Колку пријатели навистина можете да имате

08.09.2021 01:23
Колку пријатели навистина можете да имате

Колку пријатели може да има една личност? Во една студија од 1993 година, Робин Данбар, британски антрополог, презентираше теорија според која човечките суштества можат да имаат најмногу 150 значајни односи, што е мерка која стана позната како „Данбаров број“.

Но истражувачите на Универзитетот Стокхолм неодамна објавија научен труд кој оваа бројка ја доведе во прашање. Нивната теза е дека луѓето можат да имаат многу повеќе пријатели - но само ако се потрудат.

„Можеме да научиме илјадници децимали од бројот ПИ, а ако комуницираме со многу луѓе, ќе станеме подобри во одржувањето односи со многу луѓе“, наведе Јохан Линд, автор на студијата, објавена во списанието „Biology Letters“.

Во своето оригинално истражување, д-р Данбар проучувал мајмуни и човеколики мајмуни и утврдил дека големината на неокортексот, дел од мозокот одговорен за свесни мисли, е во корелација со големината на групата во која живее некоја единка. Човечкиот неокортекс е уште поголем, па сметал дека идеалната големина на групите кај луѓето, во просек, е 150.

Во новата студија, пак, д-р Линд и неговиот тим користеле нови податоци и статистички методи и утврдиле дека големината на неокортексот не го ограничува бројот на врски кои можат да ги имаат луѓето. Тврдат дека не постои максимален број пријателства кој би можел да се утврди.

Д-р Данбар, професор по еволутивна психологија на Оксфорд, сè уште се држи до своите тези.

Новата анализа, вели, „е глупост, апсолутна глупост“, и додава дека научниците од Стокхолм спровеле погрешна статистичка анализа и погрешно ги сфатиле и нијансите на неговото истражување и меѓучовечките односи.

„Вџашен сум колку не успеале да сфатат што значат меѓучовечките односи“, рече Данбар.

Овој стручњак ги дефинира „значајните односи“ како луѓе кои ги познавате доволно добро и со нив срдечно се поздравувате секаде каде што ќе ги сретнете, во ситуации како што е, на пример, аеродром. Тој број типично е помеѓу 100 и 250, а просекот е околу 150.

На раѓање се почнува со еден или два. Пријателствата кулминираат во доцните тинејџерски и раните дваесетти години. До триесеттите, луѓето имаат околу 150 врски, и таа бројка останува иста до шеесеттите и седумдесеттите, кога почнува да опаѓа.

„Ако поживеете доволно долго, ќе се вратите на првобитниот број од еден или два“.

Во својата книга „Колку пријатели ѝ се доволни на една личност“, тој укажува на историски и модерни примери. Околу 6 000 години пред новата ера, големината на неолитското село на Блискиот исток била помеѓу 120 и 150 луѓе. Во 1086 година, просечно село на територијата на денешна Англија имало 130 до 150 луѓе, вели тој.

Во реалноста не постои само едно правило за сите, вели д-р Луиз Барет, професорка по психологија на Универзитетот Летбриџ во Канада. „Човечкиот живот е навистина заплеткан“, додава таа.

Професорката Барет е и антрополог. Не учествувала во новата студија, а своевремено д-р Данбар ѝ бил професор. Според неа, новата статистичка анализа делува робустно.

„Мораме повторно да разговараме за нашите интерпретации и хипотези, со оглед на новите податоци“, вели таа.

Некако, дебатата се случува токму во момент кога луѓето размислуваат кои пријателства, после пандемијата, ќе им бидат потребни, а без кои можеби и можат. Коронавирусот ги намали нашите социјални кругови.

Д-р Данбар својата теорија ја постави пред неколку децении, пред социјалните мрежи да го променат начинот на кој комуницираме.

„Оваа бројка би имала смисла кога сè уште би се занимавале со визит карти и со луѓето би разговарале тет-а-тет. А нашиот свет веќе не е таков“, вели Анџела Ли, професорка на деловната школа Колумбија.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Derek Beck

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото