1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 10:42
НЕЗАБЕЛЕЖЛИВА ОПАСНОСТ
Зад станичните складови проаѓа автобус. Низ сувата улица ќе помине труба прав, ќе го допре плочникот, ќе ја снема. Ќе се укаже потоа малку подалеку, децата трчаат и ускокнуваат во таа мала вртелешка на ветрот, таа ќе им избега, ќе исчезне, ќе отскита понатаму. Децата трчаат по неа и викаат. Жената што поминува мрмори, не обрнувајќи се никому: „Луди деца. А тоа е најопaсно. Најопасно.“
Не објаснувајќи понатаму, како да кажала премногу од забранетото, таа заминува. Чудната ветрена вртушка се јавува пак на крајот од улицата, како мамка.
ИГРИ ВО ПРИКВЕЧЕРИНА
Во самрак децата си играат криенки во улицата. Мириса на прав, на малку скиснати корупки од лубеница, на штотуку полеана земја.
Кој во тој миг мисли на маалското сениште?
Ламбите се наполу скриени под темните сенила од лисја, гласовите на возрасните повеќе не се слушаат, низ воздухот летаат крупни, тешки инсекти. Криенки, кој сака криенки?
Маалското сениште како да лунѕа некаде наоколу.
Нема криења по гаражи, по шупи, нема влегување по куќи. Само до крајот на улицата, нема понатаму.
Наспроти приказните за маалското сениште, сепак сите се завлекуваат по најтемните места.
Клечења зад разраснатите грмушки, треперења зад соборениот ѕид, молчења полни очекување помеѓу гнилите тараби и бунарот. Запрен здив, допир на нечија навлажнета кожа, ококорени очи што се обидуваат да наѕрат нешто во мракот.
Маалското сениште е сигурно некаде тука блиску. Кој тоа потшушнува во соседниот двор?
Болното дете на адвокатот, кое не го пуштаат надвор, го прилепува своето бледо чело оросено од пот врз прозорецот. Само тоа го гледа маалското сениште како ги демне децата од своето засолниште под натстрешникот на полуурнатата шупа, но нема сили да го довикне тоа некому.
НАУКА
При последната ерупција на вулканот Стромболи, во 1938 година, дедо ми науми да направи еден научен експеримент. Co строга научна доследност, тој направи систем од мали посатки што ја собираа правта падната од небо, онаа што е измешана со дождот, а и онаа, другата. Секој ден тој ја мереше, со мошне прецизна терезија позајмена од соседот аптекар, содржината на тие чиничиња. На тој начин требаше да се установи брзината на пристигнувањето на вулканската пепел, правците на движењата на воздушните струи, и уште многу нешта. Но, среде одвивањето на овој значаен потфат, јас скришум ставив во една посатка прав од толчена леблебија, во другата цимет земен од една кутија во кујната, во третата - дрвени струганици. На тој начин резултатите на овој темелно подготвуван експеримент добија, како што се изрази дедо ми, „една исцело нова димензија”.
БЕЛЕШКИ ЗА АВТОРИТЕ
Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) е (ко)автор на неколку илустрирани книги: Хашиш (текст на Анри Мишо, 2017), Текстилна поема (текст на Пандалф Вулкански, 2019) и на стрип весникот Скопје за почетници, добро упатени и понављачи (2019-). Работел корици за списанието Маргина, за едициите 20/21 Век и Магма, за ЈУ лексиконот (2006) сите во издание на Темплум, како и други корици и постери за повеќе издавачи.
Имал повеќе самостојни изложби во државата и странство. Добитник е на повеќе награди: Денес за млад уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009, на Акто фестивал, Битола, 2012, и за Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност во 2013.
Влада Урошевиќ (1934, Скопје) е македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Еден е од најпродуктивните и најквалитетни македонски писатели, во разни жанрови, повеќе од 60 години.
Член е на МАНУ, на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург.
Темплум досега објавил три книги на Урошевиќ: Детство, лето, град (2011), Барокна подморница (2017) и Лавиринт (2019). Розови слонови е негова прва книга за повозрасни деца.