70 жени се „омажиле“ за дрвја за да ги спасат од сеча

13.09.2021 10:36
70 жени се „омажиле“ за дрвја за да ги спасат од сеча

Еко-активистките ја организирале церемонијата поради новото решение на градскиот совет со кое се најавени згради за чија изградба треба да се исечат над 70 дрвја во Бристол, Велика Британија.

Секоја невеста носела традиционална венчаница од различна држава. Иако браковите не се легални, жените сметаат дека со овој чин се слуша нивниот глас за зачувување на локалната природа.

„Да се омажиш за дрво е апсолутна привилегија. Тоа не е само сентиментален гест, туку тоа е важен симболичен чин. Дрвјата се чист пример за неусловна љубов“, изјавила Сузан Хакет, невеста и жителка на Бристол.

Во 2020 година, Велика Британија изгубила 4.150 хектари природна шума, најчесто во борбата со урбанизацијата.

Идејата за ваков тип на протест произлегла откако Градскиот совет на Бристол испратил соопштение до локалците за нивно иселување од реонот „Baltic Wharf Caravan Site“.

Според планот на градскиот совет, на земјиштето треба да се изградат стамбени згради во вредност од 470 милиони евра. За планот да се оствари треба да се исечат голем број од дрвјата на земјиштето, иако планот не го кажува точниот број. Она што ги загрижува активистите е недостатокот на транспарентност.

„На Бристол му се потребни дрвја, а не луксузни стамбени згради“, додала Сузан.

Професорот Џон Тарлтон, кој предава на Ветеринарниот факултет во Бристол, изјавил дека стравува дека барањето на градскиот совет наскоро ќе се официјализира. Тој на активистичката „свадба“ бил еден од кумовите, кои ги напишал „заветите“ на дрвјата.

„Откако решението за градење ќе се официјализира, се’ ќе биде предоцна. Никој нема да ја смени одлуката. Дрвјата ќе се исечат, а ние нема да може да направиме ништо. Не можеме да си дозволиме да изгубиме 74 дрвја. Тоа е голема бројка за стари дрвја, кои му се најпотребни на Бристол“, изјавил професорот Тарлтон.

Инспирацијата за „свадбата“ е извлечена од богатата историја за заштита на природната средина.

Во 1970 година, индиското движење „Чипко“ стана глобално познато кога група на жени ги прегрнуваа дрвјата за да ги заштитат шумите од сеча.

Во 2018 година, група на жени во Мексико, одржа масовна свадбена церемонија за да ја подигне свеста на јавноста за нелегалната сеча во локалните шуми.

 Извор: euronews.com

Слични содржини

Активизам / Јавни Простори / Екологија
Активизам / Јавни Простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото