Виртуелна изложба „Incorporeal" на Ива Станковска

07.09.2021 12:46
Виртуелната изложба "Incorporeal" на Ива Станковска

PrivatePrint Studio ја претставува виртуелната изложба "Incorporeal" на Ива Станковска. Во досегашната работа на Ива Станковска делото се создава по принципите на случајноста, акцијата и на просторноста. Во рамките на оваа соработка, во VR Studio-то, нејзината практика се најде во простор во којшто е предизвикана од сосема поинакви принципи, тие на компјутерската технологија.

Incorporeal е виртуелна изложба каде што Станковска успешно ја преведува својата работа во виртуелна форма. Таа останува доследна на својата досегашна практика и ја внесува случајноста во релација со виртуелната околина. Во неа, ние како посетители, сме ставени во позиција да бидеме случајност и се чувствуваме затекнати во простор којшто има многу интимен карактер. Изложбата нè става во позиција на дојденци што бестелесно гравитираат меѓу дела кои во реалноста е речиси невозможно да се изведат: лебдечки мраз кој никогаш нема да се растопи или снежен ангел кој никогаш нема да биде завеан“, се вели во најавата за проектот.

Тимот на овој проект го сочинуваат: Ива Станковска, 3Д дизајнер: Борко Хаџиевски, Музика: Кети Танчева, куратор: Илија Прокопиев, програмер: Милан Насевиќ,  координаторка: Марија Христова. Звукот е специјално создаден за оваа изложба и е снимен во Радио МОФ.

PrivatePrint - VR Studio е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби. Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнерот Борко Хаџиевски, еден од основачите на PrivatePrint Studio и наш долгогодишен соработник, кој ја изработи виртуелната верзија на нашето студио. На даден предлог од уметник, тимот на PrivatePrint - VR Studio курира, моделира и просторно дизајнира изложба целосно поставена во виртуелниот простор.

VR Studio оваа година е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.