Македонските граѓани губат по половина година живот поради аерозагадувањето

09.09.2021 11:00
Македонските граѓани губат по половина година живот поради аерозагадувањето

Загадувањето го крати и до шест години животниот век на милијарди луѓе низ светот, што го прави многу поголем „убиец“ отколку пушењето, сообраќајните несреќи или инфицирањето на ХИВ/СИДА, покажува ново истражување.

Овие податоци се од Индексот „AQLI“, развиен од истражувачите од Универзитетот во Чикаго, кој го пресметува нивото на загадување на воздухот и очекуваниот животен век во споредба со тоа каков би бил доколку се остварат препораките на Светската здравствена организација.

Според истражувањето секој жител на Северна Македонија поради аерозагадувањето губи по 0,6 години од својот живот годишно. Кога ќе се отвори мапата на земјава подетално може да се види дека оваа бројка варира од општина до општина, па така најмногу од животниот век губат жителите на скопските општини Карпош, Центар, Бутел и Чаир, во просек по 1,1 година од својот живот. По една година од животниот век им се крати и на жителите на Велес и Гази Баба. Најмал проблем со аерозагадувањето имаат граѓаните од Берово, каде нема никаква загуба во животниот век како последица на аерозагадувањето.

Согорувањето на јаглен е главниот виновник, велат истражувачите, а Индија е најтешко погодена држава во светот, каде просечен граѓанин умира дури шест години порано поради загадениот воздух. Кина го намалила аерозагадувањето во последните седум години, но нечистиот воздух сè уште продолжува да влијае врз ги начинот на живот на луѓето и го намалува животниот век на населението за 2,6 години.

Согорувањето фосилни горива освен што предизвикува загадување на воздухот, доведува до климатска криза, која исто така го зголемува загадувањето на воздухот со пожари, правејќи еден кобен круг, укажуваат од истражувачите.

„Аерозагадувањето е најголемата надворешна закана по здравјето на луѓето на Планетата и тоа не е широко препознаено, или не е препознаено со доволно внимание колку што треба да се очекува“, смета професорот Мајкл Гринстон од Универзитетот во Чикаго.

„Просечен граѓанин на планетата земја губи 2,2 години од живот со денешното ниво на загадување на воздухот. Доколку ништо не се промени, тоа значи 17 милијарди загубени години. Што друго на планетата предизвикува луѓето да изгубат 17 милијарди години од својот живот“, вели Гринстон.

„Дополнително, ние не само што дозволуваме тоа да се случува, туку ние го предизвикуваме. Најневеројатната работа е дека постојат големи држави каде, ефективно, комбинацијата од владите и општествените норми овозможуваат луѓето да живеат драматично пократки и понездрави животи“, додава тој.

Извештајот на AQLI се базира на истражување во кое се споредени стапките на смртност кај луѓето кои живеат во повеќе и помалку загадени места, каде болестите поврзани со срцето и белите дробови се најголемата причина за рана смрт. Анализата се базира на загадување со мали честички, но тоа веројатно вклучува и други загадувачи на воздухот, бидејќи сите тие обично се високи на исти локации. Проценките за аерозагадувањето низ светот биле преземени од сателитски податоци во резолуција од 6 километри.

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото