Американскиот јавен обвинител го тужи Тексас заради законот за абортус

10.09.2021 10:32
Американскиот јавен обвинител го тужи Тексас заради законот за абортус

Американскиот јавен обвинител Мерик Гарланд објави дека поднел тужба против Тексас со цел да го поништи законот со кој се забрануваат речиси сите абортуси во таа конзервативна држава.

Законот, кој стапи на сила на 1-ви септември, е „отворено кршење на американскиот устав“ и Министерството за правда е одговорно за одбрана на Уставот на Соединетите држави, рече Гарланд на прес-конференцијата.

Тужбата, поднесена до федералниот суд во Тексас, бара федералениот судија да го прогласи законот за неважечки и да ги „заштити правата што Тексас ги прекрши“.

Тексас усвои закон со кој се забранува абортус откако ќе се чујат отчукувањата на срцето на фетусот, често во шестата недела, а понекогаш дури и пред жената воопшто да сфати дека е бремена. Минатата недела, Врховниот суд дозволи забраната за абортус во Тексас да остане во сила по шест недели од бременоста.

Американскиот претседател Џо Бајден ја осуди одлуката на Врховниот суд на САД да не го блокира законот за абортус во Тексас, што претставува „невиден напад врз уставните права на жените“.

„Одлуката предизвикува неуставен хаос бидејќи се потпира на приватни лица да ја спроведат со поднесување граѓански тужби против луѓе кои им помагаат на жените да абортираат по шест недели, без разлика дали станува збор за лекар кој ја спроведува постапката, овој закон го навредува владеењето на правото“, рече тој.

Бајден вети „итен одговор“ на неговата влада и повика на „мерки за да им се гарантира на жените од Тексас пристап до безбедни и легални абортуси“ и да се заштитат клиниките и лекарите од можни тужби.

Законот им дозволува на тужителите да добијат награда од најмалку 10.000 американски долари, а не се прави исклучок во случаите на силување или инцест, иако постојат многу тесно дефинирани исклучоци, поврзани со здравјето на мајката.

Републиканскиот гувернер на Тексас, Грег Абот, го бранеше законот оваа недела, велејќи дека неговата држава „ќе ги елиминира сите силувачи“.

Потпретседателката на САД Камала Харис треба да се сретне со здравствени работници и претставници на установи за абортус, како и со некои пациенти, што е уште еден знак за обидот на администрацијата да го заштити правото на жените за абортус.

 Извор: bbc.com