Приказ на книгата „Прилози кон историјата на социолошката методологија“

21.09.2021 11:31
Приказ на книгата „Прилози кон историјата на социолошката методологија“

Кон книгата „Прилози кон историјата на социолошката методологија“ од Петре Георгиевски, Матица, Скопје 2021.


Книгата Прилози кон историјата на социолошката методологија претставува систематски продлабочена анализа и учебничка презентација на методолошките позиции на девет исклучително важни социолози чии теориски и методолошки придонеси ги надминуваат границите на социологијата. Затоа, покрај за социогијата оваа книга е подеднакво важна и за другите науки и интердисциплинарни проучувања на општествените појави како што се етнологијата, социјалната психологија, економијата, педагогијата, политикологијата, социјалната работа и социјалната политика, комуникологијата и други.

Авторот, професорот Петре Георгиевски е еден од институционализаторите на социологијата кај нас. Во оваа книга тој ги сумира своите продлабочени знаења за методолошките концепции на најистакнатите еворопски и американски социолози кои во текот на својата кариера како универзитетски професор ги пренесуваше на бројни генерации додипломци, магистранти и докторанти на социологија и на други општесавени нуки и ги аплцираше во најзначајните општетсвени истражувања кај нас. Материјалот во книгата е структуриран во форма на еден троен триптих со предговор и анекс.

Карл Маркс

Првиот дел, „Методите на истражување на класичните социолози и нивната актуелност и влијание“ ги обработува карактеристиките и подоцнежните методолошки влијанија на Карл Маркс, Емил Диркем и Макс Вебер. Одлуката изборот да се ограничи на ова трио класични социолози е оправдана од неодминливиот факт дека овие тројца и ден денес се најцитираните социолози, не само од таа втемелувачка негерација туку воопшто.

Во вториот дел, „Методите на истражување на влијателни американски социолози“, во тријадичната рамка се анализирани методолошките сфаќања и придонеси на Пол Лазарсфелд, Роберт К. Мертон и Рајт Милс. Ако претходните тројца се сметаат за водечка европска тројка на класичната социологија, овие тројца се, несомнено водечка тројка, на модерната американска. Аналогно на местото и влијанието на САД во светски рамки, овие тројца социолози сами по себе, а особено со нивната критика на дотогаш доминантната социологија на Талкот Парсонс и функционализмот остварија силно влијание врз европската и светската социолошка заедница.

Емил Диркем

Во третиот дел авторот, доследен на применетата тријадична форма, ги претставува истражувачите кои под помало или поголемо влијание на трите класични и трите модерни социолози ги развиле и применувале во своите истражувања. Тоа се двајцата французи Пијер Бурдие и Анри Манрас и полскиот социолог и етнолог едуциран во Англија, Јозеф Омбремски. Како анекс, кон овие девет авториски фокусирани прилози се надоврзува тематскиот прилогот за акциското истражување. Со него авторот како да нуди еден најмал заеднички именител на различните решенија на методолошкиот проблем со кој се соочувале сите големи социолози – проблемот на односот меѓу знаењето и општествената промена. Според Алвин Гоулднер, како што наведува авторот, „ако социолозите сакаат да сфатат како се менува светот, тие мора да теоретизираат во, со и низ актуелната и секогаш менувачка практика“.

Иако насловот на книгата најпрво упатува на историска анализа на социолошкиот метод, начинот на кој авторот ги поврзува методолошките придонеси на опфатените социолози со методолошките предизвици на современите проучувања на општествените појави, ја прави книгата повеќе прирачник за социолошкиот метод отколку историски осврт. Таа вредност е особено истакната токму во прилогот што е тематски посветен на акциското истражување.

Макс Вебер

Со оваа книга, авторот на нашата јавност од областа на општествените науки ѝ нуди една учена и тековно информирана анализа на онтолошките и епистемолошките стојалишта на социолошката методологија. Благодарение на неговото разбирање на методологијата не само како прашање за инструментите и техниките за истражување туку, пред тоа, како прашање за природата на општествените појави и начинот на нивно спознавање, авторот ги анализира и прикажува теориските основи на различните социолошки методи. Социолошката методологија која ја претставува оваа книга е наука за начинот на социолошкото мислење за општетсвените појави. А како го мислиме општествениот свет така го живееме животот, така го организираме општесвото. Како резултат на тоа, книгата е многу повеќе од просто еклектична збирка на методолошки прикази туку систематско поврзување на методолошките придонеси на секој од претставените социолози со неговите претходници (влијанијата кои ги трпел од нив, но и промените кои ги правел во однос на нив) и со неговите влијанијата врз наредните генерации.

Пол Лазарсфелд

Ова е прво дело од ваков вид кај нас со кое делумно ќе се задоволи дамнешната потреба од квалификувано македонско-јазично удомување и усвојување на теориските и методолошките концепти и теории на најзначајните социолози. Поврзувајќи ги методолошките нишки на деветте зафатени социолози, авторот всушност ја поврзува македонската социологија со социолошките заедници во регионот, Европа и светот. За тоа зборуваат бројните позитивни оценки за оваа книга од страна на истакнати претставници на социолошката заедница од просторите на поранешна Југославија и Полска.

Книгата, во помал или поголем обем, соодветствува со содржините на предметните програми на повеќе курсеви по методологија на општествените истражувања кои, под еден или друг специфичен наслов, се изучуваат на повеќе факултети во нашите универзитети.

 

ОкоБоли главаВицФото