Ништо не останува засекогаш

24.09.2021 12:31
Ништо не останува засекогаш

(Одгласи по прочитот на романот „Чудовиштето“ од Владимир Зарев и преведувачкиот подвиг на Бранислав Мирчевски)

Со својот духовен опит, читателот ја допишува книгата!
Владимир Зарев

Единствениот пат по кој човекот оди за да се издигне до сферите на вечното паметење е да се вложи себе си во духовното растење на својот народ. Тоа е налик на подадена рака за поткрепа кога малото дете проодува по патеките на новиот живот. Така уметниците, писателите се ракуваат со својот народ, нивното дело е топла дланка за потпора, кога нивниот народ ги прави своите први несигурни духовни постапалки. Владимир Зарев ѝ се оддолжил на својата родна земја преку делата што ѝ ги остава во наследство. Во нив е с`ржта на еден човечки живот изѕидан од радости, таги, страдања, стравови, душевни потреси. Цела една филозофија на краткиот човеков живот. Неговите филозофски погледи на круцијални теми како што се: смислата на животот, смртта, стравовите, владеењето ги остава на страниците на делата, оживеани преку живо портеритираните ликови. Неговите романи се полифонични структури со повеќеслојни насипи на теми, богатство од зборови, раскошен израз, а едноставен и јасен стил. Таквата рамнотежа многу тешко се постигнува, а за читателот, таквите дела наликуваат на пловидба по разбранувано море. Македонската читателска публика го запозна Владимир Зарев преку романот „Пропаст“ (ИЛИ-ИЛИ, 2020 г.), првиот негово преведено дело на македонски јазик, во превод на Бранислав Мирчевски. Едноставниот, а толку богат раскажувачки свет на Зарев, продолжува да освојува, овојпат со уште еден негов роман во македонски превод, романот „Чудовиштето“.

Книгите ни нудат едно емоционално проветрување, се потпирам на нивната духовност, на нивните длабочини и нивните знаења за (не)човечкото во човекот. Романите на Зарев, раскажуваат толку топли, но истовремено и горчливи приказни за човекот кој, борејќи се со сопствените демони, на крајот ги губи сите битки. Читањето на неговото дело изискува едно повисоко ниво на спознавање на човекот и стварноста, но и на човекот-стварност како едно цело. Со својот духовен опит, читателот ја допишува книгата и таа станува различна. Колку читатели толку различни книги! – вели Зарев. Колку лица има човековата пропаст, колку чудовишта би се изродиле по мислата на Зарев?! Син на големиот бугарски интелектуалец, академик Пантелеј Зарев, кој ќе му го даде највредниот совет, секогаш да биде слободен, независен, да опстои на своето. На прашањето: Кој ќе ми помогне? Одговорот на таткото бил: Читателите!

Него го окупираат темите за човекот кој копнее да има власт над себе и над другите, да го поседува материјалното, а да го погази духовното, за човекот кој заради првиот негов двојник е фрлен во аголот на мрачната улица, притиснат од мракот на сопствените и општествените стравови, како да моли за милостина. За овие речиси педесетина години, додека ги пишував книгите, ме интересираа два феномени во човечкото постоење – проблемот на власта, стремежот кон власта, и стравот од смртта. Тие се вплетени во сите мои романи, зашто се вистинските двигатели на нашето човечко битие, вели Зарев. Владетелите ја држат во потчинетост мудрата мисла или само мислат дека ја контролираат. Секоја власт е насилство над човекот – пишува Булгаков во „Мајсторот и Маргарита“ и низ своето писание тој веќе еднаш ја доживеал смртта. Во тие времиња интелектуалецот се замолчува, на сцена, во скапи костими и многу шминка застануваат бездарниците, корумпираните и оние чиј желудник лесно ги вари блуткавите чорби (помии) од кујните на властодршците: Доаѓаше времето на украдените валкани пари, на големите пари на насилството, на парите со непроверено потекло, кои носеа невидена слобода и власт, а исто така целосен презир кон државата и законот за неказнивост. („Чудовиштето“)

Кога на човек ќе му го земете достоинството, тогаш сте му ја зеле душата, сте го убиле. Насилно земеното човеково достоинство е еднакво на свирепо убиство со умисла. Такви убиства се случија на Балканот по распаѓањето на социјализмот, за да се формираат чудовишни структури на получовек, со канџи наместо раце, џиновски стапала и глава со повеќе усти. Таквата чудовишна појава, получовек жеден за власт и пари кој грабе, дере, гази безмилосно, всушност стана синоним за властите кои почнаа да ги разграбуваат државите, материјалните и духовните добра. Апостол Павле вели: Никој од вас ништо нема да однесе од оваа земја, бидејќи никој од вас, ништо и не донел. Но дали таквата мисла има некаква смисла во време кога раскрчмувањето на имотот беше начин како лесно да се стигне до богатство?! Во такви времиња се случува едно насилно прелевање на еден систем во друг, со што се создава длабок рез за да се оддели едно од друго ткиво. Се поставува прашањето: Возможно ли е уметноста да преживее во едно такво време? „Без уметност, вулгарната реалност ќе го направи светот неподнослив” вели Бернард Шо, а уметниците се некој вид спасители или исцелители на нашите длабоки душевни болки. Без уметноста, светот би бил пустина без оаза. Но што станува со авторите и нивната храброст да пишуваат за „вулгарната реалност“, со тоа да ѝ дадат боја, макар и да бидат казнувани поради тоа?! Обидот на уметникот да ја пресоздава стварноста е обид за хуманизација на дехуманизираното општество и обид за реанимација на духовно мртвиот човек. Но, уметноста е и најобјективниот сведок за времето кое одминало, таа не познава и не признава власт и опозиција, бедни и богати, таа ги надживува и останува скаменет артефакт во времето.

Распаѓањето на социјалистичкиот систем неминовно донесе и распаѓање на ткивото од кое беа градени идеите, надежите и копнежите на една генерација. Кога потомците на таа генерација се најдоа во виорот на војните, пустошите и об езличувањата, тогаш започна и раѓањето на чудовишните структури што го разобличија човекот до непрепознавање. Таа млада сила како да сакаше да покажат дека од неа почнува сѐ. Со неверојатна леснотија почнаа да го присвојуваат државниот апарат, една опасна игра, леснозапалива материја во рацете на пиромани: Колку си попросечен и согласен, толку животот ти е посигурен и поспокоен („Чудовиштето“). Таквите фигури се најпожелни за долгогодишно владеење на еден ум. Во интервјуто со Наделина Анева, Зарев зборува за генијалната идеја на Томас Ман во „Буденброкови“: Првото поколение капиталисти трупа пари, второто поколение се занимава со политика, третото поколение по принцип дава интелектуалци , а четвртото, деградира. Во Бугарија се случува симбиоза помеѓу првото и четвртото поколение. Таквата симбиоза , за жал се случува во сите посттранзициски општествени системи на Балканот и во Источна Европа. Можеби затоа, романите на Зарев се вклопуваат во нашата матрица на размислување, бидејќи заеднички ни се посттранзициските трауми. Деведесеттите година на XX век Балканот ја доби слободата, но беше ли подготвен за тоа?

Во одговорот на ова прашање, Зарев ја заговара Платоновата идеја за трите форми на управување: тиранија, олигархија и демократија, а најидеалната од сите секако е демократијата. Но, доколку демократијата не се ползува во нејзината најчиста форма во која законите би важеле за сите, без исклучок, тогаш таа најлесно преминува во анархија. Анархијата во сите нејзини форми е влезена во длабоките пори на општеството, во економијата, социјалата, историјата, културата. Анархијата се негува, се храни и секој нејзин следен чекор е однапред обмислен и познат за оние на кои таа најмногу им одговара. Во романот видлив е обидот на авторот да покаже, како во еден миг се уништува сиот вложен труд и животна енергија на претходниците, кои на раменици ја издигнале државата. Нивниот труд и спомен во еден момент е згазен, уништен, понижен, онаа интелигенција која била носител на промените, сега е згазена од ногата на транзициските џинови. Ликот на интелектуалецот во едно општество скоро секогаш асоцира на втемелувач на вистинските вредности врз кои стои и се гради . Интелектуалецот е разумен, слободномислечки, луциден и критички ум, чиј збор има тежина и смисла. Долгите години транзиција на општествените вредности, но и транзицијата на мислата, доведоа до тоа интелектуалецот да се повлече во некој свој безбеден свет и да излезе од него само ако е повикан. Таквото опасно осамување создаде слика со двојна рамка. Едната, онаа надворешната, дека интелектуалецот премолчува значајни случувања, а со тоа и тивко ги одобрува, е навидум видлива и јасна бидејќи таквиот лик го нема по социјалните и електронските медиуми. Втората рамка е онаа протната малку навнатре, но благодарение на неа, рамката го држи платното оптегнато. Интелектуалецот создава, твори, пишува, слика, компонира, подготвува театарски претстави, дејствува преку независната уметника сцена и слично. Зарем не е тоа неговиот крик во времето?! Зарем не се тоа знаците на незадоволство што се манифестираат низ уметничките форми?! Зарем не можеме да научиме дека дешифрирањето на уметничките кодови можат да дадат подобар одговор, отколку стотици јавни дебати на кои под нозе се пуштаат дневно-политички тези? Токму таквиот интелектуалец станува надворешно тело во општествениот организам, чиј имунитет агресивно создава антитела, кои се стремат да го исфрлат како непожелно и загрозувачко. Секогаш кога општеството е во некаков вид духовна криза, има потреба од гласот на интелектуалецот кој треба да прозвучи како ѕвоно во црковен храм во чиј двор се собираат верниците на празник. Само политички дистанцираниот , угледен и авторитетен интелектуалец, може да ги подотвори портите за влез во индивидуалната, но и во колективната свест. Интелектуалецот-ерудит поседува морални, етички и естетски вредности што се пресликуваат во неговата појава како лик, но и во неговата дејност и истите тие се обидува да ги пренесе на околината. Интелектуалецот не се појавува со став тогаш кога ќе му биде наложено, напротив, тој, ползувајќи ги придобивките од сопствената слобода на мислата и слободата за критичко размислување, се појавува во моменти во кои, по негова проценка, неговата мисла е неопходна. Кант рекол: „Две работи ме воодушевуваат, ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“! Небото и ѕвездите се најсовршениот украс на шапката на светот, а моралниот закон во секој од нас, е нашето – јас!

Неверојатно е како Зарев, наместо да поттикне омраза, гнев, бунт, тој умее со својата совршена раскажувачка техника да нѐ смири, да го смири и успокои духот, како пијанист кој со првиот допир на прстите и клавишите, внесува спокој и некаква чудесна радост. Во неговите дела омразата, стравот, гневот како да се обессилени, стишени, но не и заборавени. Како противтежа на сѐ се појавува Созопол, градот на спасението, градот со исцелителска и оздравувачка енергија. Во романите на Зарев Созопол е топос на вонвременското, таму е местото за бегство од себе и светот, но и местото на очистувањето и новиот живот. Созопол е таа „друга земја“ до која душата патува на аџилак, за да се врати спокојна и чиста, осознаена и способна да го продолжи животот. Последната средба на Симеон и Нија од „Чудовиштето“ се случува токму таму, за да заврши со некакво олеснување заради изговорените и прифатени зборови за прошка. Кога на 31 година го завршува првиот роман „Битието“, авторот облекува бела кошула како поклонение пред себе, како еден вид раѓање на писателот Владимир Зарев. По сопственото огнено крштевање преку зборот, Зарев станува тоа во што верувал, а верувал во книжевноста и нејзината прочистувачка сила: Така е и во моите книги, госпоѓице, исполнет со опијанување и осаменост, вдишувам, издишувам, вдишувам, издишувам и најпосле, кога го завршувам романот, кога сум го претворил најдобриот дел од себе си во незаборав, облекувам бела кошула за да се разбудам, ѝ вели писателот Симеон Станимиров на убавата Нија во „Чудовиштето“.

За раѓањето и заминувањето, за стравот и љубовта, творештвото и слободата, но и за споменот и заборавот, за младоста и стареењето, за ЧОВЕКОТ. За тоа пишува Зарев во „Чудовиштето“. Се прашувам, зошто мора насловот да биде членуван? Или пак членувањето не е беззначајна или случајна постапка на преведувачот, како што кај Зарев всушност ништо не е случајно, ни збор, ни интерпункциски знак. Ти си чудовиштето, како со прст да покажува кон секој од нас, кон сите мали и големи чудовишта што ги храниме длабоко во себе, им градиме дом за никогаш да не нѐ остават сами. Што би бил човекот без нив?! Колку и да е апсурдно, сепак, стравот од смртта го претвора човекот во разумно, во мислечко и творечко суштество. Што може човек да купи во последниот миг од животот? Кому му е тоа нужно и дали купеното материјално ѝ значи нешто на душата што го напушта телото и на очите што ќе се затворат засекогаш? Желбата да се одложи смртта, а да се продолжи животот го прави човекот творец на новото. Сведоци сме како научникот создава вакцина од опасната болест за да ја одложи смртта. Филозофските размисли за смртта, Зарев ги изложува преку ликот на писателот и тие се суштински за самиот текст. Идејата за еднаквоста на луѓето пред смртта како христијанска парадигма, идеално се вклопува во матрицата на самото дело. Имено, смртта го поставува принципот на еднаквост кој животот не го познава или пак го поништува. Пред смртта се еднакви сите што имаат човечки образ, умните и помалку умните, богатите и бедните, додека животот колку и да е посакуваната состојба за човекот, му го одзема тоа елементарно право.

Од приказната на Станимиров се раѓаат безброј слики за малиот човек со голем ум. Архитектот (неговиот татко) чии блескави идеи ги ползува заедницата, наеднаш е отпуштен, деградиран, омаловажен, уништен, земена му е душата, а со тоа и животот. Слика за човековата ништожност кога престрашен од големината на другиот, човекот почнува да се чувствува загрозено и сосема неважно. Тогаш во него се буди Чудовиштето кое всушност го изродува самото општество. Општеството кое не дозволува да го водат умните, креативните, храбрите, таквите не се пожелни, но пожелно е да бидат отстранети. На таквите луѓе сѐ може да им се прости, но не и талентот и успехот. Таквиот човек пропаѓа, станува неугледен, нема пари да му плати на фризерот, па го заложува својот омилен швајцарски часовник, кој подоцна синот ќе успее да го откупи. Роман за животот како еден ден. Старееме постепено, без да бидеме сосема свесни за тоа. Староста се населува полека, тивко, оставајќи по малку од себе, за на крајот да го запоседне телото и умот. Староста го фрла човекот во пределите на заборавот, а таму ништо не боли, ништо не потсетува на тоа дека бил некогаш еден човек, добар и лош, (не)љубел и бил (не)љубен, лажел и бил искрен, бил верен и неверен. Исповедно ѝ вели на Нија:

Социјализмот кој се обидуваше да ја оствари својата власт со привидното, со лажната еднаквост, но најмногу со насилството, со постојаноста во насилството. За да опстане, тој требаше драматично да се демократизира, да достигне до сакралната творечка идеја за покајувањето, за опростот и, се разбира, за љубовта, госпоѓице!

Симеон е лик на писател-циник, егоцентрик кој умислен во сопствената големи создал слика за себе, за сопствената надменост и недопирливост. Всушност таа слика е само неговата надворешна појава, под крлушките на телото спие ранливиот и недокрај реализиран човек кој можеби не успаеал преку љубовта се осознае себеси, да ги открие сопствените светови кои како да спијат некаде длабоко во дамарите, тивко пулсираат и чекаат час. Трагедијата на Симеон е во неговата несреќа што никогаш во животот не умеел вистински да љуби. Умислен од својата големина на голем писател тој ги убива чувствата кај жената, која барајќи љубов, а не само телесно задоволство, си нашла сродна душа што ја разбира. Симон ги буди во себе демоните, но , со својата неизлечиво болна суета и его ги храни, да се издигнат, да му го обвијат телото и душата како бурјан кога го заробува стеблото на виткото дрво. Симеон станува тиранин врз себе, жените, книгите. Станува Чудовиште, онаа непозната сенка од која децата се плашат, а не се свесни за нејзиното постоење.

Знаев, дека најмногу три се нештата кои се во состојба до крајност да го подлажат човекот, да го исполнат со неразумност, со лудост, понекогаш со гнев, со омраза и со нездрава душевна возбуда. Тоа се љубовта, која секогаш одминува, парите, со кои во претсмртниот час не може да се купи ништо, и идеалите кои секогаш остануваат попусти, жртвувани во реалниот живот и неостварливи, вели Зарев.

Реални се стравовите на авторот за трите нешта што го дразнат разумот на човекот и го демнат неговиот пат удолу. Љубовта ако не се обвистини останува да тлее како неизгаснато жарче во пепел згазнато од боса нога. Парите имаат неверојатна моќ да фрлат магла во очите на разумниот и предизвикувајќи слепило, во неможност да види каде оди, го згазнува жарчето љубов. А идеалот е најголемата човекова заблуда за оправданоста на жртвата која ни љубовта не може да ја спаси.

Зарев пишува за нарушената хармонија на човекот со себе и со светот кон која човекот упорно се стреми, но без да се ослободи од демоните во себе, таквиот стремеж никогаш нема да се обвистини. Во првата сцена се претставени дедото и внукот во паркот, животот во двете негови форми, на изгревот и на залезот. Старецот ги набљудува дрвјата, размислува за нивната старост. Токму таа сцена е поставена како почетна точка за враќањето на човекот кон неговите примордијални светови, детството и природата. Таму се кријат сите одговори на вечните прашања, преку детето го гледаме чистиот и невин свет, таков каков што го посакуваме, а патот до него е во почитувањето на природните закони. Нежна завладувачка тегобност ме обзема без причина, која, сега веќе со сигурност знам, не е страв од смртта, туку дел од најболниот и видлив дел од самата смрт. „Толку ли е близу?“ - си мислам. Во паника и ненадеен уплав го дигам и прегрнувам Симеон, го притискам во мене онаков топол, до лудило жив, сè уште со мирис на бебе и на млеко. Сликата на дедото и внукот во паркот е прекрасен портрет на антиподот живот/смрт. Една совршена слика за двете најголеми противречности врз кои почива светот: раѓањето (олицетворено во ликот на внукот и мирисот на бебе) и смртта (олицетворена во ликот на старецот).

„Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза. Роман за мудроста и големото прашање, дали е доволна за разумот на разумниот да се исправи пред моралните закони во него. Злото е привлечно, неговата појава секогаш е само навидум случајна, а всушност строго испланирана и контролирана. Во овој роман на Зарев, стариот писател, ранлив, но циник Симеон и убава новинарка ги спојува омразата. Зарев секогаш во своите романи ги вкрстува патишатата на ликовите од онаа другата страна, од страната на неморалот, омразата, суетата, болката, за од нив да се изроди љубовта. Тој како да ја бара љубовта на невозможни, непристапни места, како да бара бисер во калта, цвеќе во пустинска недоглед, така ја бара љубовта во дното на само навидум потрошеното за љубов, срце. Во потповршинските структури на овој роман е приказната за човекот пред и по вистинскиот духовен животот. Човекот чиј живот до 10 ноември се развивал по правилата на синдромот „варена жаба“ и оној човек кој, кога ја доби слободата, не знаеше што со неа, како дете кога во рака ќе земе опасен предмет. Говорот на Симеон е vitae description (животопис) на угледен писател чиј татко бил жртва на системот во кој клеветата била алатка, тешка метална лопата со која просечните ги погребуваат интелектуалците, мудрите и слободумните. Секоја болка, неправда, повреда на егото и суетата во ликот на писателот зачнувале по едно мало чудовиште кое ќе почне да се храни за да стане многуглаво, да рикне , сѐ дур не ја пеплоса душата и не го распарчи телото. Така распарченото старечко тело со мирис на валеријан, се подготвува да се соочи со најголемото од сите чудовишта, стравот од смртта:

Јас навистина се чувствувам уморен, предаден и најважното крајно презрен и сакам да се повлечам од овој суетен свет и да останам како во кажаното, во своите зборови, да се приберам во големата преполна куќа на моите зборови, да го пречекорам прагот и да ја треснам вратата зад мене.

Болката е почетокот на секој роман, како и на секој живот. Се раѓаме со болката на мајкиното тело, првиот глас што го слушаме е нејзиниот крик, мешавина од болка и среќа, а заминуваме со сопствената болка, во меѓувреме болуваме многу туѓи болки. Владимир Зарев – соговорник на душата, исцелител на духот, ги романизира токму сите форми на болката. Јас сум вистинско чудовиште, јас се сакам себе си, одговара Станимиров. Но казната доаѓа секогаш доцна, кога немаме сила повеќе да се одбраниме. Љубовта кај него тропнува кога тој веќе е на заминување, со капутот наметнат на раменици. Нија го открива кревкиот и ранлив Симеон кој ја губи сопругата, која била негов најверен читател, но недоволно сакана и длабоко повредена. Тој познат писател, надмен и дотеран господин предаден на пороците, талкач низ долгите „карамазовски ноќи“. Нивната игра е како шах во кој и двајцата започнуваат од иста позиција, но победува оној кој со мудроста и вистинските потези ќе го покори другиот. Нија, свесно кокетирајќи со него, ги разбуди во неговата внатрешна полупразнина, машкоста осуетена од старечката немоќ, но и копнежот, да се насладува на убавината. Две противречности во едно тело зграбени од ковчестите прсти на стравот. И стравот е Чудовиште, онаа подмолно, зајдливо истоштувачки тешко чувство кое му е вечна сенка на човекот. дека нашето постоење е еден постојан и жилав безформен страв што нè вшмукува во себе!

Староста носи слобода, стариот човек е наполно слободен, растоварен од грижите и обврските. Но таа слобода е како јамка околу неговиот врат, го гуши, му го зема здивот. Тоа е слобода на отсутноста која полека го носи човекот во прегратките на заборавот. Никому не му треба неговото присуство, неговото постоење е само во картичката за подигање на пензијата во банка. Стариот циник Симеон се разоткрива како несреќен маж кој додека бил во брак ја имал својата жена многу повеќе како парче за лично задоволство, отколку како жена која бара нежност, љубов и разбирање. Тоа што не можел да го даде, сега потајно го очекува за возврат и тоа од млада и неверојатно убава жена, раздразнител на неговата машка повтеж. Преку неа Симеон како да ја освојуваше целата слобода по која копнеел сиот свој живот, слобода на духот кој со младешки елан копнее, а никој не може тоа да му го земе или забрани. Таквата слобода е вистинска и скапоцена. Токму таа жена му го отвори патот на мислата за да може Симеон во целосна егзалтација да ги изложува своите размисли за љубовта, омразата, Бог, власта, смртта, стравот, староста.

Младата девојка со својата „нагледна непорочност“ станува негова секојдневна мисла, средбите со неа се само навидум интервјуа. Животот е игра на постојан избор, човекот е секогаш исправен пред дилемата за вистинскиот избор, но како што вели Зарев преку ликот на Станимиров, секој избор е погрешен. Но тука има една поголема вистина, дека стравот од смртта се храни од сознанието дека го губиме правото на избор, смртта ни го одзема безмилосно и дрско. Смртта нè дарува со совршената слобода, зашто ни ја одзема неслободата, принудата да избираме. Фасцинантни се описите на жената, на нејзината телесна распупеност и игривост. Зарев го набљудува телото човеково како еден вид телесен затвор за душата и вистинските чувства. Старото и опаднатo тело, кожа со мирис на валеријан е како оптегната тешка завеса, кулиса на театарската сцена во театарот со мирис на старо дрво и нафталин. Наспроти него, седи младата жена со долги нозе, со оптегната младешка кожа, убавина која го заробува соговорникот како мал инсект во пајакова мрежа. Двата лика како да бараат потврда за сопственото постоење во телото на другиот. Имено, Симеон, остарен писател, навидум недопирлива природа, постои, дише, живее само во деновите кога младата Нија е негов соговорник. Тогаш животот добива смисла, особено кога во разговорот со неа тој ги оживува своите сеќавања, трауми, стравови, едноставно Симеон станува тоа што никогаш не бил (или можеби бил пред 10 ноември), искрен и отворен дух. Од друга страна пак младата новинарка Нија за која читателот знае многу малку, започнува една сосема друга димензија на своето постоење во моментите кога свесно го заробува остарениот писател. Таа станува негова креација, се облекува како што тој очекува, нејзиниот говор на тело е во согласност со идејата да се вознемири неговата страст, а начинот на зборување е кршење на замислената бариера за влез во неговата интима. Телото на стариот циник станува обезвреднета мускулна маса која во целост е потчинето на волјата и присутвото на младото моме. Во младоста нè тревожи копнежот да владееме, а во староста, дека постепено ја губиме власта над другите, над животот, дури и над себе си, што е всушност стравот од смртта.

Кога животот е на својот залез, кога се сокрива зад грамадната планина, тогаш зад него, само мигум останува жар-црвена светлина, која полека се губи и мракот ја проголтува. Таа аловина наликува на човекова крв која ја губи својата топлина тогаш кога животот истекува од нас. Omne animal se ipsum diligit – Секое живо суштество се сака само себе си, максимата по која живеел Станимиров, но токму таа се свртува против него и станува негова карма кога во староста започнува да размислува за смислата на љубовта. Самозаборавот е последниот предел до кој патува човековата мисла пред да ја отвори портата кон другиот свет. Се обидувам да ѝ објаснам на Нија дека веќе, речиси, не си спомнувам за себе. Момчето од толку далечното, всушност, идеализирано, дури и хербаризирано детство во моето сознание, тинејџерот, младиот, а потоа и претставителен маж сум ги заборавил, како да не сум бил јас, вели писателот. Староста доаѓа, таа е неминовност. Но токму тогаш во светот на писателот се појавува Нија која почнува како со игла да ги вади спомените од потсвеста на Симеон. Хербариумот што го прави во детството е прекрасна метафора за тоа дека, споменот станува бесмислен исушен лист меѓу страниците на животот, а при мал допир се рони и уништува.

Жената со скрстени нозе пред мене е навредливо млада, веројатно нема повеќе од дваесет и пет години ...Името не момето е исто необично, се вика Нија, облечена со елегантна здржаност, блузата ѝ е со жабо и е затворена до вратот, здолништето е одмерено долго и црно, но и покрај напорот да се сокрие во таа непорочност, облеката без да предизвикува и без намера, ја потцртува стројноста на телото, како и малите високи и напрчени гради.

Станимиров започнува да ја создава сликата на идеалната и фатална жена која можеби ја посакувал некогаш, но никогаш не ја сретнал. Сега на залезот од живото таа се појавува низ маглите на самозаборавот. Дали е вистинска или е онаа посакувана virgo intacta (недопрена девица) од младоста?! Потрагата по совршената убавина од една страна е најбесмислената потрага по која тргнува човекот, а од друга страна пак само така може да се стигне до вистината во која веруваше Достоевски, дека само убавината ќе го спаси светот. Младата жена доаѓа за да го казни бидејќи со неговиот последен роман тој предизвикал силна емотивна бура во нејзината кревка душа. Таа доаѓа со изговорот дека сака да напише книга за него, но разбира дека тој што ја поднел најголемата болка на животот е самиот писател. Преку неговата и нејзината приказна, всушност како читатели осознаваме дека и двајцата ги спојува омразата, veritas odium parit (Вистината раѓа омраза), Станимиров кон егзекуторите на неговиот татко, а Нија кон истите тие кои го уништиле животот на нејзиниот дедо. И едните и другите, израстоци од главата на режимското чудовиште.

Цела една филозофија на човековото постоење се отвора пред нас. Зарев преку своите ликови размислува за Бог и неговото место во животот на човекот, за присуството на Антихристот на земјата, тука е, олицетворен е во владетел, пари, Интернет. Интернет што е сè и ништо, знаење и хаос, општење, пазар, искуство, забава, тавтологија, порнографија, површност, безочност, скапоцен прирачник. Чудовиште, без кое се чувствуваме отфрлени и ранливи, без кое се чувствуваме збркани и беспомошни, без кое не можеме, без кое не можам и јас!, зашто ни е нужен како храната, надежта и домот! („Чудовиштето“). Во таква една анархија, човекот е фрлен во средина на огнот и оставен сам да се спасува. Во такви тешки денови на искушенија, се среќаваат два типа на луѓе, вели Зарев: едните кои целосно се потчинуваат на власта на Бога и другите кај кои човечкото его ја дели власта на Бога со сопствената желба, со сопствената суета. Понекогаш суетата надвладува над желбата да се потчиниме. Таков сум јас, тие луѓе вообичаено го барат Бог на друг начин, преку спознанието. А тоа е најтешкиот, најмачен пат да се стигне до него. Спознанието е бескрајно, непрекинато се развива, се зголемува, отфрла дел од себе, додава друг дел, спознанието секогаш носи колебање и сомнеж.

Но, единственото спознание до кое човекот мора да надрасене спознанието за љубовта и среќата. Кога среќата не би се поистоветувала со материјалното богатство, тогаш човекот би ја сфатил нејзината комплексна природа, дека среќа е да љубиш и да бидеш љубен, среќа е здравјето, семејството, создавањето. Таа е универзалната порака што се исчитува на крајот од прочитот на делото на Владимир Зарев. Бог му го подарил умот на човекот, со тоа го доближил до сликата за себе. Човекот заборави дека токму творењето го прави суштество допрено од Божјата рака, но и го обврзува да создава за доброто на човекот и светот.

Германската критика го нарекува Зарев „бугарскиот Балзак“. Не станува збор за обемноста на делото (Балзак напишал 100 книги), туку станува збор за нешто друго. Имено, Зарев е мозаичар на описот, детален, скоро минималистички пристап кон нешата што ги набљудува. Неговиот опис наликува на поврзување камчиња по боја, големина, форма за да се создаде големата слика. Читателот како набљудувач добива претстава за тоа дека авторот поседува квалитети на генијален сликар, кој умее да ги препознае боите и со нив да создава многуслојни описи. Кај Зарев не постои непотребен детаљ или залудно испукан куршум, неговите описи самите од себе искрат. Таквиот „балзаковски опис“ го прави авторот неверојатен набљудувач на стварноста, набљудувач кој виденото и доживеаното го трансформира во слика со форма, боја, мирис, вкус, чувство. Негова посебност се жените. Умее да ги види и опише од сите страни на нивната надворешна појава, но и да го открие тој толку длабок, богат, но и распукан емотивен свет, тло постојано поместувано од големите емоционални потреси. Во неговите дела жената е мајка, ќерка, љубовница, блудница, несреќница. Преку ликот на жената, мажот се осознава себеси. Таа е клучот за влез во тајните светови на машката интима. Во романите на Зарев жената не е само страст, таа е огледало за вистинскиот лик на мажот. Во нејзините очи се крие вистинскиот одраз на неговиот лик, навидум груб и насилен, а всушност нежен и гладен за вистинска љубов. Борејќи се да ја извади на површина љубовта како давеник од длабоките води на морето и тој самиот е повлечен од неа. Затоа кај Зарев ликовите се претставени во парови, сопружници, љубовници, во релации низ кои се откриваат едни со други, ги откриваат своите мрачни страни, но и својата доблест да љубат, да побараат прошка, но и да ја дадат. Ликот на Симеон Станимиров е налик на Одисеј кој на своето иницијациско патешествие назад кон домот, се соочува со Сцила и Харибда. Станимиров е Одисеј кој одејќи кон себе, всушност се враќа назад кон колевката на сопственото раѓање. На тој пат ќе се соочи со сите чудовишта кои се хранеле од неговите плот, его и суета, а до нив ќе го донесе Нија, неговата Сцила.

Во интервјуто од септември 2017 година Зарев си го поставува прашањето: Дали ќе успее да го заврши романот „Заборавот“, а кој подоцна ќе го нарече „Чудовиштето“? За бугарската критика, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот на „Чудовиштето“, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на Чудовиштето, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ни злото ни омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа. Вечни се битките човекови, со себе, со другите, со природата, со животот и смртта. Мегдани многу, а еден живот. „Ме погледна зачудено, а јас изненадно и сосема неочекувано сфатив дека целиот свој живот ја сакам токму таа жена” вели Булгаков во своето ремек-дело. Таков е Симеон Станимиров кога набљудувајќи ја Нија се нурнува длабоко во сопствената душа за да види дали навистина таму останало нешто недољубено. Возможна ли е љубовта во време кога животот дише со асматичен тон, или пак таа нема свое време, бидејќи е категорија која доаѓа од светови лишени од темпоралноста?!

Македонската читателска публика има можност на го чита Зарев во превод на македонски јазик направен од Бранислав Мирчевски. Според германскиот литерат и преведувач Томас Фам, силата на Зарев е во тоа што ги владее регистрите на јазикот, освен богат речник слично на катедрално тело, тој поседува многу регистри коишто ги избира така што максимално точно ја карактеризира дадената ситуација, времето и хероите. Стилското обликување на мислата на Зарев, беше посебен момент. Неговото портретирање на ликовите наликува на потезите на вешт сликар кој постојано се навраќа на сликата што ја создава, додава уште боја, за деталот да стане видлив и впечатлив, а замаглува таму каде што има премногу густина. Зарев ги исползува сите убавини на бугарскиот јазик, а Мирчевски во преводот пак, филигрански ги обработува македонските зборови, изрази и фрази, за да создаде чудесна низа. Воодушевувачки пристап на преведувачот кој паралелно ги владее и македонскиот и бугарскиот јазик бидејќи се дел од неговата генетска матрица. Преведувачката постапка на Мирчевски се приклонува кон старите форми кои иако се приклонуваат кон пасивната лексика, повторно оживуваат со сета своја раскош и убавина. Јазикот има длабочина од која можат да се извадат формите кои имаат многу душа и многу силно го одухотворуваат текстот. Тој го набљудува текстот , а со тоа и јазикот на естетска категорија, така им приоаѓа во својата оригинална преведувачка постапка. Преведувачот ја истакнува својата верзираност кон техниката на преведување, но во суштина, станува збор за нешто многу подлабоко. Имено, Мирчевски прави превод што сте стреми, до величественост да ја издигне вредноста на текстот, да го истакне убавото за да стане уште поубаво, а вредното да истапи напред. Овде не станува збор само за соодветна и прецизна јазична трансмисија, туку станува збор за уметничко пресоздавање на текстот.

Слики: Jiri Havlik

 

ОкоБоли главаВицФото