Мултимедијална изложба „Допирот“ во Мала станица

15.09.2021 12:00
Мултимедијална изложба „Допирот“ во Мала станица

Главната изложба „Допирот“, како дел од проектот „Ние сме тука: идни екологии“, мултимедијален проект на кураторот Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на РСМ, во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, ќе биде отворена на 15 септември во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Планирано е изложбата да ја отворат Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Велика Британија во РСМ, министерката за култура, д-р Ирена Стефоска, директорката на Британскиот совет, Елеонора Запрова и директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.

Изложбата „Допирот“ ќе биде петтата презентација на програмата „Идни екологии“ во Западен Балкан и ќе се однесува на „смртоносниот“ допир што човекот го остава зад себе, свесно или несвесно, како голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. Програмата „Ние сме тука: идни екологии“ на Западен Балкан ги опфаќа темите со загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори, а екологијата се појавила како тема што го обединува регионот.

Изложбата во Скопје ќе содржи компилацијата од четири дела со подвижни слики од колекцијата на меѓународната агенција за уметност „Лукс“ заедно со делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник“ (2013), дел од колекцијата на Британскиот совет, и ќе вклучи тројца македонски уметници и проекти што се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, маргинализација, правење убавина од грдото итн.

Македонски учесници се Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување“, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото“ и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Silentio Pathologia“.

Поради комплексноста во изведбата, прва во „Мала станица“ почна да работи Елпида Хаџи-Василева, која истото дело веќе го поставила на Биеналето во Венеција во 2013 година. Идејата за делото е повеќеслојна, тргнува по патот на свилата од средниот век, се преплетува со личниот пат на авторката, а пораката што ја пренесува е дека „човекот во својата егзистенција сака сѐ што има да биде подобро и подобро и подобро, а всушност го уништува тоа што е добро и го прави полошо и полошо и полошо“.

Просторна инсталација „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото