Секоја трета жена е жртва на насилство, но за голем број од насилниците нема кривична санкција

27.09.2021 13:21
Секоја трета жена е жртва на насилство, но за голем број од насилниците нема кривична санкција

Северна Македонија бавно ги спроведува активностите предвидени во Националниот акциски план за имплементацијата на Истанбулската конвенција која е од особено значење за заштитата на жените жртви од насилство и за остварување на нивните права. Преку измени на Кривичниот законик и носењето на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, нашето законодавство треба да се доближи до законодавството на земјите потписнички на оваа Конфенција, усвоена во Истанбул во 2011 година. Северна Македонија уште истата година ја потпиша Конвенцијата, но нејзиното ратификување се случи шест години подоцна.

Измените на Кривичниот Законик стигнаа до Собранието на Северна Македонија, а знаеме дека согласно имплементацијата на Истанбулската Конвенција се залагате за инкриминирање на две кривични дела: „Демнење“ и „Сексуално вознемирување“. Како претставник на невладиниот сектор нашите заложби се во однос на измените на кривичното дело „Силување“, односно бараме согласноста да се вметне како единствен елемент при квалификација на делото.

Вообичаените коментари кај нас се дека жените самите провоцираат демнење преку објавување на провокативни фотографии на социјалните медиуми но, ниедна жена не може да е сама виновна поради тоа што станала жртва на родово базирано насилство, оние што го мислат, го тврдат и гласно го споделуваат овој став, можам само да кажам дека се сексистички и мизогенистички настроени и имаат свое лично убедување, кое за жал тешко се искоренува, а најверојатно потекнува од домашното и личното воспитување во нивната рана возраст.

Секоја жена има право на личен начин на облекување и изразување, свое убедување и дејствување, но никој нема право, а посебно не професионалци што работат директно со жени жртви на насилство и семејно насилство (вработени во полиција, центри за социјална работа, суд, обвинителство, здравство) да ги дискриминира по ниедна основа, а не посебно врз основа на родовата разлика.

Инкриминирање на делото „Демнење“ сметам дека ќе донесе значајни промени. Но, можам и да констатирам дека во голем број случаи, сторителите на насилство се охрабрени од фактот што нашиот систем сè уште не им нуди соодветна заштита на жртвите на насилство. Сето ова влијае обесхрабрувачки на жртвите, бидејќи прво се директни жртви кои им го врши насилникот, а дополнително се на удар од поблиското семејство кое често пати не го прифаќа тоа, а и од пошироката околина. Најголем проблем е кога довербата во институциите не постои поради нивното често несоодветно реагирање. Предвиденото инкриминирање на демнењето во Кривичниот законик треба да даде позитивни резултати и сторителите да се соочат со кривична санкција, но колку тоа во пракса ќе се реализира, останува да видиме. Предложените измени во Кривичниот законик би требало да бидат во целост усогласени со Истанбулската Конвенција, бидејќи кај нас „демнењето“ како кривично дело не е регулирано, а е дејствие што се повторува, што ти влегува во личен простор, што те плаши, те загрозува, ти пушта непријатни пораки, те демне, те чека од работно место. Кај нас се уште нема статистика за тоа колку жени биле или се демнети. Според последната сеопфатна студија направена од ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените во Република Северна Македонија имаше статистика дека 30% од испитаничките го препознавале демнењето и пријавиле дека биде демнети. Статистика можеме да извлечеме најмногу од Соединетите Американски Држави, каде што во САД според едно истражување се вели дека повеќе од 70% од жените што биле убиени (фемицид) претходно биле демнети најмалку 2 години. Според истите истражувања најчесто демначот е сегашен или поранешен интимен партнер. Ова значи дека демнеењето е едно од кривичните дела доколку се регулира може да спречи потежок облик на кривични дела како што се тешки телесни повреди или убиство.

Постојниот Кривичниот законик не ги препознава поимите како родово базирано насилство, насилство врз жени, а не се опфатени ниту сексуалното вознемирување, присилните бракови. Работиме активно на нивно првично препознавање, како и вклучување во самиот поимник на КЗ, поточно дополнување на чл.122, каде што ќе биде дефинирано родово базираното насилство и насилството врз жените. Во однос на сексуалното вознемирување, како и вклучување нови кривични дела како присилните бракови, осакатување женски полови органи, демнењето и воведување како отежителна околност во делата што се извршени при вршење семејно насилство или родово базирано насилство врз жените, како што се во убиство, телесна повреда, тешка телесна повреда, загрозување на сигурност итн… се во директно усогласување со Истанбулската конвенција, на која веќе подолг период работиме и како дел од работната група со активно донесување на Националниот акциски план (2018-2023) за имплементација на Конвенцијата. Изминатaва години јавноста ја брануваше случајот со Јавна Соба за што дополнително се покажа дека кога станува збор за сексуално вознемирување на жени преку интернет нашиот систем не ја даде правилната заштита. На жртвите им беше нарушена приватноста, дадени беа нивни лични податоци, загрозена им беше сигурноста, а нивните слики кружеа меѓу насилниците со намера да ја престават како сексуален објект и да го нарушат нејзиното достоинство. Со оваа голем број на жени кои беа жртви во тие групи беа подложени на јавен срам, заплашувани, вознемирувани секој ден од непознати лица кои дошле до нејзиниот лични податоци. И тука системот затаи, сексуалното вознемирување на работно место е предвидено во нашата законска регулатива, но сексуалното вознемирување на јавен простор, а особено кога зборуваме за онлајн-насилство, исполнето со закани и говор на омраза, кај нас најчесто поминуваат со одговор од институциите дека сторителот не може да се пронајде, или дека не знаат дали се работи за лажен профил или не. Според податоците со кои ние располагаме, а се од спроведени истражувања на други граѓански организации 47% од жените кои биле опфатени со истражувањето изјавиле дека добиле порака со вулгарна содржина на социјалните мрежи, а 26% добиле фотографии од гениталиите на испраќачот.

Дополнително правиме редовен мониторинг на спроведените активности предвидени во Акцискиот план, и објавуваме Извештај што спровела државата од донесувањето на планот. Дополнително преку директна помош и поддршка на жените жртви на насилство и семејно насилство работиме на подигнување на свеста кај нив и ја даваме потребната поддршка за пристап до специјализираните сервиси што им се на располагање. Според истражување на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, како и истражувањата на релевантни здруженија на граѓани коишто се занимаваат со оваа проблематика, во нашата земја секоја трета жена е жртва на семејно насилство.

Голем проблем за жртвите на насилство е немањето излез од ситуацијата со оглед на тоа што тие се соочуваат со финансиски проблем и со проблем на домување. Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство ја дефинира за прв пат реинтеграцијата и рехабилитацијата на жртвите на насилство во општеството. Овој закон е во согласност со Европските стандарди и Истанбулската Конвенција и во него се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето на мерки за заштита и превенција од родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство. Дополнително во поимникот на овој закон се дефинирани и поимите за род, пол, родово-базирано насилство, жена, жртва, родов идентитет, сексуална ориентација, семејно насилство, насилство врз жени, трансродово лице итн.. како и забраната за дискриминација врз сите овие основи. Овој закон ги дефинира „Сексуално насилство и силување“ како секое дело од сексуална природа од страна на кој било дел од телото или предметот врз телото на друго лице без негова/нејзина согласност. Ова е првиот закон што го дефинира овој вид на насилство врз жените преку концептот на согласност. Основни начела на законот се: недискриминација, забрана за виктимизација, поддршка на ранливи жени, соодветно прилагодување за жени со попреченост, родово одговорни политики и зајакнување на жените жртви на насилство. Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство предвидува и воспоставување на специјализирани услуги за помош и поддршка на жените жртви на различни форми на родово базирано и семејно насилство. Новиот закон ја дефинира реинтеграцијата на жртвите на насилство (член 99), за прв пат во системот на заштита и превенција од насилство врз жени и семејно насилство, каде што преку посебна програма за реинтеграција на жртви на насилство, ќе се обезбедат следниве услуги: привремена домување, психолошко советување, финансиска помош специјално наменета за жени жртви на насилство, можности за образование и обука од различни области, како и помош при вработување. Овој закон започна да се применува од 06.05.2021 година, а подготовката на оваа Програма во чија надлежност е на Министерството за труд и социјална работа е сеуште во тек.

За да се подобри состојбата во нашето општество треба гласно да се говори за состојбата со насилството во државата. Да се укаже дека не е нешто што се случува само зад затворени врати. Насилството врз жените не е приватна работа туку е општествен проблем и истото мора да се пријави за да може да се реагира и да се прекине тој ,,круг на насилни дејствија”. Клучни се тука институциите. Тромоста и недовербата кон институциите не значи дека нема да се постапи и да им се даде соодветната помош и поддршка на жртвите. Тука се и здруженијата на граѓани, кои несебично се заложуваат за секој пријавен случај индивидуално. Стравот и срамот во случаи на семејно насилство е голем, но повеќе од потребно е кампања преку која ќе се подигне свеста кај жените. Покрај модринки и физичка болка, треба да се работи на препознавањето и на другите форми на насилство, економско, психичко како и силувањето од интимен партнер. Насилството остава трајни траги и последици кај жртвите, па оттука секоја форма на насилство треба итно да биде пријавена од жртвата и уште поитно санкционирана од нашиот систем.

Ана Аврамоска Нушкова е членка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Фотографии: Jung Cheng Lin

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото