1019 hPa
72 %
17 °C
Скопје - Пет, 14.08.2026 04:59
Најдобро се пишува тажен,
но кому му се пишува тажен?
Наточи си солзи од потокот
и истури ги во синото море
да нурнат во длабочините
на загубениот незаборав.
Најдобро се умира среќен,
но кому му се умира среќен?
Изеди си ги насмевките
под белото соголено дрво
и закопај ги нивните семки
во срцето на минското поле.
Најдобро се живее далеку,
подалеку од сè што мрда и демне,
зад седумте невидливини,
зад десетте непостојбини
и уште подалеку, и уште и уште,
каде ни сенката нема да те најде.