Промоција на публикацијата „Нашиот пат“ – 25 женски приказни од историјата

28.09.2021 12:50
Промоција на публикацијата „Нашиот пат“ – 25 женски приказни од историјата

Публикацијата „Нашиот пат“, на Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска и Ивана Драгшиќ, која претставува збирка на 25 женски приказни од историјата, ќе биде промовирана на 1 октомври во кафе-книжарницата „Буква“, во организација на Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк.

Книгата претставува водич по културната, политичката и географската траекторија на Северна Македонија, во чијшто тек учествувале избраните 25 жени.

„Книгата зборува за жени кои замислиле подобар заеднички свет и дејствувале активно; го создавале на воениот фронт, во науката или во социјалниот живот: курирки на народните движења, неформални министерки за социјална правда, партизанки, политичарки, писателки, уметници, први индустриски работнички, културни работнички, борки за човекови права, но и антагонистички мисионерки“, објаснуваат авторките.

На промоцијата ќе се обратат и трите авторки Хаџиевска, Коцевска и Драгшиќ, кои ќе зборуваат за феминистичката страна на местата и приказните поврзани со нив, но и за процесот на документација и прибирање на материјалите.

Проектот „Жени за жени“ (WoW – Women on women) се фокусира на родовата еднаквост преку феминистичката перспектива, следејќи го наследството на жените од позицијата на жените од различни социјални и културни позадини.

За време на настанот, книгата, во пакет со хрватската и словенечката публикација со иста тематика ќе бидат бесплатни, но во ограничен број.

„Во време кога се чини дека секојдневно се наоѓаме на некаква општествена, културолошка и политичка крстосница, овие приказни се потенцијална мапа за изнаоѓање на алтернативни начини на дејствување. Овие жени и места, како и приказните што ги спојуваат, не се паралелни или секундарни наративи, туку една од двете историски артерии во срцето на денешното општество, често изоставена од историите на градење и уривање на многу локални светови“, објаснуваат авторките.

Достапна е и онлајн мапирана архива од приказните од македонското, хрватското и словенечкото издание, која е достапна тука.

Овој проект е поддржан од Програмата Креативна Европа на Европската Комисија, ФРИДА – фонд за млади феминистки, Министерство за култура на Република Северна Македонија и фондацијата Квина тил квина. Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. - Скопје. го спроведува проектот заедно со Mesto žensk од Љубљана, VoxFeminae од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.

ОкоБоли главаВицФото