Векот на шарениот и опоменувачки космос на Станислав Лем

29.09.2021 00:24
Векот на шарениот и опоменувачки космос на Станислав Лем

Во „Осмото патување“, кратка приказна на Станислав Лем, вонземјани од другата страна на универзумот се собираат во Генералното собрание на Обединетите планети. Јунакот на Лем, патник низ вселената, Ихон Тихи, гледа едно премногу самоуверено суштество кое истапува и моли Земјата да се прими во оваа организација. Планетата - чие име го изговара погрешно, како „Змммја“ - е дом на „елегантни, пријателски настроени цицачи.“

Се чини дека неговите аргументи се уважени сè додека еден друг вонземјанин не стана и не почна да ги набројува сите лоши страни на човештвото, меѓу кои се јадењето месо, војната и геноцидот. Тихи слуша како вонземјаните нè омаловажуваат, како нè прогласуваат за корумпирани, велат дека нашата планета е само безначајна точка на нивниот интергалактички радар.

Оваа космичка перспектива - предизвикувачка но меланхолична - е едно од главните обележја на Лем, иконата на научната фантастика, кого читателите ширум светот го знаат по романот „Соларис“ објавен 1961 година. Во текот на кариерата долга шест децении стана најпреведуваниот полски писател на сите времиња, а во неговите книги често се заземаат гледишта кои не се човечки - размислуваат и зборуваат вонземјани, роботи, свесен суперкомпјутер, па дури и една планета. Сите тие со своите гласови решаваат филозофски дилеми.

Годинава Полска ја слави стогодишнината од раѓањето на Лем со низа настани: изложби, конференции и фестивали, но и отворање нов културен простор, Лемов центар за книжевност и учење.

На Лем ќе му биде оддадена почест и на Меѓународната вселенска станица и на Инстаграм профилот FoodLemology, кој го управува Полскиот институт од Тел Авив. Тие ги подготвуваат и фотографираат оброците кои ги опишуваше писателот во своите книги - тука се, да речеме, „вселенскиот шампањ“, и сокот од кактус и хамбургерите со алги. Издавачката куќа МИТ Прес исто така се вклучи во прославата, па ќе објави осум нови англиски преводи од делата на Лем.

„Во Полска се гордеме со него“, вели Марчин Банијак, портпарол на матичната издавачка куќа на Лем, „Wydawnictwo Literackie“. Оваа издавачка куќа потпиша договор со Лем уште во 1955 година и со него соработуваа сè до неговата смрт во 2006 година.

„Во моментов е баш популарно да се чита Лем како пророк“, додава.

Слоганот на Годината на Лем е „Ја видов иднината“, зашто тој мошне прецизно предвиде многу културолошки и технолошки промени. Неговиот роман „Враќање од ѕвездите“ имаше е-читачи на книги, додека неговото документарно дело „Summa Tachnologiae“ ја антиципираше виртуелната реалност (која Лем ја нарекуваше „фантоматика“), интернет пребарувачите, нанотехнологијата и сингуларитетот.

Библиографијата на Лем вклучува 18 романи, 14 антологии со кратки приказни и 14 други дела - во кои е еден цел универзум на „тежок сај-фај“ (што значи дека ги почитува научните вистини), роботски басни, сатира, есеи, интервјуа, мемоари, како и збирка рецензии на непостоечки книги (со наслов „Совршен вакуум“, ова дело почнува со мета-метатекстуална рецензија на самата книга).

Во педесеттите години од минатиот век Полска беше далеку зад Железната завеса, а во неа Лем создаде сопствен бренд на научна фантасика, различен од она што беше популарно во САД. Внимателно ги следеше научните откритија и теориите од својата доба и своето внимание го насочи и на патувањето низ вселената, хемијата, генетскиот инженеринг и математиката. Сето тоа беше вградено во книжевниот израз достоен на Борхес, Болањо, Флан О'Брајан.

Агнеса Гајевска, професорка по полски јазик на Универзитетот Адам Микјевич, вели дека во визиите на Лем за иднината може да се видат траги од минатото, вклучувајќи го и военото искуство од Лавов на авторот, град кој ѝ припаѓаше на Полска кога се роди Лем во 1921 година, но сега е дел од Украина. Таа го истражи овој континуитет во својата книга „Холокаустот и ѕвездите: Минатото во прозата на Станислав Лем“.

Студијата на Гајевска изнесува непознати биографски детали, иако и самиот Лем криел некои од нив. Имал 20 години кога нацистите влегле во Лавов, а Гајевска опишува како преживеал со лажно име, криејќи се со своите родители.

„Укажуваше на опасностите од технологијата, која влијае на нашите животи и ги трансформира општествените односи“, вели таа. „Но зад овие песимистички визии се наоѓа длабокото уверување дека, доколку само ја сфатиме опасноста, можеме да ја спречиме“.

Томаш Лем, син и наследник на писателот, во мејл ни рече дека неговиот татко почнал како оптимист, за да заврши со сомнеж во иднината.

„Хронолошки гледано, би можеле да кажеме дека постоеја најмалку три Лема“, вели тој. „Многу младиот пишуваше безначајни романи и научна фантастика, средовечниот пишуваше фикција за науката (и не поднесуваше кога тоа го нарекуваа 'научна фантастика'), а зрелиот се насочи кон филозофски есеи.“

Во комунистичка Полска после војната, Лем ја искуси и цензурата, а веројатно се цензурираше и самиот за да преживее како писател. Во шеесеттите години Лем редовно мораше да се соочува со цензорите, иако потоа уживаше некаква слобода заради својата популарност.

Постои еден познат цитат од „Соларис“ кој го изговара еден од меланхоличните астронаути: „Не ни требаат други светови. Ни требаат огледала.“ Лем ни го подари и едното и другото.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

Свет / Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото