Младата Девојка против заедницата (2)

18.09.2021 00:25
Младата Девојка против заедницата (2)

Младата Девојка е позитивна препрека случајно одредена да ја спречи реапропријацијата на Заедницата. И покрај спротивната очигледност, Младата Девојка ќе уверува, дури и во моментот на смрт: „Заедницата, тоа е животот!“ А рамнодушноста која ќе уследи по нејзиното исчезнување доволно ќе докаже дека таа секогаш останува надвор од заедницата. На конечноста таа го спротивставува рчењето на своите органи. На осаменоста, трајноста на живеењето. А на трагедијата на изложеноста, идејата дека е добро да се биде забележан.

Подеднакво како што битијата се неговата граница, врските кои се обликуваат во рамки на Спектаклот се лишени од содржина или смисла; кога барем недостигот на смисла, толку очигледен во целиот опсег на животот на Младата Девојка, би ја излудувал - но не: ја остава во нејзината дефинитивна состојба на бедна апсурдност. Нивната заедница не ја диктитира никаква реална употреба: Младите Девојки, искрено зборувајќи, нема што да бараат заедно; или некаква склоност, макар и еднострана, на еден кон друг: дури ни нивните склоности не се нивни; туку само симболичната корист секој партнер го прави знак на среќа на другиот, рајската целовитост која Спектаклот има задача непрекинато да ја редефинира.

Сосема е природно што, станувајќи аргумент на Тоталната Мобилизација, заведувањето презело облик на разговор за работа, а „љубовта“ некој вид заемно или приватно вработување, а за оние среќните и на неопределено време.

„Не се вознемирувај!“

Младата Девојка ја посакува Младата Девојка, што значи дека таа настојува да преиначи сè со што ќе дојде во допир, симболички и стварно, во нешто слично на себеси.

Нема предавство кое Младата Девојка е одлучна поостро да го казни отколку Млада Девојка која дезертира од таборот на Младите Девојки или настојува да се ослободи од него.

Основната активност на Младата Девојка не се состои само во тоа да го одвои „професионалното“ од „приватното“, „општественото“ од „личното“, „чувствителното“ од „корисното“, „разумното“ од „лудото“, „секојдневното“ од „исклучителното“ итн., туку пред сè во својот „живот“ да ја олицетвори таа одвоеност.

Младата Девојка секако може да зборува за смртта, но на крајот неизбежно ќе одлучи дека после сè „тоа е животот“.

Младата Девојка се ужаснува од негација.

Младата Девојка го „сака животот“, при што треба да сфатиме дека го мрази секој облик на живот.

Младата Девојка е налик на секој кој зборува за „љубовта“ во општество кое прави сè да ја направи невозможна: таа лаже во служба на власта.

„Младоста“ на Младата Девојка значи само одредена тврдоглавост во порекнувањето на конечноста.

Газето на Младата Девојка е глобално село.

Преку знаковна инверзија на својата волја за негација, Младата Девојка „Природата“, „Животот“, „Реалноста“ ги прогласила за Заедница.

Кога зборува за „мир“ и „среќа“, лицето на Младата Девојка е лице на смртта. Нејзината негативност не е негативност на духот, туку на инерцијата.

Ништожноста на Младата Девојка е заразна ништожност.

Младата Девојка располага со единствена врска со голиот живот, во сите негови облици.

Младата Девојка ги препишала имињата на сите седум смртни гревови. Во првиот ред со сладок краснопис додала: „осаменост“.

Младата Девојка е жртва на немирот, но нејзините немири се несоопштливи.

Младата Девојка нурка на здив во иманентноста.

Слики: Cassi Namoda

Превод: Стефан Симоновски

Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

 

 

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото