Дигитална пандемија

10.09.2021 01:13
Дигитална пандемија

Глобалната пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19 нагласи многу општествени проблеми до крајни граници. Еден од нив е и своевидната дигитална пандемија која потивко се ширеше последниве пет до десет години, а експлодираше на почетокот од 2020 година. Користењето на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Тик-Ток...), пребарувачите (Јутјуб, Гугл...), виртуелните комуникациски платформи (Скајп, Зум...) и сервисите за размена на пораки (Вацап, Телеграм...) се зголеми енормно и ги замени непосредните човечки односи.

Многумина не го оттргнуваат погледот од екранот и тоа денес стана сосема „нормално“ однесување. Претераното користење на овие апликации станува сè поголем проблем зашто задира во сите пори на општеството. Речиси е невозможно да се избегнат зашто повеќето луѓе денес ги користат „благодетите“ на социјалните мрежи, пребарувачите и виртуелните комуникации. Секојдневното бомбардирање на класичните медиуми со огромни количини разновидни информации на дигиталните платформи, прерасна во постојано вознемирување.

Заради сето тоа е исклучително важно да станеме свесни за стратегиите и тактиките кои ги користат големите технолошки компании преку своите дигитални платформи. Стратегиите не се нови, но техниките станаа толку софистицирани што повеќето луѓе се сосема несвесни дека проблемот воопшто постои.

Оваа проблематика мошне илустративно и сериозно ја обработи документарниот филм The Social Dilemma (Социјална дилема). Главни актери се поранешни водечки развојни инженери и високорангирани менаџери од големите технолошки компании, кои предупредуваат на опасноста од „техниката на наговарање“ во чие создавање непосредно учествувале, но подоцна се покајале.

Што се „техники на наговарање“ и зошто се опасни?

Моменталната дигитална ситуација е парадоксална. Од една страна, користиме мошне ефикасни алати за комуникација, но од друга страна овие алати се мотивирани од нешто што е мошне различно и дури и спротивно на она што на човекот му овозможува благосостојба. Овие алати не се вообичаени корисни алати како чеканот или велосипедот. Чеканот и велосипедот „чекаат“ да ги користиме, додека модерните онлајн платформи, освен што се алати за информирање и забава, постојано поттикнуваат да ги употребуваме.

Со оглед на тоа дека речиси целото човештво има пристап до онлајн платформите, тие станаа полигон за дигитален маркетинг кој истовремено придонесе за развој на овие платоформи. Слични маркетиншки стратегии во минатото се користеа за потрадиционалните индустрии, како прехранбената и текстилната. Овие индустрии ги користеа трендовите и модата за да ги промовираат своите производи без оглед на реалните потреби. Уште од раниот 20 век целта на маркетингот е јасна - конзумеризам како начин на живот, но тогаш постоеше чувство дека човекот сепак има некаква контрола над она што го купува, еден вид „слобода“ да не падне во маркетиншките замки. Во виртуелниот свет замките се многу поскриени, а можните последици се далеку поопасни.

Нашата цивилизација денес главно е мотивирана од профитот. Заработката ги оправдува и средствата и начините за нејзино остварување, кои често се неприродни и нехумани заради непочитувањето на темелните човечки вредности.

Реалноста, речиси без никаква контрола, со вртоглава брзина се трансформира во виртуелен свет. Затоа сè повеќе држави и организации укажуваат на проблемите кои се појавуваат заради развојот кој се одвива без адекватни прописи и надзор. На пример, „општо прифатено“ е дека секој може да пишува на интернет што сака, со малку или нималку правни и морални последици. Брзината на ширењето лажни вести се покажа како мошне загрижувачка. Алгоритмите на дигиталните платформи го надградуваат и промовираат нивното ширење дури и шестпати побрзо од вистинските вести. Затоа на корисниците им е речиси невозможно да анализираат што е лажно, а што реално.

Како функционираат?

Наговарачките техники, како алегоријата во пештерата на Платон, настојуваат да ги приковаат луѓето на ѕид. Тоа го постигнуваат со „соработка“ помеѓу супер-компјутерите и алгоритмите кои учат сами (таканаречена вештачка интелигенција) и апликациите на компјутерите и паметните телефони. Со своите забавни содржини тие настојуваат да го привлечат и преокупираат вниманието на корисниците, а со постојаното нудење нешто ново и уште поинтересно да ги наговорат на нивно потанамошно користење.

Секој онлајн чекор на корисниците се надгледува, мери и снима. Тоа ги вклучува нашата локација, движењата, пријателите, интересите... Додека лајкуваме објави, гледаме слики и видео материјали, се мери времето. Така точно се знае што гледаме и што кликаме, а алгоритмите на супер-компјутерите врз основа на сите снимени податоци постојано ги проучуваат нашите навики и градат модели кои можат да го предвидат нашето однесување. На тој начин алгоритмите создаваат профили на корисниците кои потоа постојано ги надградуваат. Врз основа на овие големи бази прикажуваат содржини кои „совршено“ се прилагодени на корисниците кои ќе ги наговорат подолго да останат на Фејсбук, Гугл, Јутјуб, ТикТок... Така создаваат навики кои доведуваат до зависност, слична на коцкарската. Содржините на неколку секунди се освежуваат со нови пораки, слики, видео објави. Главна цел на алгоритмите е интеракција со човечките инстинкти и во повеќето случаи корисникот не забележува дека тоа се случува.

Целниот „производ“ на високотехнолошките компании е нашето внимание. Социјалните мрежи се коцкарници со внимание и слично како и кај вистинските коцкарници, секогаш заработуваат. Нашето внимание е валута. На корисниците им се чини дека сè е бесплатно, но во светот на профитот ништо не е бесплатно, зашто како што правилно формулираше еден од творците на тие системи: „Ако не го плаќаш производот, ти си производ!“ Човечкото внимание стана производ, а најдобар начин за привлекување на вниманието е со помош на содржините кои ни се допаѓаат и со кои се сложуваме. Парадоксално е што сета таа содржина ја создаваат самите корисници споделувајќи текстови, фотографии и видео прилози со своите пријатели, но и со алгоритмите на супер-компјутерите, со што мора да се сложите кога се логирате на самите апликации.

Големите технолошки компании остваруваат големи профити продавајќи им го на огласувачите нашето пасивизирано внимание и нашите навики. Тие му ги изнајмуваат своите алгоритми секому кој може да плати, од маркетиншки агенции преку инфлуенсери, блогери, па до најразлични општествено-политички организации. Врз основа на направените профили на луѓето со леснотија ги пронаоѓаат оние на кои им се допаѓа содржината поставена од страна на огласувачите и ја пласираат во рамки на она што во моментот го гледаат. Во сето тоа, супер-компјутерите по правило се супериорни зашто ги користат нашите навики кои се впрочем ахилови пети. На тој начин е остварена целта на технолошките компании: производите се продаваат сè подобро, добивката расте вртоглаво и се постигнува неверојатно општествено влијание. Сите тие „алати“ се развиени за да функционираат автономно. Алатот стана господар. Тоа е и причината зошто лажните вести се шират и до шест пати побрзо од сè останато. Алгоритмите на „вештачката интелигенција“ не се програмирани на етичко однесување, туку да остварат што поголема добивка.

Последици

Има повеќе загрижувачки последици. Една од нив е тоа што креираат разни „реалности“ по мерка на индивидуален корисник. Човекот по природа е субјективен, но виртуелниот свет може да биде многу посубјективен или дури сосема одвоен од реалноста. На пример, кога двајца луѓе би ги замениле своите паметни телефони, за исто пребарување би добиле различни резултати.

Сето тоа доведе до поделба и поларизација на политичко, уметничко, научно но и на други нивоа. Менталните проблеми и нарушувањата на личноста постојано растат. Техниките за наговарање, врз основа на најголемиот број кликови, го засилуваат токму она што е проблематично во ткаењето на модерното општество.

Генерацијата Зед (Z), која е родена во добата на интернетот и растеше во добата на паметните телефони, покажува психолошки нарушувања кои се поврзани со ефектите од социјалните медиуми. Дигиталната деменција се шири пандемиски. На луѓето им е сè потешко да се фокусираат на нешто заради известувањата со кои постојано нè вознемируваат паметните телефони. Сликата за себеси кај младите, но и кај возрасните, е обликувана од „смајлиња“ и бројот на пријатели на социјалните мрежи. Лажниот идентитет на милиони луѓе е создаден заради манипулација. Заради зависничкиот систем на социјално одобрување, децата и дома, каде што би требало да се чувствуваат заштитено, се чувствуваат несигурно заради негативното општествено влијание, па дури и малтретирање преку дигиталните платформи. Најголем проблем е што никој не презема одговорност за она што го пишува или објавува.

Со напредокот на технологијата ќе стане технички изводливо да се мерат и психо-соматските реакции на луѓето со помош на паметните телефони, часовници и генерално „смарт“ уредите, на пример, ќе може да ни се измери разликата во крвниот притисок или телесната температура додека гледаме одредена содржина. Многумина уште сега ги користат „услугите“ на овие системи за пријава преку препознавање на своето лице или отисокот на прстот, а во англиските говорни подрачја масовно се шири употребата на препознавање на гласот при комуникација со уредите за да се „олесни“ пребарувањето, повикувањето некој број, навигацијата итн. Исто така, стана вообичаено банкарската картичка да му се довери на нашиот „паметен“ уред кој многу ни го „олеснува“ плаќањето. Најпосле, машините наскоро ќе знаат повеќе за нашите лични карактеристики од нас самите.

Што можеме да направиме?

Дигиталната пандемија очигледно се шири неконтролирано. Првиот порив може да биде да се исклучиме од сите платформи, да ги избришеме своите профили и слично. Меѓутоа, тоа е речиси невозможно токму заради начинот на живот на сите нивоа на општеството кое е потполно дигитално вмрежено.

Како што ни чеканот ни велосипедот не се виновни ако се удриме по прст или ако паднеме зашто ги користиме неадекватно, исто така треба да се научиме да ги користиме и овие „алатки“. Зошто не би ги контролирале и менувале своите навики и не би ги користеле овие уреди само кога ни се навистина неопходни? Тоа значи да се биде свесен кога, како и зошто ги користи. Дали не е посоодветно за човекот да им се посвети на активностите кои шират свест и ги развиваат слободната волја и креативноста? Секој историски период има свои предизвици, а нашата задача секогаш останува иста: да се ослободиме од оковите на навиките, да излеземе од „пештерата“ на пасивното и несвесното и да им помогнеме на другите да го направат истото.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Andrei Lacatusu

Извор: https://nova-akropola.com/

ОкоБоли главаВицФото