде ги претставуваме, направи Јелена Белиќ.
Фотографии: Јелена Белиќ