Георги Господинов ја чита омилената сликовница

29.09.21 12:19

Георги Господинов е добитникот на главната награда на шестото издание на фестивалот „Друга приказна“, кое ќе се одржи на 1 и 2 октомври 2021 во Пионерскиот дом „Карпош“, од 18:00 до 21:00 часот.

Овогодинешното издание на фестивалот е посветено на СЛИКОВНИЦИТЕ.

По тој повод, Господинов ја прочита својата омилена сликовница „Мајкина солза“ од Ангел Каралијчев , со илустрации на Љубен Ѕидаров. Преводот на обраќањето го направи Дарин Ангеловски.

Главниот настан на фестивалот ќе биде „Читање на омилените сликовници“ во кој ќе учествуваат Ана Голејшка Џикова, Никола Гелевски, Срѓан Јаниќиевиќ, Јана Јакимовска, Исток Улчар, Ѓорѓе Јовановиќ, Ангела Стојановска, Драгана Дрндаревска, Амернис Нокшиќи...

Организатор на фестивалот е издавачката куќа Темплум. 

Овде погледнете дел од одговорите што ги добивме на анкетата Моите омилени македонски сликовници.

Сите одговори (и многу повеќе) може да најдете во новиот број на списанието „Маргина“, кое ќе биде промовирано на фестивалот „Друга приказна“ #6.


Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите: „Природен роман“( Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров, неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирката раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017), и сликовницата „Свадби меѓу животни и нешта“ (заедно со Раја Господинова; Или Или, 2020) во превод на Душко Крстевски.