„Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“ во МСУ

15.09.2021 15:30
„Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“ во МСУ

Изложбата ќе биде отворена од 16 септември (четврток) во 12 часот, во Музеј на современата уметност - Скопје. Проектот „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“, претставува резултат од повеќегодишен истражувачки процес на Владимир Јанчевски, кој се однесува на антифашистичката фотомонтажа и визуелната култура во периодот помеѓу двете светски војни.

„Овој проект, поврзувајќи ги старите искуства на пионерите на медиумот со фокус на случајот на Џон Хартфилд има за цел да ја разгледува и анализира новонастанатата ситуација, на политичките судири и сликовните конфликти, осврнувајќи се на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз форматирањето на комуникацијата и формирањето на свеста.

Земајќи ја сериозно предвид најновата теориска мисла на полето на визуелните студии и науката за сликата, овој проект, преку изложбата и дискурзивно-едикативната програма, има за цел да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура, за да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, како и начините преку кои тие можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера“, се вели во воведот на овој проект.

На изложбата ќе можат да се видат авторски дела на Џон Хартфилд и негови современици како Јосеп Ренау, Мануел Монлеон, Борис Клинч и др (оригинални плакати, списанија, публикации од периодот 1918-1945, каде се гледа развојот на техниката и формирањето на препознатливата иконографија, како и литература поврзана со темата од личната колекција на кураторот (издадени 1945-2020). Елементите организирани во неколку целини, поврзани во логичен просторен след на ѕидови и во просторот, поставени на постаменти и витрини , со текст што го разјаснува и дефинира контекстот. Меѓу останатите дела ќе бидат и изложени, оригинални публикации, меѓу кои и легендарната фото-книга „Deutschland, Deutschland, uber alles” на Курт Тухолски, со корица и фотомонтажи на Џон Хартфилд, како и некои од неговите современици.

Целта на овој проект е запознавање на пошироката публика со делото на Џон Хартфилд и контекстот во кој се појавува новиот медиум на фотомонтажата, неговата употреба во јасно и прецизно дефиниран политички ангажман.
Исто така, се очекува Проектот да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура, за да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, а особено со едукативно-дискурзивната програма и текстовите во публикацијата, да укаже на начините преку кои креативните процеси на сликотворење можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера и заштита на заедничкото јавно добро.

Проектот е поддржан од Министерството за култура.

 

ОкоБоли главаВицФото