Почнува 9. издание на „ПРО-ЗА Балкан“

18.09.2021 10:24
Почнува 9.издание на „„ПРО-ЗА Балкан“

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен утревечер (недела, 19 септември) во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Врвни автори од регионот, како и домашни автори се гости на фестивалот, кој ќе трае до 22 септември.

Лауреатот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и најпреведуваниот современ романски автор, Мирча Картареску, ќе биде во друштво на романската писателка Јоана Николае, познатиот хрватски писател Анте Томиќ, најчитаниот автор во регионот Миљенко Јерговиќ и домашната писателка и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска, кои ќе бидат претставени на првата фестивалска вечер. Со нив ќе разговараат македонските писатели: Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Гости на отворањето ќе бидат и тројца членови на програмата „Скопје фелоушип“ - српскиот поет, есеист, литературен критичар, уредник, издавач и потпретседател на српскиот ПЕН центар, Гојко Божовиќ, хрватската уредничка и основачка на литературната агенција „Корто“, Диана Матулиќ и словенечкиот литературен агент Андреј Хочевар од „Гога Паблишинг“. Фестивалот ќе го отвори Дејан Трајкоски. Модератор е Александра Јуруковска.

На вториот фестивалски ден, на 20 септември во 13 часот во Europe House Skopje ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата во време на пост-вистината“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на Скопје fellowship програмата, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Поради ковид-протоколите, настанот е затворен за публика, но ќе биде овозможен пренос во живо преку фејсбук-страницата на фестивалот. Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонската асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Вечерта во 20 часот, во Кинотека на Северна Македонија, ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ од сценаристот и писател Анте Томиќ, во режија на Рајко Грлиќ. Предвиден е разговор меѓу Томиќ, Јерговиќ и Прокопиев.

Фестивалот ќе биде затворен на 21 септември во Даут-пашиниот амам, со доделување на наградата „Прозарт“ и обраќање на лауреатот Мирча Картареску. Писателите ќе читаат извадоци од нивните дела, а ќе следи и експериментална звучна импресија од филмот на Грлиќ во изведба на Гоце Јованоски и Андреа Мирческа. Калин Терзиски ќе се претстави со видео читање на дел од неговото творештво на затворањето на фестивалот.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 22 септември во книжарницата „Буква“, Александар Прокопиев ќе го претстави Гојко Божовиќ и двајцата ќе говорат за еден од најголемите писатели од овие простори во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“ од Киш.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“, а е поддржан од ТРАДУКИ, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија, Град Скопје, амбасадата на Романија, центарот „Спона“ и од Кинотеката.

 

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Музика
Книжевност / Култура
Активизам / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото