25 години Буена Виста

18.09.2021 00:03
25 години Буена Виста

 

Извор: Дојче веле 

Хавана, главниот град на Куба, во 90-те години на минатиот век. Зад шеталиштето опкружено со високи ѕидини од кое се одбиваат брановите, започнува стариод град, познат по својот морбиден шарм: куќи во колонијален стил кои полека се распаѓаат, боја и малтер се лупат од ѕидовите, на улиците стари американски автомобили со огромни каросерии и каде и да погледнете - дупки.

Среде тоа живее Ибрахим Ферер. Има речиси 70 години, чистач е на чевли, продавач на весници и музичар. Се прослави како пејач на Куба во 1940-те и 50-те години, но неколку години претходно се повлече. Едно попладне во 1996 година чистел чевли кога на вратата му чукнал Хуан де Маркос Гонзалес и го повел со себе во студио. Ферер тргнал со него, онака извалкан и поцрнет од кремата за чевли.

Омара Портуондо и Ибрахим Ферер

Судбоносна средба

Во студиото „Егрем“ во центарот на Хавана, Ферер се сретнува со старите пријатели, ветераните на кубанската музика. Тука е 90-годишниот пејач, гитарист и кларинетист Компај Сегундо, добитничката на Греми Омара Портуондо, релативно младиот, 49-годишен Елијасе Очоа и познатиот пијанист Рубен Гонзалес. Го вежбаат стариот хит „Кандела“ по кој Ферер стана познат. Секако дека Ибрахим Ферер веднаш им се приклучува.

Токму тој ден во посета на студиото е американскиот блуз гитарист Рај Кудер. Веднаш е маѓепсан од она што го слуша.

Светскиот музички патник

Кудер, кој тогаш има 49 години, е светски познат музичар и се смета за еден од најдобрите слајд-гитаристи во светот. Тоа е техника на свирење за која гитаристот става некој вид напрсток или цевче од стакло или метал на прстот и лизга по жиците. Тоа создава карактеристичен звук.

Во тоа време Кудер веќе свирел со многу великани - бил во студио со Ерик Клептон, Ван Морисон и Боб Дилан. Кудер е заинтересиран за џез и светска музика - презема влијанија од Индија, Африка или од Хаваите и комбинира стилови: кантри, фолк, госпел, салса, реге...

Рај Кудер (десно) и Компај Сегундо на концерт во САД, 1998 година

„Буржоаска и фашистичка“ музика

Кудер и Ник Голд, шефот на светски познатата британска издавачка куќа „World Circuit“, одамна се заинтересирани за проект со музичарите од бендот на Хуан де Маркос Гонзалес. Тој со години ги собира кубанските музички ѕвезди под името „Афро-кубански ѕвезди“ за да го оживеат одамна заборавениот музички стил „Сон Кубано“.

Пред револуцијата, Куба имала жива афро-кубанска музичка сцена и бројни клубови. Режимот на Фидел Кастро го окарактеризирал тој музички стил како „буржоаски и фашистички“, а притоа и инструментализиран од „страна на американските гангстери“. По револуцијата, клубовите биле затворени, а музичката сцена на Куба полека умира. „Сон Кубано“ станува музика на старите.

Раѓањето на „Буена Виста Соушл Клаб“

Тие „старци, од кои некои паѓаат во немилост на Фидел Кастро, се сретнуваат во студиото во март 1996 година. Магијата се случува во моментот кога Ибрахим Ферер го пее својот стар хит. Кудер бара од Ферер со него да ја сними таа песна, но не само тоа: тој би сакал да продуцира плоча со сите музичари од „Афро-кубанските ѕвезди“. Проектот ќе го добие името „Буена Виста Соушл Клаб“ по еден од бројните клубови затворени од Кастро.

Снимањето започнува на 26 март 1996, а се е готово шест дена подоцна. Албумот е почеток на триумфалниот марш на хитовите „Сон Кубано“ по светот.

Ибрахим Ферер и Вим Вендерс, Куба, 1998 година

Филмскиот споменик на Вим Вендерс

Две години подоцна, режисерот Вим Вендерс, инаку пријател на Рај Кудер, снима филм за славните кубански ветерани. „Буена Виста“ од објавувањето на албумот постојано е на турнеи, а Вендерс само поставува камери и- снима.

Филмот обилува со импресивни снимки од концертите: расплаканата Омара Портуондо преплавена со емоции и потресена до солзи додека пее дует со Компај Сегундо, насмеаниот Ибрахим Ферер, одушевениот Рај Кудер кој со својата слајд-гитара го збогатува звукот на кубанската музика.

Прстите на Рубен Гонзалес кои „лизгаат“ по клавијатурите, пејачот и гитарист Елијадес Очоа со својот бел Стетсон- шешир седи на столицата како светилник во олуја.
Освен снимките од концертите, во тој филм награден со Оскар, сместени се и проби од студио, интервјуа со музичарите и сцени од Хавана. „Буена Вист“ направи вистински бум на Куба, а албумот е на врвот на топ-листите во многу земји. Награден е со Греми и продаден во осум милиони примероци. Тоа е најуспешниот албум кој ја прославува богатата музичка култура на Куба.

Ибрахим Ферер, концерт на Буена Виста, 1999 година

Посебно издание за годишнината

За жал, сите музичари не успеаја да ја дочекаат 25 годишнина на албумот - многумина беа во одминати години уште во 1990-те. Компај Сегундо почина во 2003-та на 95 години, Ибрахим Ферер во 2005 - та на 78, а Рубен Гонзалес во 2003-та на 84 години. Сите на стари години го почувствуваа вкусот на успехот. По „Буена виста“ некои издадоа и соло албуми. И уште еден куриозитет: Ибрахим Ферер во 2000 година ја доби наградата Латино - Греми за најдобар млад изведувач. Имаше 73 години.

Специјалното издание на легендарниот албум излезе на 17 септември 2021. Продуцентите Рај Кудер и Ник Голд повторно ги зедоа оригиналните снимки, копаа по архивите и составија голем музички пакет. На албумот се сместени 12 досега необјавени нумери од снимањето во 1996 и фотографии кои досега не се видени во јавност. Со албумот е изработена и книшка од 64 страници со текстови на песните и разни белешки.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото