Страшна ноќ (фрагмент)

06.09.2021 19:49
Страшна ноќ  (фрагмент)

 

Пренесуваме дел од новата сликовница во едицијата „Старо купувам“ на книгоиздателството Темплум. Расказот на Јаневски, „Страшна ноќ“, според кој е направена сликовницата, е антологиски, еден од најубавите раскази во македонската книжевност. Сликите на Андонова совршено ги доловуваат ритамот и експресивноста на Јаневски и читателот - до самиот нос! - го нурнуваат во атмосферата на „страшната ноќ“, кога оживуваат играчките а остануваат да ѕиркаат само очите на исплашените и љубопитните.  Дејството се случува во едно дуќанче во „гратче со тесни сокачиња, стиснати од двете страни со трошни куќарки, шарени и со црвени петленца на стреите“. 

Интересно е што Андонова главниот лик на стариот продавач на играчки го изградила со помош на ликот на Славко Јаневски...

 

Славко Јаневски и Наташа Андонова (илустрации)

Страшна ноќ (фрагмент)

 

Не знам како се викаше тоа гратче, иако ги помнам неговите тесни сокачиња, стиснати од двете страни со трошни куќарки, шарени и со црвени петленца на стреите. Го помнам и старото мовче што го тресе трилетна треска кога ќе надојде реката покриена со пена. Удираат матните бранови по градите на мовчето а тоа стенка, се ниша, крцка, чиниш ќе се урне во пената и ќе отпатува кон морето.

Но мовчето се држи, та може да се мине преку него и да се стигне до едно весело дуќанче со секакви играчки: топки, кукли, палјачовци, труби.... За балони и да не шепотиме.

Ќе дојдат деца, ќе ти ги залепат дамкавите носиња на стаклото и ќе гледаат во шарениот свет.

И којзнае до кога ноќите и дните ќе беа исти во тоа дуќанче, ако еднаш...

Чекај, сето тоа беше вака...

Во дуќанчето донесоа, од фабрика, голем и тежок сандак. Стариот продавач го откова сандакот и извади од него сто страшни оловни војници, два авиона и еден топ. Ги нареди старецот војниците, авионите и топот на едно поличе, ги избриша очилата, завитка шал околу вратот и излезе од дуќанот. Ветрот немирник појде по него, белки ќе му ја симне шапката од глава, но старецот се сети и влезе во една крчма.

 

БЕЛЕШКА ЗА АВТОРИТЕ

Славко Јаневски (1920-2000) е најважниот македонски писател за деца, а можеби и за возрасни. Пишувал книги за деца, романи, песни, филмски сценарија, есеи, патописи... Од 1945 година бил уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, меѓу другото и на списанието за деца „Титовче“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“.

Во Темплум во 2014 г. беше објавен избор од неговите песни за деца под наслов „Како така? Зошто така?“ Сè да знае светот сакал! со илустрации на Владимир Лукаш. Во Темплум излезе и избор од неговата поезија, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми.

 

Наташа Андонова (1974, Скопје) е ликовна уметница, илустраторка, костимографка, сториборд артистка и аниматорка. Театарска и филмска костимографија работи од 1998 г. како автор и асистент во низа театарски проекти, вклучувајќи детски куклени претстави. Во филмската дејност работела како костимограф, сет дресер, сториборд цртач и видео аниматор.

Во областа на ликовната уметност реализирала десет самостојни изложби и бројни групни изложби во Македонија и странство.

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Психологија / Живот / Уметност
Фотографија / Култура / Настан
Уживање / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото