Минатото што ни претстои

28.09.2021 09:01
Минатото што ни претстои

Георги Господинов е добитник на главната награда на шестото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Фестивалот им е посветен на малите фикции и на експерименталните книжевни форми. Годинава фестивалот специјално им е посветен на сликовниците.

Во продолжение пренесуваме три мали фикции од книгата на Господинов „Сите наши тела“, во издание на Или Или од 2019 година.

Цртежите во блоков се од сликовницата „Свадби меѓу животни и нешта“ од Георги Господинов и Раја Господинова. Издание на Или Или од 2020 година.

 

 

Грешка

 

Таа има пет години. Ги наредила сите кадифени животни на земја и ги прашува: „Како сте денес, деца?“

Минува зад нив и одговара во нивно име: „Подобро од утре...“

Дали се збуни, си мислам од другата соба. Обично велиме: „Подобро од вчера“. „Подобро од утре“ е, како да речам, со зголемен степен на вознемиреност. Кога ли една грешка станува знак.

 

Апории на возраста

 

– Тие што се родени пред нас, секогаш изгледаат повозрасни, нели? Дури кога и на фотографиите татко ти е на твои години, тој сепак изгледа повозрасен од тебе.

– Не само што изгледаат, туку и навистина се.

– Да, секој, што е роден пред нас е постар од нас.

– Како што и секој што е роден по нас, ќе биде соодветно на тоа и помлад.

– Со други зборови, ние, што сега, во овој извадок од времето, ја населуваме земјата и сме актуелните живи, ако ми дозволиш да го воведам тој поим, сме најмладите жители на светот, земен во неговата историска дијахронија.

– Да, така излегува.

– Но, во исто време, историски погледнато, јас сум на повеќе години одошто биле моите предци, затоа што на моите сум ги додал и нивните години. Детето што сега се раѓа е повозрасно од Сократ. Мојата ќерка е поголема од мене затоа што стапнува на рамената на моите години.

– Излегува обратното на тоа што го тврдевме претходно – дека ние, актуелните живи, сме најмладите во оваа вселена.

 – Тоа го велам и јас. Излегува дека, всушност, ние сме највоз_расните и најмладите во однос на еден ист момент. А постарите од нас допрва треба да се родат.

– Добро звучи ова. Постарите од нас допрва треба да се родат.

 

Минатото што ни претстои

 

Ајмара се вика тоа племе од Андите. Мала етничка група чиишто гестови за минатото и за иднината изгледаат вака. Кога зборуваат за нешто што претстои, тие покажуваат назад, зад грбот. Кога зборуваат за минатото, покажуваат со рака пред себе. Затоа што минатото е веќе пред нашите очи, ете го, се случило, стои пред нас. Иднината е зад нас, зад нашиот грб, невидливо и неочекувано. Никогаш не знаеме што ќе нè стигне. Да, иднината нè стигнува.

Многу е поразлично од културата од која сме ние излезени. Ни се чини толку природно иднината да ни претстои – да стои пред нас, а на минатото да сме му свртеле грб.

Каква ќе биде нивната приказна за жената на Лот? Можеби вртењето назад е нејзиното спасение, а не проклетство. Сврти се назад кон иднината за да не се претвориш во столб од сол.

Се обидувам да ги прифатам и двете логики на времето, таа на Ајмара и овдешната. Додека одам напред и се претворам во минато.

Превод: Душко Крстевски

Избор: П. В.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото