Повеќе од еден јазик (4)

09.09.2021 11:28
Повеќе од еден јазик (4)

 

ПРАШАЊА / ОДГОВОРИ (2)

 

Кога еден јазик станува дијалект?

Кога веќе не може да се премости кон некој друг јазик, кога не содржи ништо повеќе од приватни лингвистички пронајдоци. Дијалектот се зборува „меѓу нас“ и не се става наспроти светот како јазик, туку како нешто приватно, како проширено семејство, а не дел од јавноста. Дијалектот не произведува дела, туку само говор. Но, внимание! Исто така постојат јазици кои не мора да имаат напишани, забетонирани дела. Прашањето е комплицирано, но јас сум склона да кажам дека јазикот станува дијалект кога веќе не стои наспроти, кога не е спротиставен на друг јазик, кога нема повеќе јазици туку еден глобален јазик стожер и кога локалните говори веќе не доаѓаат во непосреден контакт едни со други, туку само со посредство на глобалниот јазик.

Би сакал да знам како го објаснувате неуспехот на есперантото?

Бидејќи есперантото е еден апсолутно вештачки јазик кој нема ниту автори ниту дела. Јас верувам дека на Европската заедница ѝ е многу мудро што не сака некаков вид eсперанто и сака да постојат повеќе јазици за комуникација, дури и ако тоа не ѝ успева најдобро, бидејќи есперантото е чист артефакт, а не јазик.

Меѓутоа, ако ја следам идејата за есперанто до крај, сметам дека е многу благородна и многу оптимистична, наликува на она што Лајбниц го нарече „универзална карактеристика“. Лајбниц му бил современик на Декарт, во 17 век, бил Германец, зборувал германски, француски, италијански, барем можел да чита англиски, грчки, латински, хебрејски, без сомнение тој пишувал на повеќето од овие јазици. „Универзалната карактеристика“ е идејата дека во основа сите луѓе имаат исти идеи и дека е можно да се земе една важна идеја, идејата за „човек“ на пример, и да се сведе на мали составни идеи. Како идејата „човек“ да е составена од дваесетина првобитни идеи - животно, јазик, смеа, смрт, итн. - и дека можеме да изградиме цел еден јазик со комбинирање на неколку првобитни идеи. Би можеле да сведеме сѐ на атомизирани идеи, и сите така да разговараме, односно да пресметуваме. Идејата на Лајбниц е да се пресметува наместо да се разговора и дека грешките во размислувањето можат да се разберат како погрешно пресметување. Тоа е неуспешна идеја, никој досега не успеал да го постигне тоа, ниту да го осмисли до крај, тоа е потполно идеален модел, на кој есперантото е наследник.
Еден од најголемите есперантисти всушност се нарекол Кутурат, според уредникот и издавачот на Лајбниц. Есперантото е ерзац за универзалната карактеристика. Не функционира, бидејќи што би можеле да направиме да стане вистински јазик? Лајбниц се надевал дека оние што не се согласуваат можат да седнат на маса и кажат „ајде да пресметаме и ќе знаеме кој е во право“. Не! - јазикот не може да се сведе на пресметување, а есперантото не може да функционира како јазик, зашто е вештачки, недоволен, без историска длабочина или означувач, без автори и без дела - „дезесперанто“ – „очајание“, како што вели поетот Мишел Деги... Есперанто, мртов како „мртов јазик“, не е ничиј мајчин јазик.


На југот на САД видовме како се развива јазик што сега се нарекува „Спанглиш“, мешавина од шпански и англиски. Може ли тој навистина да стане полноправен јазик и дали тој претставува опасност за шпанскиот и англискиот јазик?

Може да стане полноправен јазик за комуникација, во овој медиум можат дури и да бидат напишани песни и дела, во таков случај тој ќе станува сè повеќе јазик. Мислам дека ова не претставува нужно опасност, вака се раѓа и живее еден јазик. Јазикот е смртен, јас не сум за непроменливоста на видовите, инаку ќе останевме со латинскиот. Верувам дека францускиот, англискиот и шпанскиот се исти како „спанглиш“. Добро е, треба да се движиме и да живееме. Можеби шпанскиот еден ден ќе стане мртов јазик, но ќе има Шпанци, вклучувајќи ги во „спанглишот“. Денес постои еден многу убав речник наречен „Речник на Шпанците“. Мислиме дека кастилијанскиот, шпанските јазици што се зборуваат во различни делови на Шпанија, шпанскиот јазик на Куба, шпанскиот јазик во Јужна Америка, не се исти, и ние се обидуваме да видиме како тие функционираат, се развиваат, пресекуваат, како се „детериторијализира“ јазикот. Тоа е многу убав збор, малку тежок да се изговори, нов француски збор измислен од филозофот Жил Делез. Јазиците се движат, живеат, се измислуваат, умираат, комуницираат. Само што се вратив од Соединетите Држави, слушнав неколку пати „спанглиш“ и навистина може да биде опасност, но во исто време тоа е убава опасност, опасност поврзана со развојот на јазиците, фактор на изнаоѓањето.


Колку јазици зборувате?

Знаете, постојат многу начини да се зборува еден јазик. Имам пасивно разбирање на голем број јазици, но сè уште не ги зборувам. Можам да предавам на француски и англиски, можам да одговорам на прашања на португалски или шпански, а можеби и на италијански јазик. Можам да читам на грчки и латински, и толку. Кога некој ќе ми објасни, разбирам. Ете зошто обожавам двојазичност. Во двојазичноста коегзистира јазикот што не го зборуваш добро, но го чувствуваш мирисот, а потоа и преводот на јазик што добро го знаеш. Одлично за учење, зашто учиш потпирајќи се на убави текстови, кои имаат конзистентност, наместо само да се учат само насоките за да се оди во кино, како што тоа, на пример, го имам видено во многу учебници.

Зошто нема еден јазик, па со него да се учат јазици?

Ако те разбрав, веќе постои еден јазик, но има и неколку други, и можеме да ги научиме сите, но тоа зема многу време, нели? Ниту еден јазик не вреди повеќе од друг. Не познавам некаков апсолутен јазик. Кои јазици зборуваш?

Француски и туниски.

Туниски, тоа е арапски или нешто поконкретно?

Арапски.

И ти ги зборуваш и двата, тоа е веќе многу. Би сакал ли да знаеш како да научиш уште еден?

Да.

Оди на училиште, со добри наставници, добри книги, работи напорно, но и забавувај се додека учиш, читај книги. Избери го јазикот што сакаш да го научиш, најди другари кои го зборуваат, зборувај со нив. Ќе го научиш лесно, ако ти се допаѓа.

Дали е можно да учиш јазик, и на крајот на учењето тој јазик да ти стане како мајчин јазик?

Не знам, мислам дека не. Или поточно, сè зависи од тоа што значи тоа „како мајчин“. Можам да поверувам дека можеш да го заборавиш мајчиниот јазик ако, многу рано, никогаш повеќе не го зборуваш со никого, дури ни со самиот себе. Би требало да можеме да живееме со друг јазик „како да“ (што значи тоа?) тој бил отсекогаш наш.

Исто така можеме да научиме еден јазик толку добро, да го сакаме толку многу, што на крајот во него се чувствуваме пријатно како риба во вода, како да сме го знаеле отсекогаш: мајчин јазик „посвоител“ на некој начин. Зошто да не. Но, мислам дека тоа не се случува често.

Би сакала да зборувам за една друга крајност, за отпорната единственост на мајчиниот јазик. Хана Арент зборува за тоа многу добро. Таа е филозоф која му била ученичка на еден друг германски филозоф, Хајдегер. Таа била Еврејка и во 1933 година ја напуштила Германија, избегала. Хајдегер останал во Германија и бил нацист. Таа му била љубовница, целата работа е малку комплицирана. Заминала, пристигнала во Франција, а потоа во САД. Зборувала француски, потоа англиски. Со години живеела, целата втора половина од нејзиниот живот, речиси триесет и пет, во САД. Раскажува дека нејзиниот германски акцент секогаш и останал кога зборувала англиски и дека тој акцент ѝ се допаѓал. Имаме нејзини прекрасни интервјуа, посебно со еден новинар што се викал Гинтер Гаус. Интервјуто е насловено „Само мајчиниот јазик останува“. Таа вели дека германскиот ѝ останал „во задниот дел од умот“, постојано таму, во задниот дел од главата, германскиот јазик, германските песни со кои мајката ја успивала, а потоа германскиот јазик на поетите и на филозофите.

На неа помислив кога се обидов да дефинирам што е тоа мајчин јазик. Зошто ова е толку интересно? Зашто германскиот, нејзиниот мајчин јазик станал за неа страшен јазик, јазикот на нацистите, јазикот на оние коишто убиивале и кои убивале со јазик, како Хајдегер до одреден степен кога употребува германски зборови со значење кое потоа ги прави несоодветни за некој како Хана Арент. Јас тоа многу добро го разбирам зашто моите родители практично ми забранија да го научам германскиот јазик. Тоа е лудо, но тоа е така. Кога јас за прв пат патував во Берлин, спиев во ходникот на еден воз, бидејќи немаше место, и ме разбуди некој што викна: „Раус, Шнел!" Си реков, родителите беа во право, каков јазик! Хана Арент била свесна дека овој јазик бил јазик на нацистите и дека во исто време време тоа е нејзиниот мајчин јазик. Ова му се случило на повеќе од еден човек; еден голем поет, Пол Селан, го проблематизирал прашањето за тоа што може да се каже после Аушвиц на германски мајчин јазик. Во интервјуто Хана Арент извикува: „Не полуде, белки, германскиот јазик!" Ова е извонредно! Во основа, што и да прави мајчиниот јазик, што и да стане, тој останува мајчин јазик. За Хана Арент, германскиот јазик е навистина единственото нешто што „останало“ од Германија и покрај ужасот, и покрај егзилот.

Но треба паралелно да го прочитате нејзиниот Дневник на мислата, каде што раскажува што ѝ се случува во главата, што мисли. Ги употребува филозофските текстови што ги има во својата библиотека, на пример го цитира Платон на грчки, Декарт на француски, Кант на германски јазик. Целиот овој мозаик на јазици ја тера да стане свесна за она што таа го нарекува „разнишаната двосмисленост на светот“. Таа потоа пишува дека фактот што постојат повеќе јазици и дека можеме да ги научиме, му овозможува на човекот да се најде во најдобрите можни услови, имено во колебливата состојба на „разнишана двосмисленост“.

Значи, мајчиниот јазик сеуште останува неспоредлив, но, во исто време, постои и присуството на други јазици. Неопходно е тие да постојат зашто можат да го „замислат“ и разнишаат мајчиниот јазик и, по иста основа, светот.

Полуден мајчин јазик? Доколку ве интересира, прочитајте го Виктор Клемперер, Дневникот на еден филолог. Клемперер, филолог и лингвист, бил еврејски професор на кого му било забрането да предава, но кој бил во можност остане во Германија зашто неговата сопруга не била Еврејка и не настрадала. Тој видел како германскиот јазик го усвојува нацизмот и тоа го раскажал од ден за ден. Бил сведок на трансформацијата на еден јазик, гледал под лупа како тој се движи, кои се зборовите што одеднаш се освоени од друго значење („организира“ на пример) и стануваат неупотребливи. Тој го нарекува јазик на LTI, Lingua Tertii Imperii, јазикот на Третиот рајх. Текст возбудлив поради интелигенцијата со која е напишан.

Видов сличен пример, во Јужна Африка, каде што многу работев со луѓето од „Комисијата за вистината и помирувањето“ кои, со Нелсон Мандела и Дезмонд Туту, успеаја да избегнат крвопролевање после апартхејдот. Јазикот на Боерите, холандскиот јазик што се зборува таму, и тој на некој начин стана јазик што усвои нешто страшно, а тоа е апартхејдот. Познатиот новинар, Антје Крог исто така се прашува: како да се зборува јазикот на Боерите? Застранив, но мислам дека мајчиниот јазик останува мајчин засекогаш, како мајката што останува мајка. Исто така сметам дека може да полуди, да избезуми. Мора да ги има повеќе, други мајки освен нашата, на други луѓе, други јазици, за да дише, за да се движи.

Зошто куќата ја нарекуваме „куќа“, а не „јадење“, на пример?

Ова е исклучително важно прашање во филозофијата, кое се однесува на она што се нарекува „произволноста на знакот“. Нема никаква вистинска потреба „куќата“ да се нарекува „куќа“, а не „јадење“, но јазикот има смисла само како целина. Разликите се тие што имаат смисла, можете куќата да ја нарекувате „јадење“, но важно е да постои разлика меѓу „куќа“ и „јадење“. Јазикот е повеќе составен од низа сличности и разлики отколку од изолирани елементи, доследни сами со себе. Покрај тоа, она што го нарекуваме „maison“ на француски јазик, се нарекува house на англиски јазик, т.е. не постои неопходна врска помеѓу низата звуци составени во еден збор и предметите во светот. Ова се нарекува произволност на знакот. Меѓутоа, ако за некоја куќа се вели „куќа“ а не „јадење“, тоа е поради историјата на јазикот, неговата етимологија. Од каде потекнува зборот, како се прави, кој е неговиот корен, како се појавил, еволуирал? Постојат многу причини кои ги одредуваат знаците, зборовите. Освен тоа, не знам која е етимологијата на францускиот збор „maison“. Всушност, знам: манере, „да се остане“ на латински. Maison е местото каде што престојувате. Но, на латински вообичаениот збор за „куќа“ е domus, што дава „дом“, а не „куќа“, „дом“ е од истото потекло со зборот Доминус, господар (на куќата): латинската куќа е местото каде што доминира господарот на куќата - и тука ја гледаме разликата во јазиците и нивните претстави. Зборовите имаат приказни, што ни овозможуваат подобро да разбереме што тие всушност значат. Секој збор е врвот на една приказна и претстава, но го добива своето значење, означува нешто, а не нешто друго, само во разликата со другите зборови од истиот јазик.

Слики: Alice and Martin Provensen, Aesop’s Fables (1965)
Извор за текстот: Barbara Cassin, Plus d'une langue, 2019.
Превод: Борјан Заревски

Кон претходните делови

 

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија
Наука / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото