За само еден ден, реториката се смени комплетно

12.09.2021 11:39
За само еден ден, реториката се смени комплетно

За само еден ден, реториката се смени комплетно. Барањето одговорност за една огромна трагедија, се претвори во бранење политичари, како небаре да се жртви, се лијат солзи, се пишуваат срцепарателни статуси. Како да заборавивме на Армина, на нејзината мајка, на 20 годишното девојче, Марија, чиј погреб беше прекинат а телото земено за обдукција, на медицинскиот техничар, Ферди Шакири, кој излечен од коронавирусот, остана да помага на колегите и загина во пожарот во Тетово.

Ова зборува за степенот до каде е нашата свест, а тоа ме боли до коска.

Јас повеќе нема да пишувам на темава, бидејќи навистина ми е болна, особено што бев на лице место кратко по настанот, а и многу лично ги доживеав сите трогателни сведоштва. Нема да пишувам и за многу други теми, оти сметам дека колку си бараме, господа, толку и си добиваме.

Ако сметате дека не може подобро, тогаш е во ред. Ако сметате дека одговорноста паѓа само на нас за (нај) високата смртност од Ковид-19, и тоа е во ред. Ако сте задоволни од здравствените услуги што ги добивате, и тоа е во ред. Ако директорите на клиниките се задоволни од она со што располагаат (бидејќи досега глас за друго не им чувме, освен дека не го даваат министерот), и тоа е сосема ок. Ако мислат дека немаат други проблеми кои треба да ги адресираат до јавноста, исто е ок. Ако ви е во ред да ги обвинувате луѓето кои биле придружба на болните од Ковид-19 во Тетово, наместо да размислите зошто тоа било така.... тоа е, нема што да се убедуваме на Фејсбук.

Сето ова значи дека сме го добиле она што сме го барале. И дури сега ги разбирам сите соговорници кои велат „џабе ќе излегувам по медиуми, кога ништо нема да се смени“. И да, сега за првпат, по 20 години работа, јас ги поддржувам, иако досега сметав дека сите треба со име и со презиме да излезат и да ги кажат проблемите на системот јасно и гласно и дека само тоа може да доведе до некакви промени. Наместо тоа, сега им велам „немојте да излегувате со име и презиме, затоа што не можам да ви ветам дека ќе смените и трошка во овој систем“ и се срамам поради тоа. Ама тоа е реалноста, за жал.

А политичарите, тие се менливи. Денес ги има, утре ги нема, дали сега, дали за 4 години, дали за 8, сеедно... И од финансиски аспект барем, ич не треба да ги мислиме, обезбедени се за 10 поколенија. Да не ги жалиме многу, да видиме ние дали се чувствуваме подобро во овој систем, побезбедни, поеднакви. Оти политичарите се и секогаш ќе бидат.

Ако прашањето дали сега сте побезбедни ви е потврдно, а судејќи според коментарите на социјалните мрежи, очигледно ви е, тогаш исто, скроз сме ок. На оние кои уште гаиме некаква надеж дека нешто може да се смени на подобро, очигледно ни останува само да се помириме дека едноставно нема.

Цртеж: Лиза Ољшанскаја

Извор 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото