Непознатата историја на какаото

08.09.2021 01:18
Непознатата историја на какаото

Трагите пронајдени на праисториски садови на територијата на денешен Еквадор, откриваат дека луѓето го преработувале какаото уште пред 5 300 години, што е речиси 1 500 години порано одошто досега се сметаше врз основа на досегашните историско-археолошки наоди.

Иако тропското дрво какаовец (Theobroma cacao) претставува значаен извор на приходи за земјите во кои расте, историјата на неговото припитомување, одгледување и најрано користење е прилично непозната. Досега се веруваше дека ова растение најпрвин било одгледувано во Централна Америка. Меѓутоа, ако се суди врз основа на геномското истражување објавено во научното списание Nature Ecology & Evolution, култивацијата на ова дрво започнала на северозападот од Латинска Америка, во влажните шуми на горниот дел од Амазон, со оглед на тоа дека во овие предели е утврдена најголемата генетска разновидност на ова дрво.

Токму ова истражување го имал на ум и археологот Мишел Блејк, од универзитетот Колумбија во Ванкувер, кога заедно со својот колега се упатил кон селото Саната Ана ла Флорида, важно археолошко наоѓалиште во Еквадор, каде се пронајдени садови кои се многу слични на оние што ги користеле Маите за правење напитоци од какао, за кои до неодамна се сметаше дека се најстарите деривати на овој плод.

Така Блејк и неговиот колега археолог, Франциско Валдез, користеле три различни археолошки методи за утврдување на потеклото и староста на трагите на садовите.

Археолозите најпрвин ги отстраниле јагленисаните остатоци од готвење од површината на садовите и утврдиле дека тие во себе содржат зрна скроб со идентичен облик како оние пронајдени во зрната какао. Потоа со хемиска анализа, во истите остатоци пронашле траги од теобромин, грочлив алкалоид кој може да се најде во какаото. Најпосле, Блејк и Валдез направиле анализа на древната ДНК извлечена од керамиката, која одговарала на секвенците од модерните стебла какао.

Археолозите сметаат дека овие наоди посочуваат дека пражителите на Еквадор го користеле какаото пред Маите и Олмеците.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://elementarium.cpn.rs/

ОкоБоли главаВицФото