Интервјуто со Мицкоски на ТВ Алфа: Шпекулации, теории на заговор, сеење страв и подгревање тензии за пописот

06.09.2021 09:11
Интервјуто со Мицкоски на ТВ Алфа: Шпекулации, теории на заговор, сеење страв и подгревање тензии за пописот

Во гостувањето на ТВ Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“ на 1 септември 2021, во делот во кој се зборуваше за претстојниот попис, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги потврдуваше нафрлените шпекулации од водителот, при што „зготви“ турлитава од теории на заговор, сеење на страв, подгревање етнички тензии и ширење недоверба кон институциите што бројат гласови, како што е ДИК, со која, пак, раководи кадар предложен токму од ВМРО-ДПМНЕ.

Целата емисија изобилуваше со шпекулации и манипулации, но во оваа анализа ќе се фокусираме само на оние спорни и манипулативни тези кои се однесуваа на пописот, кој е од исклучителна важност за јавниот интерес. Да одиме со ред.

1. Новинарско прашање кое подгрева шпекулации и етнички тензии

Горан Момироски, водителот на „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, го праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски:

„Едно прашање околу пописот – неколку луѓе ме замолија да го поставам ова прашање – имаме ли простор за сомнеж дека на пописот може да се случат манипулации, и не знам сега, како што ми беше поставено прашањето, Македонците да паднат под 50%, а Албанците да се качат над 40?“

Имајќи предвид дека прашањето е конкретно, и содржи претпоставки со конкретни бројки, малку е веројатно дека би можеле да го постават „неколку луѓе“, освен ако тие луѓе немале инструкција да го постават токму тоа прашање и токму со тие бројки.

Прашањето содржи претпоставка или шпекулација од извори кои не се назначени, иако јавноста има право да ги знае изворите за да го процени нивниот кредибилитет и мотивација. Новинарски легитимно е да се постави прашање „имаме ли простор за сомнеж дека на пописот може да се случат манипулации“. Во тој момент, текстот на кајронот се менува со пораката:

„Пописот почнува, државата неподготвена, бојкотот реалност“.

Но во вториот дел од прашањето се специфицираат конкретни етнички заедници и бројки на проценти – „Македонците да паднат под 50%, а Албанците да се качат над 40“ – шпекулации кои значително отстапуваат од процентите на последниот попис од 2002 (Македонци – 64.18% и Албанци – 25.17%).

Ваквиот начин на поставување на прашање со шпекулации за наводни идни манипулации не е во согласност со професионалните новинарски стандарди, особено ако се земе предвид политичкиот контекст и претходните искуства, кога шпекулациите со проценти за пописот беа користени за сеење страв и поттикнување на етнички тензии меѓу Македонците и Албанците.

Исто така, ако се анализира пораката од кајронот која се појавува токму кога се спомнуваат шпекулативните проценти – „Пописот почнува, државата неподготвена, бојкотот реалност“ – може да се заклучи дека новинарското прашање е крајно тенденциозно, и дека со шпекулациите за процентите се поттикнува не само недоверба во институциите, туку и се заговара бојкот на пописот, односно бојкотот се опишува како „реалност“ уште пред воопшто да започне пописот.

2. Мицкоски ги потврдува и зајакнува теориите на заговор

Во првиот дел од одговорот на гостинот Христијан Мицкоски, тој ја оценува како теорија на заговор претпоставката содржана во тенденциозното прашање:

„Видете, ако ние веруваме во таков тип на теории на заговори, сè е можно. Сè е можно имајќи го предвид концептот на оваа власт. Апсолутно е сè можно.“

Од неговиот одговор може да се заклучи дека самиот Мицкоски верува во таквата теорија на заговор, затоа што два пати повторува „сè е можно“, а третиот пат вели: „Апсолутно е сè можно“.

Денес, прашањето на теориите на заговор е особено актуелно во медиумската етика, во контекст на раширеното негирање на климатските промени, КОВИД-19, како и вакцините.

Така, на пример, една од панелистите на семинарот „Медиумска етика во време на теории на заговор“ ќе предупреди дека теориите на заговор можат да играат улога на катализатори на процесот на радикализација, па дури и да поттикнат употреба на насилство како легитимен начин на одбрана од „перципираната конспирација“.

Токму затоа, ниту новинарите, а уште помалку политичарите, не треба да шират и потврдуваат теории на заговор што манипулираат со јавното мислење, предизвикуваат поделби и нанесуваат штета во општеството.

3. Мицкоски манипулира со погрешни споредби и погрешен пример

Понатаму, во одговорот кон водителот на емисијата, Мицкоски прави неоснована споредба помеѓу локалните изборите и пописот, давајќи погрешен пример:

„Затоа велам јас, еве пример ќе дадеме. Имаме општина „X“ – нема да споменуваме етникуми, нема да споменуваме дали тоа биле Македонци, дали биле тоа… Нека се Македонци, еве, ајде да не бидам погрешно сфатен, нека се Македонци. Во општина „X“ тие Македонци, на овие избори, користејќи ги ‘фингерпринт’ терминалите, каде што – ќе повторам – точно знаеме кој гласал, од кој етникум гласал, на која возраст, дали е маж, дали е жена, точно знаеме. Може да се направи со пондерирање точен профил на таа општина. И во таа општина за време на изборите имаме, условно кажано 2.000 гласа, а наеднаш вие гледате во таа општина „X“, дека на пописот после една година од кога ќе заврши, се појавиле 10.000 жители. И, сега се поставува прашањето, ако само две недели по завршувањето на операцијата вие имате пет пати помалце, тогаш (се уфрлува – „нема логика“) и тоа е кривично дело.“

Очигледно е дека Мицкоски со претпоставки, шпекулации и изведување заклучоци од типот „што би било кога би било“ – се обидува да шири недоверба во резултатите од пописот, пред пописот воопшто да започне и да биде спроведен.

Таквата тенденција е во согласност со партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ, соопштен во насловот на веб-страницата блиска до оваа партија „СДСМ сака политички попис, не прифатија фингерпринт терминали, и одат на попис со однапред договорени бројки“.

Примерот што го дава Мицкоски за општина „X“ е несоодветен и манипулативен, затоа што воопшто не станува збор за ист тип на податоци кои се прибираат на локалните избори и на пописот. На изборите, „фингерпринт“ терминалите ќе прибираат податоци (отпечатоци од прст) само за гласачите постари од 18 години кои ќе излезат на гласање и кои ги има во избирачкиот список, а пописот опфаќа поголем број категории на лица. Множеството гласачи кои ќе излезат на локалните избори во дадена општина, реално може да е неколкукратно помало од множеството на запишаните избирачи од таа општина, а уште помало од множеството лица опфатени со пописот (и децата до 18 години и други категории лица).

На пример, според податоците од ДИК, во Центар Жупа, на изборите во 2020 година гласале само 21.70%, во Маврово-Ростуше 29.94%, во Врапчиште 32.09%, во Желино 32.1%, во Пласница 34,11%, во Шуто Оризари 35,19% од вкупниот број запишани избирачи.

Со оглед на тоа што во пописот нема да бидат опфатени само лицата со право на глас над 18 години, туку и децата и лицата без документи, логично е да се претпостави дека може реално да има и општини каде што ќе има „пет пати помалце“ излезени гласачи на локални избори од лица опфатени со пописот! И тоа нема да биде никакво „кривично дело“, затоа што примерот што го дава Мицкоски е погрешен, манипулативен, односно преставува мешање на „баби и жаби“.

4. Мицкоски како Сталин: Не е важен тој што гласа, туку тој што брои?

Понатаму, Мицкоски продолжува:

„И затоа ние велиме – дајте да ги делегитимираме, да имаме можност да влеземе во таа институција и да биде како што треба работава. Оти, знаете како велат, важен е тој што брои. Ако тој што брои, сака вакви работи да направи, може да направи. Не велам не.“

Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе од една деценија раководеше со Државниот завод за статистика, институција која не успеа да спроведе попис „како што треба“. Факт е дека пописот во 2011 беше стопиран и дека на буџетот му беше нанесена штета од неколку милиони евра, и дека за тоа никој сè уште не одговара.

Исто така, факт е и дека партијата на Мицкоски е веќе влезена со свој кадар во клучната институција за пребројување на гласовите од изборите – актуелниот претседател на ДИК е избран како кандидат предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти овие факти, пред воопшто да започнат пописот и изборите, Мицкоски се обидува да ги делегитимира институциите, изнесувајќи во јавноста нови шпекулации дека „важен е тој што брои“, повикувајќи се на една анегдота која му се припишува на Сталин во 1923 година.

Имено, во рамките на една внатрепартиска расправа, Сталин бил запрашан што мисли за прашањето како да се извојува мнозинство во партијата. Според спомените на бившиот секретар на Сталин Борис Бежанов, Сталин одговорил: „Знаете другари… сосем е неважно кој и како во партијата ќе гласа – но најважно е кој и како ќе ги брои гласовите“.

Но, ако Мицкоски и Сталин се во право, и дека не е воопшто битно кој и како гласа и врши попис, туку кој ќе ги брои гласовите од изборите (и лицата од пописот), тогаш практично се шири недоверба кон секоја партија која со свој кадар раководи со ДИК и Државниот завод за статистика.

Да потсетиме само како Сталин беше искористен во еден медиумски обид за делегитимирање на резултатите од изборите во 2020 година. Во написот „Изрека од Јозеф Сталин која ќе ве потсети на на вчерашните нерегуларности на парламентарните избори (ФОТО)“ пишува: „Изрека од еден од најпознатите диктатори на Русија, Јозеф Сталин, ќе ве потсети на нерегуларностите од вчерашните Парламентарни избори. Откако беше хакната страната на Државната изборна комисија се испомешаа гласовите, па затоа денес имаме одново рачно пребројување на гласовите.

– Не е важно кој гласа, туку кој ги брои гласовите, рекол Јозеф Сталин.“

Написот е објавен во рубрика „Твитови“, без да биде наведен твитот и изворот, што е уште една медиумска манипулација. Во „Курир“ заборавиле да ги информираат читателите дека во 2020 најодговорен за броење на гласовите во ДИК беше кадар предложен од ВМРО-ДПМНЕ (за кој подоцна обвинителството поднесе кривична пријава за набавката на софтверот кој затаи за време на пребројувањето на гласовите). И сега, повторно, за претседател на ДИК беше избран кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Дали Мицкоски, повикувајќи се на Сталин, сака да ни порача дека треба да се сомневаме во резултатите од локалните избори затоа што најодговорен за броењето на гласовите е кадар предложен од ВМРО-ДПМНЕ?

Практично, со обидот да го делегитимира пописот, повикувајќи се на изреката на Сталин, Мицкоски ги делегитимира и локалните избори спроведувани од ДИК на чело со претседател – предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Слики: Fillip Hodas

Извор: civilmedia.mk

 

ОкоБоли главаВицФото