Моите омилени македонски сликовници

24.09.2021 19:50
Моите омилени македонски сликовници

Во пресрет на шестото издание на книжевниот фестивал Друга приказна, оваа година посветен на сликовниците, пренесуваме дел од анкетата „Моите омилени сликовници“, направена за списанието Маргина #93.
Во анкетата анкетираните одговараат на прашањето за три омилени македонски и три омилени странски сликовници. Овде решивме да претставиме само по еден избор од седум анкетирани.

 

Ване Костуранов

Бел
Ника Гавровска и Ристо Аврамовски

Од поновите македонски изданија за деца, сликовницата Бел се издвојува по врвните илустрации на Ристо Аврамовски и одлично обработената тема за безрезервната љубов, припаѓањето и емпатијата.
Визуелно, книгата е решена како архитектонски цртеж, нема ниту една линија повеќе, и покрај доминантната палета на ладни бои во книгата, илустраторот успеал да создаде преубава топла атмосфера.
Играјќи си со светлината, геометриските форми, перспективите и просторот, тој создал филмски кадри, кои лесно можеме да ги замислиме и во анимирана верзија.
Издание на Гаврош од 2019.

 

Катерина Трајановска

Споменик од песни
Видое Подгорец и Ване Костуранов

Поезијата на Видое Подгорец, и воопшто неговото творештво, носи присети на некое наивно време, време својствено за децата и за вљубениците во природата и имагинацијата. Сонливиот карактер на неговите стихови – доловен низ деминутиви и необични зборови, низ фантастични слики и кршливи нешта – речиси редовно содржи моќ да ја поттикне детската фантазија и да ги прошири границите на емпатијата. Во ова издание, Ване Костуранов успешно сошива едно ново, сосема пригодно, руво за поезијата на Подгорец, сликајќи низ живите бои еден волшебен свет кој тајно комуницира со стиховите на поетот. Добро препознатливите куќички на Костуранов додаваат топлина на онаа веќе постоечката во зборовите на Подгорец и потсетуваат на дом, на згриженост, на огниште и на заштита – односно, на сѐ она што му е неопходно на едно дете да се развива и расте. Бидејќи сликар, Костуранов користи класичносликарски четки и методи, но присуството на графичките елементи, дрвените боички и фактот што процесот на продукција е дигитален ги прави неговите илустрации и повеќе од соодветни за печатени дела од овој вид. Прекрасна збирка – на секаков начин.
Издание на Темплум од 2021.

 

Никола Гелевски

АБВ
Оливера Николова и Дарко Марковиќ

Редно е да издвојам и еден наш класик: џиновската сликовница АБВ од Дарко Марковиќ и Оливера Николова објавена 1987 година од Детска Радост. АБВ во сферата на сликовниците е нашата Бушава азбука - ултимативен продукт. Дарко Марковиќ во оваа книга ликовно успева да ги достигне вселенските нивоа на генијалниот Душан Петричиќ (кој црташе и за ТВ серијата Бушава азбука, но кој е и автор на низа незаборавни југословенски сликовници). Текстот на легендарната Оливера Николова (најголемата жива македонска писателка/писател, заедно со Влада Урошевиќ) е прецизен, духовит, игрив и многу добро ситуиран во нашиот контекст. Еве едно текстуално бисерче од Николова, духовито, искричаво и феминистичко (какви што и ден денес фалат низ македонските книги за деца): „Ѓорѓи ѝ купи ѓердан на Ѓурѓа. Но Ѓурѓа го стапна со ѓонот, го смете во ѓубралникот и го фрли на ѓубриште!“

 

Лидија Димковска

Зоки Поки
Оливера Николова и Димитар Кондовски

Кога посакав ќерка ми да ја запознаам со Зоки Поки на Оливера Николова, посегнав по скратената верзија во вид на сликовница, односно лектира за прво одделение од 1984 год. со илустрации од Димитар Кондовски, преубаво издание за моите најомилени македонски детски ликови, Зоки и Лидија. Нема дете од мојата генерација кое не порасна со нив, а и денес се толку омилени што едноставно не би требало да има дете кое не би пораснало со Зоки Поки и неговите другарчиња дури и да е родено и да живее во странство како Ема.

 

Дарин Ангеловски

Мајмунката заспивалка пее
Боро Ситниковски и Димитар Кондовски

Мајмунката заспивалка пее е македонска сликовница по текст на писателот Боро Ситниковски (1933-1962 г.) и илустрации на ликовниот уметник Димитар Кондовски (1923-1993 г.). Книшката содржи безмалку честириесеттина куси-куси стихувани басни осмислени во традицијата на најдобрите претставници на класичната басна. Секоја приказна пренесува некаква општа идеја во која се објаснува некакво морално начело, карактерна особина или недостаток што се поврзува со некакво животно. Сликовното мислење тука е поткрепено со илустрациите на Кондовски. Тоа се претежно црнофигурални претстави на животни, но и ликовни решенија со бели фигури на црна заднина или комбинации од двата стила со вметнување на геометриски форми во основата на илустрацијата со што е извлечен максимум игривост од еднообразниот монохроматски ритам. Сликовницата е објавена во пресвртната 1963 г. од издаваштвото Култура под уредништвото на Душан Црвенковски. 

 

Ивана Галапчева

Дедо Миле
Оливера Ќорвезироска и Владимир Лукаш

Бабите и дедовците знаат да играат магична улога во животот на своите внучиња. Нивните приказни често заземаат митска димензија. Дедо Миле се води со оваа премиса и ги доближува малите и големите на имагинативен и забавен начин. Владимир Лукаш им го дава својот препознатлив печат на илустрациите и се посветува на секој детаљ.
Издание на Просветно дело од 2019.

 

Емил Алексиев

Сликовниците на Димитар Кондовски

Од исклучително значење за нашата култура е серијата сликовници на Детска радост (едиција за деца Колибри, Скопје, 1986; библиотека Росица, Скопје, 1992) чиј автор е Димитар Кондовски. Тоа беше избор од најубавите македонски бајки во обработка на Душко Наневски на современ јазик, како што се (меѓу останатите) сликовниците Марко и самовилата, Самовилското коњче, Немата морска царица (1986) и подоцна, како џиновски сликовници Силјан штркот, Детето со крилесто коњче и Ќерката на сонцето (1992).
Работата на овие сликовници ги обедини, внесувајќи ја воедно во најширокиот културен простор и исклучителната визуелна култура на Кондовски, сите негови дотогашни визуелни истражувања од геометриската апстракција до академскиот реализам до нивно обединување во впечатливиот цртеж и неповторливиот стил на овие сликовници. Оттаму, повеќето негови цртежи за сликовниците се доживуваат како вредни самостојни уметнички дела.

ОкоБоли главаВицФото