Од неказнет говор на омраза до насилство во Собранието на 27 април (2)

23.09.2021 14:20
Од неказнет говор на омраза до насилство во Собранието на 27 април (2)

„Кога се навраќаме на минатото, не може да се избегне и 27 април. Мојата поука од тој тажен ден е дека линијата помеѓу слобода на говор и говор на омраза е тенка, и оваа лекција е сè уште релевантна низ Европа. Истовремено покажа и каде говорот на омраза, длабоката поларизација и радикалната политика завршуваат заедно.“ (твит на Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, 10 септември 2020)

Првиот дел од анализата „Последиците од говорот на омраза – извлековме ли поука од 27 април 2017?“ беше фокусиран на говорот на омраза и насилството како инструменти на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и неказнивоста на говорот на омраза пред и по изборите декември 2016 година. Во вториот дел, го анализираме поттикнувањето на омраза и насилство во говорите на Никола Груевски и Ѓорге Иванов, како и говорот на омраза за време на протестите на движењето „За заедничка Македонија“.

Откако ВМРО-ДПМНЕ не успеа да создаде парламентарно мнозинство, тогашната опозиција објави дека има собрано 67 пратенички потписи,[i] со кои побара мандат за составување на влада и мирен трансфер на власта. Наместо да овозможи мирен трансфер на власта, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на ТВ Сител на 26 февруари 2017 даде контроверзно интервју, по кое започнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Како Груевски ширеше дезинформации и теории на заговор и ги повика граѓаните да дејствуваат за одбрана на „нападнатата држава“

Во видеото „Никола Груевски: Нападната е унитарноста на државата“ – дневник на ТВ Сител во 19.15 часот на 26.02.2017 – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговара на прашање од новинарката „Дали е загрозена унитарноста на државата?“:

„Апсолутно дека е загрозена унитарноста на државата… таа унитарност е нападната. Со нападот на таа унитарност, нападната е и државата. И народот е тој кој што може да ја одбрани… Кога државата е нападната, само народот е тој што може да ја одбрани.“

Говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да предизвика чувство на загрозеност и шири дезинформации и теории на заговор (дека државата е нападната и дека „само народот е тој што може да ја одбрани“). Теориите на заговор на Груевски беа негова опсесија и во предизборието. Како што самиот потсети во интервјуто, тој цело време предупредувал за „сценарио“ во неколку чекори, „за двојазичност, за напад на унитарноста на државата, кантонизации“, по што им се обраќа на сите граѓани:

„Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот.“

Овој повик до граѓаните, подоцна на ТВ Сител беше парафразиран на следниов начин:

„Сите оние, подвлекува Груевски, кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда.“ (Груевски: Јас верувам во мојот народ и на крај ќе победи Македонија!)

По контроверзниот повик до граѓаните, Груевски беше запрашан „Добро, постои ли капацитет за одбрана на унитарноста на државата?“, на што одговори:

„Секако дека постои. Но, во ваква ситуација тој капацитет е исклучиво во рацете на граѓаните… Јас верувам дека народот ќе дејствува и нема да се согласи со она што му се подготвува.“

На крајот на интервјуто, во кое Груевски ја повторуваше својата политичка конспиративна мантра против „федерализација, кантонизација“ и „редефинирање и урнисувањето на државата“, тој доби прашање „како ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува во периодот што следува?“. Груевски не одговори експлицитно на прашањето, но соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ има стратегија и конкретни планови.

Протестите започнаа – со говор на омраза и насилство врз новинари

Следниот ден по интервјуто на Груевски се појави „Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија“, која ги повика граѓаните на мирен протест пред Владата со следново барање:

„Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави, без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме.“[ii]

Така започнаа протестите против тнр.„Тиранската платформа“, во кои уште во првите денови се скандираа пароли кои поттикнуваа етничка омраза[iii], како што беше паролата за „чиста Македонија“.[iv]

Во првите денови се случи и насилство врз новинари,[v] кое предизвика жестока реакција на ССНМ во која беше предупредено за причинско-последичната врска помеѓу говорот на омраза и насилството:

„… овој инцидент е резултат неодговорните политичари и нивните приврзаници чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи токму на ваков начин се сели на улиците“[vi]

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани го посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како главен инспиратор на нападот против колегите и го повика „да ги собере неговите насилници од улиците и да им нареди повеќе да не им текне да напаѓаат новинари“.[vii] ЦИВИЛ – Центар за слобода изрази најостра осуда на актите на насилство, ја лоцираше одговорноста во криминалните структури кои се на власт[viii] и укажа дека насилството е мотивирано од етничка омраза и политички поделби.[ix]

Продлабочување на политичката криза откако Иванов не го даде мандатот на новото парламентарно мнозинство

Хелсиншкиот комитет во месечниот извештај за февруари 2017 предупреди дека „Политичката криза генерира криминал од омраза“, односно дека „делата од омраза се интензивираа откако политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство пратеници за формирање на Влада“.[x]

За продлабочување на политичката криза и интензивирање на говорот на омраза придонесе и обраќањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој на 1 март 2017 изјави дека „ниту Уставот ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној кој го руши суверенитетот и независноста на Република Македонија“.

Еден месец претходно, Иванов го услови давањето на мандатот со „потврда и доказ за мнозинство“,[xi] но во обраќањето од 1 март ги потврди теориите на заговор на Груевски (и иницијаторите на „Заедничка Македонија“) дека биле загрозени унитарноста, сувереноста и независноста на државата.

Хелсиншкиот комитет реагираше дека Иванов говорел „за фиктивна повреда на унитарноста и на суверенитетот на државата, за заговори од странски држави…“,[xii] а Партијата за демократски просперитет (ПДП) укажа дека „Ѓорге Иванов и се обрати на нацијата со речник на меѓунационална омраза и шовинизам“.[xiii]

ЦИВИЛ – Центарот за слобода го обвини Иванов дека со својот настап, „тој го одобри и охрабри насилството на кое сме сведоци овие денови“, „го прегази Уставот и ја продлабочи политичката криза“. (ЦИВИЛ: Пратениците да го ефектуираат своето мнозинство!).

Eтнонационалистичката хистерија против тнр.„Тиранска платформа“

По говорот на Иванов, кој предизвика остри реакции од претставници на новото парламентарно мнозинство, здруженијата на граѓани и меѓународни чинители,[xiv] за запирање на политичката криза апелираше и МАНУ која побара прекин и осуда на сите обиди за поттикнување омраза, непријателство и закани:

„МАНУ смета дека кризата мора да заврши и да завршат сите обиди за поттикнување омраза, непријателство и закани за пресметки врз национална, етничка или политичка основа. Сите политички партии тоа мораат да го осудат но и сите медиуми.“МАНУ: Политичарите да престанат да поттикнуваат омраза, Fokus 03.03.2017)

Но, етнонационалистичката хистерија против „Тиранската платформа“ се продлабочуваше секојдневно на протестите. [xv] Имаше дури и обиди за злоупотреба на малолетници за спроведување акти на политичко насилство поттикнато од омраза, што беше осудено од страна на здруженијата на граѓани.[xvi]

„За заедничка Македонија“, 2017 година, протест кој му претходеше на нападот на Собранието (27 април 2017)

По тринеделни масовни протести, кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повторно гостуваше во вести на тогаш провладината „Канал 5“, му беше поставено прашање за протестите против „Албанската платформа“ и „дали може да се контролира таа огромна маса“. Груевски одговори со имплицитни закани повикувајќи се на „народот“:

„Но, што народот ќе прави, тоа никој не може да го предвиди, народот е над политичарите и нека му ја мислат тие политичари што одат против народот. Ние не одиме против волјата на народот, тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси реализирајќи интереси на друга држава, на други сили, тој нека му ја мисли што може да го снајде од народот, ако вака продолжи да оди спротивно на неговата волја и да ги гази неговите желби и интереси.“

Продолжувајќи со познатиот застрашувачки вокабулар за „урнисување и растурање“ на државата со „двојазичност и федерализација“ (како „последен чекор пред растурање на државата“), Груевски ја повтори и својата теза дека „државата е нападната“, дека „може да ја нема“ и дека „единствено народот може да ја одбрани државата“:

„Јас кажав во еден мој претходен настап: државата е нападната, ВМРО има само 51 пратеник, нема 61 или 63 како што посакувавме и не можеме да го одбраниме сами во парламентот. Потребно е народот да си ја одбрани својата држава, затоа што може да ја нема. И да не испадне дека не сум го кажал ова, го кажувам, и го повторувам – државата може да ја нема ако се остави на овој човек и на неговите сценаристи да го истераат својот план… Може да дојде до ситуација да немаме држава. Предупредувам!“

Предупредувањата на Груевски и неговите повици кон народот да ја одбрани државата од „разнебитување“[xvii] беа широко дисеминирани преку провладините медиуми, кои ја повторуваа пропагандната мантра дека „единствено народот може да ја одбрани државата“.[xviii]

Залудни беа предупредувањата за говорот на омраза кој води кон насилство

Говорот на омраза по протестите во март 2017 беше мошне видлив и акутен проблем, за кој остро предупреди и Европската Унија. Претставниците на ЕУ – комесарот за проширување Хан и тројца европратеници – на 21.03.2017 испратија јасен апел за воздржување од постапки и изјави кои можат да ги потпалат меѓуетничките односи или да ги поткопаат добрососедските односи:

„Никој не треба да биде во искушение да си игра со оган. Ние сме длабоко загрижени за тензиите и говорот на омраза“[xix]

Претставниците на ЕУ потсетија дека „во демократија, секој мора да ги признава парламентарните мнозинства“, и повикаа на “…брзо формирање на нова влада посветена на спроведување на задоцнетите реформи“. Но, „играњето со оган“ продолжи и покрај предупредувањата на претставниците на ЕУ, а говорот на омраза не се намали.

Во средината на март, ЦИВИЛ упати јасно предупредување:

„Продолжува црната кампања на самопрогласените бранители и заложници за „заедничка Македонија“, а ниту една институција сé уште не реагира по повод ниеден од овие случаи на ширење омраза и на повици на насилство“.[xx]

Во извештајот за март 2017, Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека говорот на омраза продолжува со истиот интензитет како и претходните месеци:

„Не стивнуваат повиците за насилство, дискриминацијата и нетолеранцијата кон етничките заедници во земјата, како и повиците за смрт на политички неистомисленици“.

Исто така, Хелсиншкиот комитет за човекови права укажа дека говорот на омраза е најзастапен на интернет[xxi] и побара од МВР „проактивно да делува за превенција за употребата на говор на омраза и закани по безбедноста и сигурноста на граѓаните кои лесно можат да преминат во дела од омраза“.

Неказнувањето на говор на омраза предизвика насилство на 27 април 2017

Во средината на април новинари и уредници почнаа да предупредуваат дека говорот на омраза е широко распространет во македонските медиуми и на социјалните мрежи, дека се користи најмногу за пресметка со политичките противници и дека „Секојдневието полно со омраза го поплочува патот кон насилството“ (Говорот на омраза раѓа насилство)

Уредникот на „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ Владимир Петрески предупреди дека „особено се засили говорот на омраза на етничка основа и тоа со повикување на војна“ и дека состојбата е толку лоша што се објавуваат отворени повици за насилство:

„Состојбата е толку лоша што отворено се објавуваат адреси на критички новинари и интелектуалци, во надеж дека некој ќе се осмели да ги нападне дома. Се објавуваат потерници по опозициските пратеници, in memoriam известувања за западните амбасадори, отворени повици за напад на критичките интелектуалци со нивна фотографија и текст со зборовите „ако го видите ова лице знаете што треба да направите“, па дури и отворени закани за убиство врз американскиот амбасадор…“ (Говорот на омраза раѓа насилство).

Лидерите на протестите што му претходеа на 27 април 2017: Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиески

Ваквата загрижувачка состојба е отсликана и во Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за април 2017 година:

„…реториката со која е проследена политичката криза, се состои од чести повици за насилство кон политички неистомисленици и кон припадници на албанската етничка заедница… Говор на омраза претставуваат и секојдневните повици на демонстрантите за „чиста и унитарна Македонија“ со кои се омаловажуваат етничките заедници во државата“.

Покрај говор на омраза во говорите на јавни личности и политичари (кои „недвосмислено повикуваа на насилство во текот на целиот период“), Хелсиншкиот комитет за човекови права констатираше пораки за насилство со политичка и етничка основа (споделени на јавни собири и протести) и „директен говор на омраза кон политички претставници, во вид на повици за нивната смрт или линчување“.

Што се случува кога говорот на омраза не се спречува од надлежните институции навремено, и покрај предупредувањата, видовме на 27 април 2017 година. Тоа го констатираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права:

„Индиректниот говор на омраза кој секојдневно се користи на актуелните протести под слоганот „За заедничка Македонија“, на крајот на месецот резултираше со долгоповикуваното насилство кон пратениците во Собраните на Република Македонија.“[xxii]

И покрај предупредувањата да не си играат со оган (со говорот на омраза), политичарите и демонстрантите предизвикаа пожар од насилство на 27 април 2017. Приказната која започна со дезинформации и теории на заговор, продолжи со говор на омраза кој поттикнува и повикува на насилство, а заврши со дотогаш невидено политичко насилство во Собранието.

Но, дали сите ние извлековме поука за огромната штета за целото општество од перманентната неказнивост на говорот на омраза?

Во последниот дел од анализата ќе се обидеме да одговориме и на ова прашање, започнувајќи со прашањето: Дали судските постапки за насилството на 27 април 2017 година го опфатија и говорот на омраза (како кривично дело) кој го предизвика насилството?


[i] Заев ги обезбеди потписите, Иванов на потег, февруари 25, 2017

[ii] Граѓанската иницијатива за Заедничка Македонија објави проглас: Дојде време за Четвртиот Илинден.

[iii] „Не може на протест под мотото „Заедничка Македонија“ да се скандира „чиста Македонија“, „Македонија на Македонците“, и „За Шиптари, гасна комора!“. Прво, ова е контрадикторно и во најмала рака збунувачки.“ (Заедничка или чиста Македонија?)

[iv] „извикување на паролата „чиста Македонија“ на протести е еден од начините на кои се промовира говорот на омраза бидејќи промовира само еден етникум, додека кон останатите се однесува како да не треба да постојат“ (Потребна е дистинкција помеѓу слобода на говор и говор на омраза)

[v] „На првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“. На 28 февруари, на вториот ден од протестите, беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.“ ЕДНА ГОДИНА ПО 27 АПРИЛ, СЕ ЗНАЕ ДЕКА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО БИЛ ОРГАНИЗИРАН, НО НЕ СЕ ЗНААТ ОРГАНИЗАТОРИТЕ. (сдк.мк)

[vi] Лавина реакции и осуди за говор на омраза по нападот на новинарите од А1он

[vii] „Додека неговиот братучед раководеше со тајната полиција над 100 новинари беа прислушувани. Медиумите под негова контрола постојано спроведуваа кампањи против новинари со цел нивна јавна дискредитација. Истите медиуми, постојано ширеа говор на омраза со повикување на јавен линч против новинари само затоа што ги критикуваа неговите политики“, реагираше Селмани преку социјалните мрежи.“ (Лавина реакции и осуди за говор на омраза по нападот на новинарите од А1он)

[viii] „ЦИВИЛ го препознава ракописот на авторите на ова сценарио. Јавните повици на насилство ги упатија токму највисоките претставници на владејачката партија…“ (ЦИВИЛ до граѓаните: Не наседнувајте на провокации!)

[ix] „Одговорни за говорот на омразата и за повиците на етничко и на политичко насилство во земјата се токму структурите на моќта кои сè уште се на власт, а чии високи претставници се под истрага за сериозни криминални дела, злосторничко здружување, тешки злоупотреби и изборни измами. Криминалните структури повторно се обидуваат да предизвикаат безредија и насилство мотивирано од етничка омраза и политички поделби.“ („Цивил“: Омразата и насилството се кукавички акти на предавство! Мета – 01.03.2017)

[x] МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, февруари 2017

[xi] „Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на влада во согласност со член 90 од Уставот на Македонија“ (Иванов го „услови“ мандатот за состав на нова влада)

[xii] Напротив, обраќајќи се единствено на дел од македонскиот народ, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, и исклучувајќи ги сите други граѓани, припадници на малцински етнички заедници во државата, говореше за фиктивна повреда на унитарноста и на суверенитетот на државата, за заговори од странски држави и ја повика меѓународната заедница на воздржување од наводно мешање во внатрешните работи на Македонија – се вели во соопштението. (Иванов ќе ја продлабочи политичката криза, сметаат од Хелсиншки комитет)

[xiii] ПДП: Иванов ја продлабочи кризата со шовинистички речник.

[xiv] „Сите лидери, вклучително и претседателот мора да го почитуваат исходот од неодамнешните избори“, напиша на Твитер еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во врска во последните случувања во Македонија. Тој во следната порака напиша дека „Во една демократија, парламентарното мнозинство мора да биде признаено, дури и ако тоа не му се допаѓа некому.“ (Хан – Парламентарното мнозинство мора да биде признаено)

[xv] „Феноменот на народот на нозе ги стаписа „Неверните томи“: Секој ден народот во се поголем број излегува за заедничка Македонија. Македонските граѓани велат едногласно “НЕ” за Тиранската платформа.“ (Дваесет дена протести по улиците, река народ велат едногласно „Не“ за Тиранската платформа Алфа – 18.03.2017)

[xvi] „Ги повикуваме институциите, пред сè, полицијата и обвинителството, веднаш да преземат законски мерки и да го спречат насилството. Ги повикуваме родителите и наставниот кадар да ги држат малолетниците настрана од политиката и од постапките со кои се поттикнува омраза и политичко насилство“ (ЦИВИЛ: Злоупотребата на малолетници за спроведување акти на политичко насилство е крајно неприфатлива)

[xvii] Груевски во вестите на Канал 5: „И јас и сите граѓани живееме во историско време… Ова историско време е време во кое некој сака да ја разнебити нашата држава, да ја растури и да целосно ја реобликува.“

[xviii] Груевски: Живееме во историско време, единствено народот може да ја одбрани државата Алфа – 19.03.2017

[xix] „Hahn, Kukan, Fleckenstein, Vajgl after visiting Skopje: New government should be formed swiftly“, EWB Archives, 21. 03. 2017.

[xx] Потерници и Ќосе – продолжува сеењето омраза!, civilmedia.mk, 15 март 2017.

[xxi] „говорот на омраза е најзастапен на интернет просторот, провоциран од дневно-политичките случувања и наслови на интернет медиумите и порталите“ (МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, март 2017)

[xxii] Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за април 2017 година.