Како производителите на месо и млечни производи ја кочат климатската акција?

15.09.2021 02:23
Како производителите на месо и млечни производи ја кочат климатската акција?

Можеби веќе сте слушнале дека нафтената индустрија долги години го финансираше ширењето дезинформации за поврзаноста на антропогената емисија на гасови со ефект на стаклена градина и климатските промени, намалувајќи или едноставно негирајќи ја одговорноста на човекот. Неодамна објавеното истражување од Универзитетот во Њујорк открива дека нафтената индустрија не била осамена во овие потфати, туку дека и индустриите за месо и млеко вложиле милиони долари во кампањи кои го кочеа преземањето соодветни мерки во борбата со климатската криза, како и во генерирањето и ширењето сомнеж за поврзаноста на сточарството и климатските промени.

Споменатото истражување, објавено во научното списание Climatic Change, е првата рецензирана студија која го документираше јаглеродниот отпечаток на секоја од 35-те најголеми месни и млекарски компании во светот. Студијата исто така ги анализира Пи Ар потезите на овие компании, истовремено споредувајќи ги со нивните нивоа на емисија на гасови со ефект на стаклена градина. Се покажа дека сите десет водечки произведувачи на месо и млечни производи од САД придонеле во напорите на јавноста да ѝ се прикаже значително намалена поврзаност на земјоделството со климатските промени.

Обединетите нации проценуваат дека сточарството е одговорно за над 14 проценти од глобалните емисии на гасови со ефект на стаклена градина. Во извештајот од 2018 година, кој го спроведиа меѓународната непрофитна организација Grain и Институтот за земјоделство и трговска политика, непрофитна истражувачка и интересна група, се наведува дека 35-те водечки произведувачи на говедско и млечни производи на глобално ниво се одговорни за 15 проценти од сите емисии кои произлегуваат од сточарството. Дополнително, студијата објавена минатата година, од Универзитетот Стенфорд, вели дека глобалната годишна емисија на метан се зголемила за 9 проценти во периодот од 2000 до 2017 година.

Вмешување во политички кампањи

Во студијата се наведува дека американските компании кои произведуваат месо и млечни производи потрошиле милиони и на политички кампањи, типично поддржувајќи кандидати на Републиканската партија. Во споредба со компанијата Ексон која вложила 17 милиони долари на политички кампањи во САД од 2000 година, Тајсон потрошил 3,2 милиони. Меѓутоа, кога повторно ќе се земе предвид вкупниот приход на компаниите за тој временски период, се доаѓа до заклучок дека Тајсон потрошил двојно повеќе од својот приход на политички кампањи од Ексон.

Месните и млекарските компании финансираат политички кандидати за да се обидат да влијаат на законодавната рамка, а често членовите на Конгресот кои ги финансирале, гласале против усвојување закони за климатските промени. Како што се истакнува во студијата, во некои случаи овие компании биле главни финансиери на одредени политички кандидати, што резултирало во Конгресот да се доведува во прашање вистинитоста на научните сознанија за климатските промени.

Спроведување сопствени истражувања за еколошкото влијание на месната и млекарската индустрија

Месната и млекарската индустрија исто така финансираат свои научни експерти, кои потоа објавуваат истражувања кои го намалуваат значењето или потполно ја негираат врската помеѓу сточарството и климатските промени. Новата студија од Универзитетот во Њујорк пружа увид и во другите начини со кои индустријата со финансирање истражувања се обидува од себе да симне барем дел од одговорноста за еколошката деградација на животната средина.

Така во истражувањата кои ги финансира индустријата често се истакнува дека нејзините емисии на гасови со ефект на стаклена градина се многу помали во споредба со другите сектори, на пример, со транспортниот сектор, наместо да признаат дека сточарството е одговорно за речиси 15 проценти од глобалните емисии, што никако не е занемарлив удел.

И покрај тоа, авторите на студијата го свртуваат вниманието дека доколку се остварат предвидувањата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации и потрошувачката на месо се зголеми за 73 проценти до 2050 година, емисиите на некои од месните и млекарските компании би можеле да ги надминат емисиите на неколку нафтени компании.

Дали месната и млекарската индустрија имаат планови да ги намалат своите емисии со ефект на стаклена градина?

Само 5 од 35 анализирани компании во студијата Dairy Farmers of America, Nestlé, Danish Crown, Danone и Arla, се обврзаа до 2050 година да достигнат нето-нулта емисии. Smithfield, со седиште во Кина, се обврза дека до 2030 година ќе биде јаглеродно негативен, додека компанијата ЈBS, со седиште во Бразил, инаку најголемиот преработувач на месо во светот, најави дека ќе достигне нето-нулта емисии до 2040 година.

Меѓутоа, како што нагласуваат авторите на студијата, овие ветувања не кажуваат конкретно што подразбираат компаниите под постигнување нето-нулта емисии, бидејќи, на пример, JBS, не го зема предвид големиот земјоделски извор на емисии со ефект на стаклена градина, емисиите кои настануваат со земјоделската обработка на земјиштето, зашто смета дека компанијата не е одговорна за начинот на кој работат нејзините добавувачи.

Некои ветувања се фокусирани на енергијата која се користи во ланецот за снабдување на компаниите или само на намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид, додека за редукцијата на емисијата на метанот нема многу да се каже. Иако метанот не се задржува во атмосферата толку долго како јагледорниот диоксид, тој сепак е попотентен гас со ефект на стаклена градина од јаглерод диоксидот, што значи дека е во состојба да за задржи многу повеќе топлина и е препознаен како важен причинител на климатските промени.

Научниците и експертите предупредуваат дека редукцијата на емисиите од земјоделскиот сектор е неопходна за светот да се избори со климатската криза. Сепак, само 7 од 16 земји, во кои се наоѓаат седишта на најголемите компании кои се занимаваат со земјоделско производство, го земаа предвид и земјоделството во своите планови за постигнување на целите поставени со Парискиот договор.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Rodrigo Baleia

Извор: https://klima101.rs/