Зошто некои луѓе не поднесуваат телефонски повици?

24.09.2021 02:06
Зошто некои луѓе не поднесуваат телефонски повици?

На светов постојат само два вида луѓе: оние на кои им е океј да разговараат на телефон и оние на кои им се лоши од самата помисла на овој концепт.

„Станува збор за преференција“, вели Габриел Раимонди, претседател на Сојузот на психолози од италијанскиот регион Емилија-Ромања, додавајќи дека постои генерациска поделба во начинот на комуницирање преку телефон. „Луѓето повеќе се навикнати на тоа. Младите ги заменија повиците со објави на социјалните мрежи, пораки и гласовни пораки“.

Раимонди вели дека стравот од разговарање преку телефон е поврзан со други видови социјална анксиозност и дека е предизвикан од потешкотии во очекувањето ритам или концепт на одреден разговор.

„И времето за одговор се разликува во однос на допишувањето“, вели тој. „Не е нужно побавно, но повеќе е поврзано со очекувањата на другата личност. Фидбекот се случува веднаш, така што секогаш постои ризик од погрешна интерпретација и вчитување на нашите грешки како потврда за нашите стравови“.

Кога ќе се затекнеме во ваква ситуација, можеби нема да успееме да ги изразиме мислите онака како што би сакале. Со допишувањето можеби се губат некои клучни елементи од вербалната комуникација, како што се тонот на гласот, нагласувањето или паузите, но тоа овозможува време за обработување на информациите и да се смисли задоволувачки одговор.

Тоа што некој не сака да разговара преку телефон не е проблем самото по себе, но може да стане проблем, доколку не сте во состојба да се јавите во клучни моменти, без разлика дали заради тоа трпи работата или социјалниот живот. Заради работењето од дома за време на пандемијата многу луѓе беа поставени пред предизвикот на сè почести видео и гласовни повици. „Фактот дека можат да нè контактираат во различни периоди од денот, често и после работното време - земајќи го предвид фактот дека работното време им се продолжи на многумина, што како последица предизвика узурпација на сечиј личен простор - е еден од големите проблеми кои доведуваат до психолошки проблеми и влијаат на денешниот пазар на трудот“, рече Раимонди.

Токму заради оваа причина е важно да се воспостават правила онаму каде што тоа е можно. Без разлика дали сакате да го исклучите звукот и потполно да ги игнорирате повиците во текот на вечерта, или да се чувствувате како од некоја причина да морате да бидете достапни 24 часа во неделата, клучно е да се создаде простор во кој се чувствувате како да имате целосна автономија кога се работи за користењето на вашиот телефон. Одредете еден дел од денот кога ќе се трудите воопшто да не ги следите нотификациите на телефонот.

„Важно е да се оправда сопствениот избор да не одговорите на некој повик“, вели Раимонди. „Исто така, треба да процените колку е важен тој повик. Не морате да се јавувате на секој повик.“

Исто како и на училиште, кога сте имале трема пред тест или презентација, подготовката ќе помогне да се чувствувате помалку непријатно додека очекувате повик.

„Лично, се обидувам да ги осмислам и да ги подготвам барањата кои ќе ги изнесам преку повикот, особено кога станува збор за работа. Ми помага да бидам свесен за своите физиолошки реакции“, вели Раимонди. „На пример, знам дека кога ќе заѕвони телефонот, моето срце почнува да чука побрзо. Предвидувањето на сопствените телесни реакции е важен дел во нивната контрола, што ви овозможува тие помалку да влијаат на вас.“

Сепак, доколку дури и кога ќе се подготвите не ви е полесно неколкупати дневно да зборувате преку телефон, не сте единствени. „Иако повторувањето на активностите одново и одново може да десензитизира некои луѓе, тоа не е така кај сите“, вели Раимонди. „Впрочем, кај некои луѓе репетицијата на ситуацијата може дополнително да ги влоши нештата.“

Доколку одите на терапија, со својот терапевт би требало да поразговарате за овој вид анксиозност. Доколку не одите кај терапевт, а од телефонските повици навистина нема да ви биде добро, можеби би требало да размислите за почнување некаков вид терапија. Веројатно никогаш нема да сакате да разговарате преку телефон, но барем ќе можете да работите на тоа и да почнете за тоа да размислувате како за алатка со чија помош ќе дојдете до она што ви е потребно, без премногу да се грижите за социјалниот аспект на сето тоа.

„Ова ќе ви овозможи да ги изберете оние стимуланси на кои сакате да посветите внимание, затоа што ви се интересни. Тоа е здраво“, вели Раимонди. „Кога ќе ја изгубиме оваа способност, се чувствуваме принудени да одговориме на сè, а тогаш стануваме анксиозни.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Laura Moore

Извор: https://www.vice.com/

ОкоБоли главаВицФото