Дали нуклеарната енергија е зелена?

27.09.2021 01:44
Дали нуклеарната енергија е зелена?

Како и обично, времето ја разводнува секоја европска политика. Овојпат се наоѓаме пред кулминација на двегодишната дискусија за тоа дали нуклеарната енергија е зелена или не. Пред да понудиме нови информации, мораме да го разбереме контекстот во кој тие се појавуваат. Мал е бројот на темите кои ја разбиваат европската блоковска поделба на исток и запад. Ова е една од нив.

Германија се промовираше во европски антинуклеарен протагонист во 2011 година после несреќата во јапонската нуклеарна електрана во Фукушима. Оттогаш, Германија форсира антинуклеарна политика, не само во својата земја туку и во Европската унија. Така, ако ја освојат власта, нивните Зелени, основани со антинуклеарна платформа, после 40 години борба би можеле да се најдат на раководни позиции за да го гледаат затворањето на последната германска нуклеарна електрана во 2022 година. Парадоксално, истото нема да се случи со германските термоелектрани на јаглен и плин. Така, Зелените, благодарение на повеќедеценискиот напор, ќе дочекаат политика во која нуклеарната енергија е забранета заради својата штетност, но во секојдневниот промет значително поштетниот јаглен и плинот - нема да бидат искоренети пред средината на векот.

Така, Германија последниве две години ги потроши уценувајќи ги Чешка, Полска, Унгарија и другите непопуларни замји да ги искоренат и да не ги развиваат понатаму своите нуклеарни капацитети. Освен тоа, Германија, најголемиот европски загадувач со јаглен, покажуваше со прст кон своите источни соседи обвинувајќи ги за загадувањето со јаглен, прогласувајќи се себеси за европски предводник во санацијата на климатските промени. Истовремено концентрирајќи ги руските гасни ресурси на својата територија, а на штета на цела источна и југоисточна Европа, подрачје поголемо од ЕУ. Исто така, игнорирајќи ги санкциите кон Русија, но и стратешките документи на Унијата.

Освен земјите од источна Европа, на страната на нуклеарната енергија се вбројуваше и Франција која има најголем број нуклеарки во Европа, па оваа борба веќе не беше можно да се прикаже како развиениот запад против поранешниот комунистички блок. Европската унија - иако и самата е склона кон нуклеарната енергија, заради економски и ефикасни причини - во последно време почна да ја менува позицијата во насока дека сепак нуклеарната енергија ќе влезе во зелената таксономија и дека нуклеарните реактори сепак можеби ќе можат да се финансираат со европски средства. Се чини дека Германија почнува да се согласува со тоа, но со услов и плинот да биде прогласен за зелен енергенс и исто така да биде вклучен во зелените финансии на Европската унија. Сепак, Брисел сè уште не донел никакви одлуки, па затоа тука зборуваме за трендовите. Но, се чини дека на Брисел му се брза да ја позелени енергијата која веќе е зелена, пред изборите во Германија ако случајно Зелените дојдат на власт и извршат притисок против нуклеарната енергија.

Главните дискусии во Европа по прашањето на нуклеарната енергија не се однесуваат само на потенцијалните директни катастрофи (како Чернобил и Фукушима). И покрај тоа, заради претходните катастрофи нашите електрани се толку сигурни што радијацијата е поголема во природната средина отколку во најстарите европски нуклеарки (ова важи и за електраната Кршко). Долги години проблем претставува и складирањето отпад. Низ историјата, борбата на Зелените апсолутно имаше смисла, зашто тој отпад не се складираше адекватно или се складираше во други држави, често и илегално. Меѓутоа, денес, проблемот со отпадот нема уште долго да биде проблем. Затоа што со напредувањето на технологијата наоѓаме начини за нова употреба на нуклеарниот отпад.

Пред Зелените се поставуваат нови предизвици

На пример, иако напредниот облик на оваа енергија - нуклеарната фузија - во физиката е проследена со вицот дека веќе 100 години сме 30 години далеку од нуклеарната фузија, физичарите кои се занимаваат токму со ова поле навистина се колнат во големите напредоци и сметаат дека овојпат навистина се максимално 30 години оддалечени од комерцијална употреба на чиста нуклеарна енергија - фузијата. Дека е така покажуваат не само напредоците само на германските и британските инженери туку и познатото кинеско „вештачко сонце“ кое функционира на тој принцип. Парадоксите или контрадикциите на германската политика, и онаа на ЦДУ, и онаа на СПД, и особено на Зелените, сега се сведуваат на тоа дека заради божемната доследност порадо ќе се загадува Земјата со јаглен и плин, отколку да се вложат средства во забрзување на комерцијалната исплатливост на нуклеарната фузија. Зашто, реакција имаме, но немаме комерцијална инфраструктура, ниту набрзо ќе ја имаме. Најголемата предност на нуклеарната фузија, освен што нема шанси да се случи сценарио од типот на Чернобил, претставува факт дека како гориво може да се користи она што сега го сметаме за отпад и го затрупуваме длабоко под земјата.

Се чини дека е сосема ирационално да се противиме на нуклеарната енергија кога најпосле сме на прагот на првиот вистински чист облик на енергија кој истовремено може да ни го реши проблемот со нуклеарниот отпад. Сепак, тешко е да се променат ставовите на кои го градиш сопствениот идентитет 40 години. Ако германските Зелени успеат во тоа, тогаш најпосле ќе матурираат во политичка зрелост. Ако останат на истите позиции само затоа што ги имаат 40 години и ако сè уште ги прифаќаат јагленот и гасот наместо нуклеарната енергија, тогаш дури и ако ја освојат власта, од нив не можеме да ја очекуваме посакуваната политичка зрелост. Проблем е она со кое ќе мораат да се соочат сите зелени, без разлика каде се наоѓаат.

Затоа Брисел може да помогне со своите бројни истражувања кои покажуваат дека нуклеарната енергија и заштитата па и санацијата на отпадот денес не се истиот проблем од пред 40 години. Реално, особено за сиромашните земји кои не можат да си дозволат „да му извршат пуч на секого“ (Илон Маск, во контекст на Боливија) за да обезбедат големи количини литиум, нуклеарната енергија е најзелениот енергенс кој во моментов е достапен на планетава. Затоа нема смисла единствениот зелен извор да се прогласува за нешто што не е. Полесно е на аргументот за човечка грешка да му се опонира со строги протоколи, отколку да се замени сиот јаглеводород - технологија која како и нуклеарната фузија, впрочем, сè уште не постои во комерцијален облик. Стручњаците тврдат дека ќе биде полесно да се развие инфраструктура за водородот отколку за нуклеарната фузија зашто за водородот може да се користи инфраструктурата од природниот гас. А процесот е најопасен на почетокот и на крајот, каде за да се соедини се меша со азот и на тие места постои голема опасност од експлозии.

Внатрешното научно тело на Комисијата, Заедничкиот истражувачки центар, на 2 април го објави долгоочекуваниот извештај за нуклеарната енергија. Неговите заклучоци беа јасни: нуклеарната енергија е безбеден, ниско-јаглероден извор на енергија споредлив со ветроелектраните и хидроенергијата, па како таква се квалификува за зелена ознака за вложување, според таксономијата на ЕУ за зелено финансирање. Нивниот заклучок подоцна го поддржаа други две тела на ЕУ, стручното собрание Еуратом и Научниот комитет за здравје, животна средина и ризици во создавање (SCHEER). Разработен предлог се очекува кон крајот на годината.

Накратко, според научниците - нуклеарната енергија е безбедна и зелена. Според политичарите - не е. Разликата е во тоа што научниците им веруваат на протоколите кои можат да ја ограничат можноста за човечка грешка, додека политичарите очигледно не им веруваат на своите гласачи. Европската унија мора да земе предвид дали порадо ќе предизвикува згрозување кај германските граѓани, проследено со финансиски уцени, или порадо би го гледала Париз во пламен, зашто нема сомнеж, тие веќе најавија протести против нуклеарната енергија. Па така, во моментов Брисел можеби повеќе се плаши од француските избори, отколку од германските.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/