Младата Девојка против заедницата (1)

13.09.2021 13:08
Младата Девојка против заедницата (1)

 

Младата Девојка приватизира сè од што се плаши. Оттаму, за неа филозофот не е филозоф, туку екстравагантен еротски објект; исто така и револуционерот не е револуционер, туку парче накит.

Младата Девојка е потрошувачки артикл, инструмент за одржување на редот, произведувач на софистицирана стока, невиден пропагатор на спектакуларните кодови, авангарда на отуѓувањето, а таа исто така е и - забава.

Она „да“ кое Младата Девојка му го вели на животот ја изразува само подмолната омраза кон сè што е надредено на времето.

Кога Младата Девојка зборува за заедница, во крајна линија секогаш мисли на заедница на видот, или на заедница на сите живи суштества.

Дури и кога мисли дека го вложува сето свое себство во некој однос, Младата Девојка се лаже, бидејќи пропушта да ја вложи и својата ништожност. Оттука нејзиното незадоволство. Оттука нејзините „пријател(к)и“.

Со оглед дека светот го открива преку очите на стоката, Младата Девојка во битијата го гледа само она што им е заедничко. И обратно, за најлично го смета она што во неа е најгенерично: сексуалниот чин.

Како што сексуалниот чин е нулти степен на човековото делување, така е и нулти степен на заедницата.

Младата Девојка сака да биде сакана заради самата себеси, односно заради она што ја одвојува. Затоа таа секогаш задржува, до дното на својата пичка, евалуативна дистанца.

Младата Девојка во себе ги опфаќа ништожноста, парадоксот и трагедијата на видливоста.

Трајната потрага по сексуален чин е манифестација на лошата супстанцијалност. Нејзината вистина не треба да се бара во „задоволствата“, „хедонизмот“, „сексуалниот инстинкт“ или која било егзистенцијална содржина која Блум ја испразнил од значење, туку попрво во бесната потрага за каква било врска со општествениот тоталитет кој станал непристапен. Тука станува збор за тоа да се создаде чувство на учество, преку изведување на активноста која е најгенерична од сите, онаа која е најтесно поврзана за размножувањето. Тоа е причината заради која Младата Девојка е најголемиот потрошувач и најпотрошуваниот објект на таа потрага, затоа што таа е олицетворение на Спектаклот, или барем се стреми кон таа титула.

Според сфаќањето на Младата Девојка, прашањето за крајната цел е одвишно.

Општо земено, сите лоши супстанцијалности спонтано ја имаат наклоноста на Младата Девојка. Меѓутоа, некои имаат предност. Така е со сите псевдоидентитети кои можат да се гордеат со тоа да имаат некаква „биолошка“ содржина (години, пол, тело, здравје, итн.). Младата Девојка бара неотповиклива интимност со сите кои ја споделуваат нејзината физиологија. Оттаму, нејзина функција е да го одржува згаснувачкиот оган на илузиите на непосредност од која зависи Биомоќта.

Младата Девојка е термит на „материјалното“, маратонка на „секојдневието“. Власта од неа направила привелигирана носителка на идеологијата на „конкретното“. Младата Девојка не се задоволува со тоа да биде само луда по „лесното“, „едноставното“, „вистинскиот живот“, туку смета дека „апстрактното“ и „сложеното“ се ствари кои треба да се искоренат. А сепак, она што таа го нарекува „конкретно“ самото по себе, во својата дивјачка едностраност, е најапстракната ствар. Тоа е штит од овенато цвеќе кој го крие она за кое е наменето: насилна негација на метафизиката. Против трансцедентното, Младата Девојка нема само еден заб, туку полна уста бесни песјаци. Нејзината омраза кон сè што е големо, сè што е надвор од дофат на конзумеризмот е неизмерна.

Младата Девојка го користи „конкретното“ за да не подлегне на метафизичкото чувство на својата ништожност.

Младата Девојка е злото, зашто „злото е она што забавува“ (Кафка).

„Љубовта кон животот“ со која Младата Девојка толку се гордее, всушност е само нејзината омраза кон опасноста. Оттаму, нејзината гордост само ја открива нејзината детерминираност да ја одржи непосредноста преку она што таа го нарекува „живот“; што, уште попрецизно, значи „живот во Спектаклот“.

Младите Девојки вистинската Заедница, битието-за-смрт, ја замениле со своја Заедница, битие-за-живот. На тој начин се уверени дека се обединети преку физиологијата, секојдневието, психологијата и она што СЕ прави. Повторниот успех на нивните љубови, како и нивните пријателства, не е кадарен да им ги отвори очите и натера да видат дека токму тоа е она што ги одвојува.

Слики: Cassi Namoda
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

 

ОкоБоли главаВицФото